Достапни линкови

Вести

Обвинение против ЕСМ и екс директор на РЕК Битола поради загадување

РЕК Битола
РЕК Битола

Јавното обвинителство во Битола поднесе кривична пријава против Електрани на Северна Македонија (ЕСМ) и против поранешен директор на РЕК Битола за кривично дело Загадување на животната средина и природата, соопшти денеска Јавното обвинителство на Република Северна Македонија.

Во соопштението е наведено дека обвинителниот акт е поднесен до Основниот суд во Битола, бидејќи во периодот од јануари 2015 година до 7 февруари 2017 година на обвинетиот директор на РЕК Битола, подружница на АД за производство на електрична енергија ЕСМ, како одговорно лице му било доверено извршување на законските и подзаконските прописи за управувањето, користењето и располагањето со имотот, раководењето со производниот потфат и надзор „во име и за сметка на обвинетото правно лице“, стои во соопштението.

„Но, тој притоа не се придржувал кон прописите за заштита на животната средина и дозволил користење на погон кој ја загадува животната средина, па спротивно па спротивно на член 6, член 13, член 14 и член 15 од Законот за заштита на животната средина, дозволил отпепелувањето на пепелта која се добива во процесот на производство на електрична енергија од јаглен во РЕК Битола на одлагалиштето за пепел да се спроведува без да се почитуваат утврдените правила и процедури за навремено покривање на пепелта со јаловина со континуирано и постојано работно ангажирање на потребната механизација на одлагалиштето“, се вели во соопштението.

Исто така се вели дека обвинетиот како директор на РЕК Битола не презел мерки за непречено обезбедување на механизација на лице место и покрај тоа што Секторот за отпепелување во рамките на ПЕ Термоелектрана при РЕК Битола постојано барал ваква механизација и како резултат на тоа на одлагалиштето во наведениот период биле одлагани големи количини пепел кои во март 2017 година достигнале површина од 50.000 м2.

„При воздушни струења пепелта се разлетувала во околината, со што е предизвикана опасност за животот и здравјето на вработените во РЕК Битола и луѓето кои живеат во населените места околу РЕК Битола. Имено, летечката пепел која се создава со согорување на јагленот содржи сулфур диоксид, азот диоксид и тешки метали чие вдишување предизвикува влошено респираторно и кардиоваскуларно здравје на населението кое работи и живее во близина на термоелектраните како РЕК Битола“, се вели во соопштението.

види ги сите денешни вести

Отворена директна авионска линија Истанбул – Охрид

Аеродром Свети Апостол Павле - Охрид
Аеродром Свети Апостол Павле - Охрид

Со слетувањето на првиот авион на „Туркиш Ерлајнс“ од Истанбул, денеска официјално беше означен почетокот на новата авионска линија кон Охрид.

Летовите на оваа релација ќе се одвиваат четири пати неделно – во понеделник, четврток, петок и недела. За оваа линија, турската авиокомпанија ќе користи авиони од својата флота, меѓу кои „Ербас А321“, „Боинг 737-800“ и „Боинг 737-900“.

Надлежните очекуваат дека новата авионска врска ќе придонесе за развојот на туризмот, но и ќе има позитивно влијание врз економијата.

Првите патници од Истанбул на охридскиот аеродром беа пречекани од премиерот Христијан Мицкоски, вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски, како и од директорите на „ТАВ Аеродроми“ и „Туркиш Ерлајнс“, Серкан Каптан и Билал Екси. Присутен беше и турскиот амбасадор во Македонија, Фатих Улусој.

Дебата за Законот за медиуми: Регистрација без услов за вработени

Илустративна фотографија.
Илустративна фотографија.

Регистрацијата на онлајн медиумите не треба да биде условена со бројот на вработени, туку да се фокусира на транспарентноста на сопственоста, импресумот и регистриран мкд домејн.

Ова беше ставот на повеќето учесници на панел-дискусијата организирана од Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ) за предложените измени на Законот за медиуми.

Според учесниците, построгите критериуми, како број на вработени, треба да важат само ако медиумите аплицираат за државни субвенции или кампањски средства.

Некои од нив, сепак, сметаат дека интернет порталите треба да имаат барем еден или двајца вработени, бидејќи функционираат како деловни субјекти во медиумската сфера.

Претставникот на Министерството за дигитална трансформација, Мишко Талевски, нагласи дека предложените измени не се финални и дека ќе бидат земени предвид забелешките изнесени на дискусијата.

Според него, измените се иницијатива на здружението „Онлајн медиа мк“ и предвидуваат медиумите да исполнуваат одредени критериуми за да бидат евидентирани во регистарот.

ССНМ се залага за целосно нов закон за медиуми, усогласен со европската регулатива. Според нив, сегашните критериуми се закана за локалните и специјализираните медиуми, за кои велат дека иако се мали, креираат важни содржини од јавен интерес.

ССНМ останува на ставот дека треба да има комплетно нов закон за медиуми, усогласен со европската регулатива и со европскиот акт за слобода на медиумите.

„Ваквото решение, со овие критериуми кои се ставени во Предлог-законот што сега е во Собрание, е сериозна закана за локалните медиуми, особено за професионалните локални медиуми. Треба да се направи измена и да се намали критериумот за локалните медиуми, специјализираните медиуми и медиумите на заедниците кои, иако се мали, креираат важни содржини“, рече претседателот на ССНМ, Павле Беловски.

Претседателот на Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ), Младен Чадиковски, предупреди дека постои злоупотреба на јавните средства преку онлајн медиумите поврзани со политички партии.

Според него, професионалните медиуми, особено локалните, се соочуваат со финансиски потешкотии, додека политичките структури ја користат медиумската сфера за свои интереси.

Измените на Законот за медиуми веќе се во собраниска процедура и останува да се види дали во нив ќе бидат вградени барањата на новинарските здруженија.

Потона туристичка подморница во Црвеното Море, шестмина загинати

Поглед на областа каде што потона туристичка подморница кај градот Хургада на Црвеното Море, Египет, 27 март 2025 година.
Поглед на областа каде што потона туристичка подморница кај градот Хургада на Црвеното Море, Египет, 27 март 2025 година.

Шест лица загинаа, а девет се повредени откако туристичка подморница потона во Црвеното Море за време на излет кај египетското летувалиште Хургада, соопштија египетските власти.

Во подморницата имало 45 туристи од различни националности, соопшти властите на административно територијалната единица Црвено Море.

Патниците ги разгледувале коралните гребени.

Ваквите патувања претходно беа вообичаени, но повеќето се суспендирани поради заканата од војна во јужниот регион на Црвеното Море, пишува АП.

Започна средбата на лидерите на „Коалицијата на подготвените“ за поддршка на Украина

Самит на „Коалицијата на подготвените“ за поддршка на Украина во Париз, 27 март 2025 година
Самит на „Коалицијата на подготвените“ за поддршка на Украина во Париз, 27 март 2025 година

Во Париз денеска (27 март) започна состанок на државните лидери посветен на поддршката на Украина и постигнување праведен и траен мир, објавено е на официјалната веб-страница на украинскиот претседател Володимир Зеленски.

На состанокот присуствуваат претседателите на Украина, Франција, Литванија, Финска и Кипар, вршителот на должноста претседател на Романија, канцеларот на Германија, како и премиерите на Велика Британија, Белгија, Бугарија, Данска, Шпанија, Хрватска, Естонија, Грција, Ирска, Исланд, Италија, Латвија, Луксембург, Холандија, Португалија, Норвешка, Норвешка, Шведска.

На средбата присуствуваат и потпретседателот на Турција, претседателите на Европскиот совет и на Европската комисија, како и генералниот секретар на НАТО.

Австрија, Австралија и Канада се застапени на амбасадорско ниво.

Лидерите ќе разговараат за продолжување на поддршката за Украина, зајакнување на украинската армија и одбранбената индустрија, кои се сметаат за клучни елементи на безбедносните гаранции за земјата.

Посебен фокус ќе биде на мировните преговори и механизмите за спроведување на првите чекори кон прекин на огнот. На состанокот ќе се разговара и за можноста за распоредување мировни сили во Украина како дел од идното мировно решение со поддршка на САД.

Францускиот претседател Емануел Макрон вчера на заедничка прес-конференција со Зеленски изјави дека предлогот за мировен контингент, поддржан од Франција и Велика Британија, не предвидува негово распоредување директно на линијата на фронтот.

Набљудувањето на прекинот на огнот, рече тој, може да му биде доверено на друг контингент, потенцијално под покровителство на Обединетите нации

Израелскиот парламент го одобри клучниот закон од контроверзните судски реформи

Израелскиот парламент (архивска фотографија)
Израелскиот парламент (архивска фотографија)

Израелскиот парламент во четврток (27 март) го одобри клучниот закон кој е дел од контроверзната судска реорганизација на земјата. Критичарите велат дека со законот има за цел да се овозможи поголемо политичко влијание при назначувањето на судиите.

Правните експерти постојано предупредуваат дека реорганизацијата на судството што ја турка десничарската влада ја загрозува израелската демократија.

Новиот закон предвидува деветчлената комисија за именување судии, наместо двајца претставници на адвокатската комора, да биде составена од еден адвокат избран од власта и еден адвокат избран од опозицијата. Дополнително, предвидено е право на вето за претставниците на извршната власт при изборот на судии.

Вкупно 67 од 120 членови на парламентот, или Кнесетот, гласаа за предлогот по повеќечасовна дебата.

Опозицијата го бојкотираше гласањето и најави дека ќе го укине законот доколку ја формира идната влада на Израел. Против законот најавени се и тужби пред Врховниот суд.

Десничарскиот конзервативен премиер Бенјамин Нетанјаху и неговите сојузници долго време го критикуваат судскиот систем во Израел дека е премногу моќен и дека премногу се меша во одлуките на извршната власт.

Плановите на неговата влада за реорганизација на судството доведоа до повеќемесечни масовни протести и предупредувања за уништување на демократската рамнотежа во земјата.

Кина ја отфрли понудата на Трамп за царински олеснувања во замена за продажба на ТикТок

илустрација
илустрација

Кина денеска ја отфрли понудата на американскиот претседател Доналд Трамп дека ќе и даде царински отстапки во замена за продажба на апликацијата TикТок, во сопственост на кинеската компанија „Бајтденс“ (ByteDance).

„ТикТок“ е под закана дека ќе биде забранет во САД, доколку нејзината кинеска матична компанија „Бајтденс“ не се согласи да го продаде својот удел во своите операции во САД.

„Кога станува збор за TикToк, Кина постојано го изразуваше својот став. Позицијата на Кина против наметнување дополнителни царини е исто така кохерентна и јасна“, рече Гуо Диакун, портпарол на кинеското Министерство за надворешни работи.

Американскиот претседател Доналд Трамп синоќа (26 март) изјави дека би можел да ги намали тарифите за Кина за да помогне во затворањето на договорот за продажба на TикToк, кој е под закана од забрана во САД.

„Кина ќе мора да игра улога (во продажбата на апликацијата), можеби тие ќе мора тоа да го одобрат, а тоа ќе го направат, можеби ќе им дадам мало намалување на царините“, рече Трамп синоќа, говорејќи во Белата куќа.

Тој ова го изјави вчера кога најави нови увозни тарифи од 25 отсто за сите автомобили и автоделови кои влегуваат во САД.

Судот ослободи од притвор двајца турски новинари и еден фотограф на АФП

Протести против апсењето на истанбулскиот градоначалник Екрем Имамоглу во Турција
Протести против апсењето на истанбулскиот градоначалник Екрем Имамоглу во Турција

Турски суд одлучи денеска (27 март) да го ослободи фотографот на новинската агенција АФП, Јасин Акѓул, кој беше уапсен неделава од турските власти под обвинение дека учествувал во забранетиот протест, што како новинар го следел во Истанбул, објави АФП, повикувајќи се на неговиот адвокат и Турската асоцијација за медиуми и правни истражувања за човекови права (MLSA).

Денеска беше донесена и судска одлука за ослободување на уште двајца од шесте други новинари приведени по истото обвинение во понеделникот во Истанбул, кои исто така беа уапсени. Станува збор за хонорарниот фоторепортер Булент Кулач и репортерката Зејнеп Курај.

Во текот на денешниот ден се очекува тројцата да бидат ослободени од притвор.

Новинарите беа уапсени во раните утрински часови во понеделникот во нивните домови под обвинение за учество во собири забранети од владата што ја зафатија земјата поради апсењето на опозицискиот градоначалник на Истанбул, Екрем Имамоглу на 19 март, пренесуваат француските медиуми.

Притворот на новинарите го осудија голем број новинарски организации.

Судот на БиХ нареди издавање меѓународни потерници за Додик и Стевандиќ

Премиерот Радован Вишковиќ, претседателот Милорад Додик и претседателот на Народното собрание на Република Српска Ненад Стевандиќ во Бања Лука, БиХ, 12 март 2025 година
Премиерот Радован Вишковиќ, претседателот Милорад Додик и претседателот на Народното собрание на Република Српска Ненад Стевандиќ во Бања Лука, БиХ, 12 март 2025 година

Судот на Босна и Херцеговина издаде наредба за распишување меѓународна потерница за претседателот на Република Српска, Милорад Додик и претседателот на Националното собрание на тој ентитет, Ненад Стевандиќ.

„Издавањето налог за апсење е во надлежност на Националното централно биро на Интерпол“, потврди Судот на БиХ за Радио Слободна Европа на 27 март лица.

Како основа за издавање на налогот за апсење, Обвинителството на БиХ наведе дека Додик и Стевандиќ „користејќи ги високите позиции во ентитетот Република Српска, ги избегнале законски пропишаните процедури за гранична контрола, ја преминале државната граница и ја напуштиле Босна и Херцеговина“.

Судот на БиХ изјави дека осомничениот Додик моментално се наоѓа во Израел, а дека осомничениот Стевандиќ, избегнувајќи ги законски пропишаните контроли, дури на 18 март 2025 година се вратил во БиХ од Србија.

„Сè укажува на веројатноста Додик и Стевандиќ да бидат во странство во секој момент“, соопшти Судот на БиХ.

Додик, Вишковиќ и Стевандиќ се осомничени за напад на уставниот поредок, а по нив е распишана централна потерница во Босна и Херцеговина. Секоја од 16-те полициски агенции во Босна и Херцеговина треба да ги уапси.

Каде е Додик?

Милорад Додик, претседателот на ентитетот Република Српска, е во Израел, каде што учествува на конференција за антисемитизам во Ерусалим во среда и четврток 26 и 27 март, додека за негово апсење е распишана потерница во Босна и Херцеговина.

Додик претходно пристигна во Израел со владин авион на РС од Белград.

Ден претходно, под сè уште неразјаснети околности, тој ја премина границата меѓу Босна и Србија, кога отиде во Батајница, во близина на Белград, да ја одбележи годишнината од бомбардирањето на НАТО.

Граничната полиција на БиХ соопшти дека води истрага за преминувањето на државната граница од страна на Додик, а на меѓународниот граничен премин Рача меѓу Босна и Херцеговина и Србија нема гранични порти.

Што му претходеше на барањето за притвор?

Барањето за приведување на највисоките функционери на РС доаѓа за време на турбулентниот период што уследи по првостепената пресуда на Додик на 26 февруари пред Судот на БиХ на една година затвор и шестгодишна забрана за вршење јавна функција поради непочитување на одлуките на високиот претставник.

Ден по пресудата, Националното собрание на РС усвои неуставни закони со кои се обиде да ја забрани работата на Судот и Обвинителството на БиХ, Државната агенција за истрага и заштита (СИПА) и Високиот судски и обвинителски совет во тој ентитет.

На 7 март Уставниот суд на БиХ донесе времена мерка и го запре спроведувањето на законите донесени од ентитетскиот парламент.

Потоа, властите на РС продолжија со своите неуставни активности, вклучително и разгледување на нов Устав на ентитет на парламентарната седница на 12 март, кој предвидува РС да биде „држава“, формирање ентитетска војска и укинување на Советот на народите на РС.

Во Париз се оддржува самит на „Коалиција на подготвените“ за мир и безбедност во Украина

Францускиот претседател Емануел Макрон
Францускиот претседател Емануел Макрон

Францускиот претседател Емануел Макрон денеска (27 март) организира уште еден самит на „Коалицијата на подготвени “ за мир и безбедност за Украина, по низата состаноци одржани во Париз и Лондон во последните недели со цел да се воспостават безбедносни гаранции за Киев како дел од можниот иден мировен договор со Русија, што се обидуваат да го постигнат САД, предводени од Доналд Трамп.

Самитот, како што рече Макрон минатата недела, треба да овозможи „финализирање“ на работата на договорот за воена помош за Украина „на краток рок“, според „постојаниот и одржлив модел на украинската армија за спречување на руските инвазии“ во иднина и за „безбедносните гаранции што можат да ги донесат европските армии“, вклучително и копнено распоредување на украинска територија.

Проблематичното прашање за испраќање војници на украинска територија во случај на прекин на огнот со Русија ќе биде во фокусот на денешниот самит, наведува телевизијата БФМ.

Како што соопштија од француското претседателство, целта на состанокот ќе биде да се извлечат „оперативни заклучоци“, а агендата ќе се заснова на четири главни точки, од кои првата е натамошната воена поддршка на Украина и придонесите на секоја земја поединечно. Потоа ќе се разговара за модалитетите на „целосно примирје“, како и за подготовките за периодот што би следел по потенцијалното примирје.

Конечно, учесниците на самитот ќе разговараат за условите за распоредување на европските сили во Украина за гарантирање на мирот-иницијатива за која се залагаат пред се Макрон и британскиот премиер Кир Стармер. Оваа последна точка најверојатно ќе биде предмет на жестока дебата, со оглед на тоа што неколку европски земји веќе се спротивставија на идејата или покажаа значителни резерви во овој поглед.

Според дипломатски извор, на денешниот самит се поканети над 20 земји и од ЕУ и од НАТО, меѓу кои Велика Британија, Канада, Норвешка и Турција, а вчера во Париз пристигна и украинскиот претседател Володимир Зеленски.

На самитот ќе присуствуваат триесетина сојузнички земји, кои се подготвени да продолжат да и помагаат на Украина и да даваат безбедносни гаранции за евентуално примирје меѓу Москва и Киев, јавуваат француските медиуми.

Тоа ќе биде трета средба од ваков вид по состаноците во Париз на 17 февруари и во Лондон на 2 март.

Макрон вчера го прими Зеленски во Елисејската палата како подготовка за самитот на земјите од „Коалицијата на подготвените“, како што соопшти француското претседателство. Украинскиот претседател пред средбата изјави дека би сакал да знае „кој е подготвен“ да учествува во мировниот контингент во Украина.

Зеленски побара „поголема отпорност“ пред разговорите за европската одбрана

Украинскиот претседател Володомир Зеленски и францускиот претседател Емануел Макрон
Украинскиот претседател Володомир Зеленски и францускиот претседател Емануел Макрон

Украинскиот претседател Володимир Зеленски ги повика украинските партнери да бидат „барем онолку отпорни колку што сме ние“ во однос на условите што Русија ги постави за спроведување на договорот за прекин на огнот во Црното Море.

Зеленски, зборувајќи за новинарите во Париз пред состанокот на европските лидери на 27 март, рече дека се согласил да продолжи со разговорите за прекин на огнот во Саудиска Арабија за да се обезбеди продолжување на американската помош и размена на разузнавачки информации.

Белата куќа соопшти дека разговорите резултирале со договор „да се развијат мерки за спроведување“ на неодамнешните обврски за запирање на нападите врз енергетските капацитети и прекин на огнот во Црното Море.

Но, Русија бара да се исполнат голем број услови, вклучително и олеснување на санкциите, во замена за придржување до договорот.

„Тие поставуваат услови за санкции на американската страна. Ако Америка остане силна, ние стоиме на сопствената земја и се браниме“, рече Зеленски и додаде:

„Ја покажавме нашата издржливост. И сега е многу важно нашите партнери да бидат барем толку издржливи како нас, иако имаат повеќе способности“, им рече тој на новинарите.

На прашањето дали верува дека Американците ќе останат силни, тој одговори:

„Се надевам дека е така. Бог да ги благослови тие“.

Зеленски, исто така, рече дека про-Кремљ коментарите укажуваат дека некои од американската страна биле „под влијание“ на руските наративи за конфликтот, што го ослабува притисокот врз Русија.

„Не можеме да се согласиме со овие наративи. Се бориме за себе и ќе се бориме против овие наративи каде и да се појават, бидејќи едноставно нема друг начин“, рече тој.

Тој ги наведе коментарите на американскиот претставник за Блискиот Исток Стив Виткоф, за кој рече дека „често ги повторува наративите на Кремљ“.

„Разговарав со претседателот Трамп многу пати и работиме на разузнавачко ниво за да размениме вистински, вистинити информации. Затоа што изјавите на Виткоф се главна пречка за нас“, вели Зеленски.

Тој се состана со францускиот претседател Емануел Макрон во Париз, кој на 27 март ќе биде домаќин на делегации од „коалицијата на подготвените“ - група сојузници на Украина кои сакаат да му помогнат на Киев и да обезбедат траен прекин на огнот со Русија.

„Ова е одлучувачка фаза за ставање крај на војната за агресија“, рече Макрон на заедничката прес-конференција со Зеленски на 26 март.

Макрон ја обвини Русија дека покажува „желба за војна“ и инсистираше на тоа дека Москва мора да го прифати 30-дневниот прекин на огнот „без предуслови“.

Американскиот државен секретар Марко Рубио рече дека Вашингтон ќе ги процени условите на Москва.

„Ќе го оцениме тоа. Некои од тие услови вклучуваат санкции кои не се наши - тие припаѓаат на Европската Унија“, рече Рубио на прес-конференција во Јамајка на 26 март. Макрон, сепак, во Париз рече дека нема да ги укине санкциите бидејќи е „премногу рано“ за тоа.

Стејт департментот соопшти дека Рубио на 26 март разговарал со францускиот министер за надворешни работи Жан-Ноел Баро за ставање крај на руско-украинската војна.

Рубио ја нагласи „одлучноста на Трамп да постигне траен мир преку преговори и нагласи дека Соединетите Држави ќе продолжат да работат со Франција кон таа цел“, рече портпаролката Тами Брус во изјавата.

Американскиот министер за финансии Скот Бесент во интервју за Фокс њуз на 26 март рече дека верува оти Трамп „нема да се двоуми да ги заостри санкциите, доколку тоа му даде предност во преговорите“. Тој додаде дека заострувањето или олеснувањето на санкциите ќе зависи од понатамошните активности на руското раководство.

Бесент, исто така, рече дека САД и Украина би можеле да потпишат договор за природни ресурси следната недела.

„Дадовме завршен документ за економско партнерство. Тој во моментов се разгледува од страна на Украинците и се надеваме дека целосната дискусија ќе започне следната недела и можеби дури и ќе бидат ставени потписи“, рече Бесент.

Договорот требаше да биде потпишан на 28 февруари за време на последната посета на Зеленски на Вашингтон, но церемонијата на потпишување беше одложена по жестоката дискусија меѓу Зеленски, Трамп и потпретседателот Џеј Ди Венс во Овалната соба.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG