Украина во вторникот се согласи на предлогот на САД за 30-дневен прекин на огнот во војната против руската инвазија, по што САД најавија дека ќе ја укинат суспензијата на воената помош.
Исходот од деветчасовните разговори во Џеда означи неверојатен пресврт помалку од две недели по судирот меѓу американскиот претседател Доналд Трамп и украинскиот претседател Володимир Зеленски.
По конфликтот меѓу двајцата лидери, САД ја прекинаа помошта и ограниченото споделување разузнавачки информации со Украина, за кое Вашингтон рече дека е воведено поради сомневањата дека Украина е посветена да бара мир.
„Украина изрази подготвеност да го прифати предлогот на САД за воведување итен, привремен прекин на огнот за 30 дена, кој може да се продолжи со заеднички договор на страните, а кој е предмет на прифаќање и истовремено спроведување од страна на Руската Федерација“, се вели во заедничкoто соопштение на двете земји.
„САД ќе и пренесат на Русија дека рускиот реципроцитет е клучот за постигнување мир“, се додава во соопштението.
Трамп рече дека средбата со Русија ќе се одржи подоцна во вторник или следниот ден.
Американскиот државен секретар Марко Рубио, кој присуствуваше на разговорите во Саудиска Арабија со советникот за национална безбедност Мајк Валц, рече дека планот за прекин на огнот ја префрла топката во рускиот двор.
Ќе им кажеме што е на маса“, рече Рубио за Русија. „Украина е подготвена да престане да пука и да почне да зборува. А сега ќе зависи од нив да кажат да или не“.
Руските власти постојано рекоа дека сакаат сеопфатен мировен договор, а не прекин на огнот или некој друг привремен аранжман.
„Делегациите разговараа и за важноста на хуманитарната помош во рамките на мировниот процес, особено за време на прекинот на огнот, вклучително и размена на воени заробеници, ослободување на цивилни затвореници и враќање на насилно раселените украински деца“, се вели во соопштението.
Покрај тоа, Украина и САД се согласија да склучат договор за заеднички развој на критичните минерали и други ресурси на Украина што е можно поскоро.
Се очекуваше договорот да биде потпишан на состанокот во Белата куќа на 28 февруари, но Зеленски си замина порано од предвиденото по расправија во Овалната соба.
„Ги поздравуваме денешните вести од Џеда за американско-украинските разговори, вклучително и предлог за договор за прекин на огнот и продолжување на размената на разузнавачки информации и безбедносната помош на САД“, изјави претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен.
„Ова е позитивен развој што може да биде чекор кон сеопфатен, праведен и траен мир за Украина. Топката сега е на теренот на Русија“, додаде таа.
Разговорите во Џеда уследија по големиот украински напад со беспилотно летало што го погоди московскиот регион и другите руски провинции во текот на ноќта, при што загинаа три лица.
Поранешниот американски амбасадор во Украина Џон Хербст пред заедничката изјава изјави дека обновувањето на разузнавачката соработка треба да се гледа како позитивен исход за Киев.
Тој рече и дека редот во идните преговори ќе биде клучен. Иако раниот прекин на огнот може да биде клучен дел од идниот мировен процес, тој нагласува дека е важно по него да следат понатамошни чекори кон траен мировен договор, како што се продолжување на воените пратки во Украина, потенцијална демилитаризирана зона и поголема улога на европските земји, вклучително и нивните војници распоредени како мировници.
„Сите овие се сериозни идеи кои се изнесени во јавноста“, рече Хербст. „Тоа можеби не е праведен мир, бидејќи праведен мир нема да резултира со тоа што Украина мора да отстапи територии, но сепак може да биде траен што ќе и отежне на Русија да ја обнови агресијата“.
Каква улога ќе играат Русија и Европа во мировните преговори?
Додека украинските и американските функционери се состанаа во Саудиска Арабија, вниманието беше свртено и кон другите двајца актери кои ќе одлучат како ќе заврши војната: Русија и европските сојузници на Киев.
Највисоки воени претставници од повеќе од 30 земји се состанаа во вторник во Париз на разговори за создавање меѓународни безбедносни сили за Украина.
Силите беа дизајнирани од Велика Британија и Франција. Нивната цел е да ја смират Украина и да одвратат уште една голема руска офанзива по прекинот на огнот. Силите би можеле да вклучат тешко оружје и залихи на оружје што би можеле да бидат испратени во рок од неколку часа или денови за да помогнат во одбраната на Украина.
Русија претходно изјави дека се противи на распоредување на европски трупи во Украина како дел од договорот.
Кремљ, исто така, зборуваше за укинување на западните санкции како дел од мировниот процес, вклучително и во Саудиска Арабија, каде американските и руските претставници одржаа разговори пред речиси еден месец.
Мари Димулен, поранешен француски дипломат и аналитичар во Европскиот совет за надворешни односи, вели дека ова им дава на европските влади одредено влијание штом ќе се спушти прашината од разговорите во Џеда.
Таа рече дека остануваат сомнежите во европските престолнини за тоа дали Русија е подготвена да направи какви било отстапки и дека Европа може да ја искористи својата понуда за безбедносни гаранции за Украина и можноста за укинување на санкциите на Европската унија кон Русија како начин да ги обликува дискусиите и во Москва и во Вашингтон.
„Ова и дава на Украина уште неколку карти на маса“, изјави Думулен за РСЕ. „Ова може да и даде простор на Украина да каже дали договорот што и се нуди е доволно добар или не.
Во соработка со украинскиот и косовскиот сервис на РСЕ