Американскиот претседател Доналд Трамп во средата (19 март) за време на разговорите со украинскиот претседател Володимир Зеленски предложи САД да ја преземат сопственоста на украинските електрани, додека тој се обидува да го премости јазот меѓу Москва и Киев и да обезбеди прекин на огнот во повеќе од тригодишната војна.
Трамп му рекол на Зеленски дека американската сопственост на снабдувањето со електрична енергија во Украина и нуклеарните централи „би била најдобрата заштита за таа инфраструктура“, се вели во соопштението на Белата куќа за разговорот.
Предлогот го одразува верувањето на Трамп дека американското поседување на украинскиот имот ќе послужи како безбедносна гаранција за земјата разурната од војна, бидејќи Русија ќе се воздржи од напад врз нив поради страв од ескалација со САД.
Барањето на Киев за безбедносни гаранции лежи во срцето на шатл-дипломатијата меѓу Украина, Русија и САД, што е започната со цел да се обезбеди мировен договор.
За време на разговорот, кој Белата куќа го опиша како „фантастичен“, Трамп вети дека ќе размисли за купување повеќе противвоздушни ракетни системи „Патриот“ за Украина, додека Зеленски се согласи Украина да не ја нападне руската енергетска инфраструктура 30 дена.
Во објава на социјалните мрежи, Трамп рече дека целта на разговорот со Зеленски е „да ги натера Русија и Украина да се усогласат со нивните барања и потреби“.
За Трамп ставањето крај на војната во Украина, во која повеќе од еден милион луѓе беа убиени или ранети, е еден од главните приоритети на неговата администрација.
Сепак, двете страни остануваат оддалечени за клучните прашања како што се размената на територии и безбедносните гаранции за Украина, додека администрацијата на Трамп ќе мора да користи и „стапови и моркови“ за да ги приближи.
Трамп досега главно вршеше притисок врз Украина, привремено задржувајќи ја воената помош за да го принуди Зеленски да се согласи на 30-дневен безусловен прекин на огнот.
За време на неговите разговори со Трамп ден претходно, Путин го отфрли предлогот на американскиот претседател за целосен прекин на огнот и наместо тоа, прифати привремено запирање на нападите врз енергетската инфраструктурата, што ќе биде прва деескалација на војната. Зеленски потоа го прифати тоа.
Рускиот лидер Путин се согласи да ги продолжи разговорите со САД за постигнување целосен прекин на огнот. Американските преговарачи ќе се сретнат со украинските и руските колеги во наредните денови за да работат на продолжување на делумниот прекин на огнот на Црното Море.
Експертите предупредија дека Путин ќе се обиде да ги одолговлекува преговорите додека неговите сили имаат предност на бојното поле.
Русија сака целосно да ги контролира четирите региони на Украина за кои тврди дека ги припоила до 2022 година. Таа цел нема да биде исполнета доколку сега се согласи на целосен прекин на огнот.
Трамп се закани дека ќе воведе остри санкции и царини за Русија доколку Москва го отфрли договорот за прекин на огнот, но не прецизираше краен рок, давајќи му на Кремљ „мала слобода“.
Експертите се прашуваат дали Трамп би извршил силен притисок врз Русија со оглед на неговиот однос со Путин.
„Трамп покажа дека може да го притисне Зеленски. Дали е подготвен и дали може да изврши притисок врз Путин? Ако не, тогаш што ќе направи? Путин јасно става до знаење дека не ги менува своите цели“, изјави за РСЕ Марк Кац, експерт за Русија и почесен професор за влада и политика на Универзитетот Џорџ Мејсон.
Ветувањето на Путин
Набргу откако Путин се согласи да не ги напаѓа украинските енергетски објекти и инфраструктура, Русија погоди две болници и железничка електрана,при што беа повредени неколку луѓе.
По нападот, Зеленски рече дека ветувањето на Путин е „на голема оддалеченост од реалноста“.
Украинскиот лидер рече дека Русија лансирала 150 беспилотни летала во текот на ноќта кон различни цели, вклучително и енергетски објекти.
Изјавата на Кремљ за разговорот на Трамп и Путин сугерираше дека опсегот на нивниот договор е ограничен на пауза во нападите врз енергетската инфраструктура, додека формулацијата во изјавата на Белата куќа малку се разликува, спомнувајќи „прекин на огнот во енергетскиот и инфраструктурниот сектор“.
„Мора да има проверки на зборовите на Путин. И САД би можеле да го предводат тој надзор. Ќе напишеме список на згради и објекти погодени од руски беспилотни летала и проектили. Ако Русите престанат да ги таргетираат нашите згради, ние ќе ги запреме нашите напади на руска територија“, рече Зеленски и додаде:
„Долг пат е прво да се постигне прекин на огнот, а потоа долгорочен мир“, додаде Зеленски.
За време на војната, Русија ја опустоши енергетската инфраструктура на Украина во обид да ги деморализира граѓаните на земјата со тоа што ги лиши од струја и греење среде зима.
Кремљ го негираше нападот, велејќи дека престанал да ги гаѓа украинските енергетски објекти и наместо тоа го обвини Киев дека извршил напади врз опрема во близина на гасовод.
Москва соопшти дека украински беспилотни летала погодиле складиште за нафта во рускиот регион Краснодар во текот на ноќта, предизвикувајќи пожар и оштетувајќи го нафтоводот што ги поврзува резервоарите за складирање, соопштија руски претставници за вонредни состојби, додавајќи дека во нападот нема жртви.
Додека Трамп вели дека неговиот разговор со Путин бил „многу добар и продуктивен“, Зеленски изрази разочарување од исходот, велејќи дека тоа покажува дека Путин не е заинтересиран за мир и дека е решен да ја „оддолжи војната“.
Во соопштението на Кремљ за разговорот се вели дека Путин „одговорил позитивно“ на иницијативата на Трамп за 30-дневна пауза во нападите врз таквата инфраструктура „и веднаш издал соодветна наредба до руската војска“.
Американскиот претставник Стив Виткоф во вторникот за Фокс њуз изјави дека новите разговори со Русија за војната во Украина ќе се одржат на 23 март во Џеда.
„Ѓаволот е во деталите. Имаме тим што оди во Саудиска Арабија, предводен од нашиот советник за национална безбедност и нашиот државен секретар, и мислам дека, знаете, треба да ги извадиме тие детали“, рече Виткоф.
Зеленски рече дека Украина е подготвена да испрати тим за понатамошни разговори за прекин на огнот со САД, истовремено повторувајќи дека Киев нема да го признае рускиот суверенитет над која било окупирана украинска територија, услов што Путин постојано го поставува за мировен договор.