Иако се оддалечени повеќе од 1600 километри и се многу различни по големина, Косово и Украина делат заедничка борба за суверенитет - едниот од нив сè уште ги чувствува последиците од војната од пред 26 години, додека другиот се бори против Русија за да го зачува својот територијален интегритет.
Како што продолжуваат дискусиите за тоа како би можеле да изгледаат мировните сили во Украина, 25-годишното искуство на Косово со меѓународните мировни сили може да даде драгоцени искуства, доколку прекинот на огнот во војната иницирана од Русија се оствари.
Иван Вејвода, виш соработник на Институтот за хуманистички науки во Виена, вели дека секоја мировна мисија во Украина мора да ги вклучи сите страни.
„Треба да бидат вклучени сите актери, се разбира, агресорот Русија, земјата која беше нападната Украина, Европската Унија, САД, НАТО. Значи, има многу парчиња од сложувалката за успешна мировна мисија“, изјави Вејвода за РСЕ.
„Она што може да се научи е потребата да се зајакнат темелите на мирот и да се покаже политичка волја. Но, се разбира, под фер услови – особено за Украина, суверена европска земја која беше нападната без причина од нејзиниот нуклеарно вооружен сосед, Русија“, вели Вејвода.
Случајот на Косово
Мировната мисија на НАТО на Косово, позната како КФОР, беше распоредена во јуни 1999 година под команда на НАТО, откако Алијансата ја бомбардираше Сојузна Република Југославија.
НАТО започна воена кампања за ставање крај на хуманитарната криза и етничкото чистење на косовското албанско население извршено од југословенските сили предводени од авторитарниот лидер Слободан Милошевиќ.
По кампањата за бомбардирање и долгогодишните борби меѓу Ослободителната војска на Косово (ОВК) и српските безбедносни сили, целите на мировната мисија беа одржување на безбедноста, обезбедување слобода на движење и поддршка на воспоставувањето на стабилно, демократско и мултиетничко Косово.
КФОР дејствува според резолуцијата 1244 на Советот за безбедност на Обединетите Нации, која одобри меѓународно воено присуство на Косово по повлекувањето на српските сили во 1999 година.
Иако НАТО првично распореди околу 50 000 војници на Косово, сегашните сили се значително помали, со приближно 4600 лица персонал од 27 земји. Италија во моментов придонесува со најмногу војници-1258.
Како би можеле да изгледаат мировните сили во Украина?
Европските воени началници се состануваат во Париз за да разговараат за тоа како би можело да изгледа потенцијалното распоредување на силите. Додека САД ги предводат напорите за ставање крај на конфликтот, Вашингтон тврди дека американските трупи нема да бидат распоредени на теренот.
Велика Британија и Франција изразија подготвеност да обезбедат војници, но ја истакнаа потребата од американски гаранции. Таа „поддршка“ може да значи воена поддршка без испраќање војници, или економска и логистичка поддршка.
Русија, сепак, ја отфрли идејата за мировни сили од европските или земјите од НАТО.
Неколку медиуми, вклучително и „Њујорк тајмс“, објавија предлог од 31 страница, подготвен од Женевскиот центар за безбедносна политика, во кој се наведува како би можел да изгледа прекинот на огнот во Украина.
Планот предлага воспоставување тампон зона широка 10 километри меѓу двете армии, со 5000 цивили и полиција кои ќе патролираат во областа.
Според предлогот, кој беше изготвен во консултација со меѓународните експерти за прекин на огнот и посредување, ќе бидат потребни околу 10 000 странски војници за да се обезбеди безбедност.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски во јануари изјави дека доколку се постигне договор за прекин на огнот со Русија, најмалку 200 000 европски мировници ќе треба да бидат распоредени во Украина за да се спречат понатамошни руски напади.
„Во спротивно“, рече Зеленски, „нема смисла“.
Кои беа главните предизвици на КФОР?
Во 1999 година Косово не беше независна држава и немаше своја армија. Како што вели Вејвода, мировната мисија на Косово беше апсолутно клучна во тоа време бидејќи „работите не беа решени“.
Како резултат на тоа, тензиите често достигнуваа точка на прекин- како на пример за време на немирите во 2004 година, најголемиот етнички конфликт од крајот на војната во Косово во 1999 година. Насилството беше поттикнато од лажните гласини дека три албански деца се удавиле како резултат на постапките на Срби.
Во немирите загинаа 19 лица, од кои 11 Албанци и осум Срби.
Се сметаше дека КФОР не успеа да го спречи и запре насилството од големи размери.
„Тоа не беше нашироко објавено, но војниците на НАТО пукаа врз Албанците кои ги сквернавеа српските куќи и цркви“, се сеќава Вејвода.
Генералот Холџер Камерхоф, кој беше командант на КФОР, тогаш рече дека ќе биде употребена „пропорционална сила“ за да се гарантира безбедноста на војниците.
Како што рече Вејвода, тоа беше големо искуство за учење за КФОР и неговите команданти кои сфатија дека предизвиците се многу поголеми отколку што првично очекуваа кога пристигнаа во Косово во 1999 година.
„Мислам дека тие секако ја преиспитаа својата стратегија за одржување на мирот и редот“, вели Вејвода.
Војниците на НАТО беа повредени и во судирите во мај 2023 година во Звечан, град во северно Косово. Десетици членови на КФОР беа повредени, некои потешко, во судирите со српските демонстранти.
За време на посетата на Косово на 11 март, генералниот секретар на НАТО Марк Руте ја истакна континуираната посветеност на алијансата во мировната мисија на Косово. Тој, исто така, ги повика водачите во Белград и Приштина да го забрзаат дијалогот, да ги решат отворените прашања и да ги постават темелите за траен мир.
Зборувајќи за потенцијалните мировни сили во Украина, Руте рече дека „еден начин да се направи тоа би биле европските трупи во Украина. Но, може да има и други начини да се направи тоа“.
„Мислам дека претседателот Трамп е во право: пред да можете да го зачувате мирот, мора да имате мир.А мир сè уште нема“, додаде тој.
Косово прогласи независност од Србија во 2008 година и беше признато од 104 членки на ОН. По средбата со Руте, косовската претседателка Вјоса Османи рече дека мировната мисија „го покажува триумфот на демократските и мирољубиви држави кога тие се обединети околу вредностите на слободата и човечкото достоинство“.