Достапни линкови

Балканските термоелектрани – болест и трошок


Термоелектраната РЕК Битола
Термоелектраната РЕК Битола

Властите од земјите на Балканот мора да одлучат дали ќе постават филтри во термоелектраните на јаглен или ќе ги затворат, се вели во извештајот на мрежата еколошки организации „ЦЕЕ Бенквоч“. Инвестициите за спречување на загадувањето можат да бидат вратени како заштеди во здравствениот сектор.

Комбинатите ТЕЦ Битола и ТЕЦ Осломеј загадуваат повеќекратно повеќе со сулфур диоксид и прашина од она што е пропишано како гранична вредност во Националниот план за намалување на емисиите и покрај тоа што Северна Македонија заедно со другите земји од Западен Балкан потпишаа договор со Енергетската заедница за лимитирање на емисиите од големата индустрија, се вели во новиот извештај подготвен од најголемата мрежа еколошки организации од централна и источна Европа „ЦЕЕ Бенквоч.“

Земјите од регионот согласно спогодбата со Енергетската заедница се обврзаа да ги усогласат националните легислативи и да започнат со намалување на аерозагадувањето од нивните електрани, бидејќи неодамнешните истражувања на „ЦЕЕ Бенквоч“ и други граѓански организации од Европа, покажаа дека 16 електрани на Западен Балкан емитуваат сулфур диоксид и прашина колку вкупно 250 електрани во ЕУ, поради што се проценува дека се одговорни за околу 3.900 случаи на предвремена смрт.

„Сепак, како што покажуваат бројките за 2018 година, неколку термоелектрани на Западен Балкан не ги намалиле, туку ги зголемиле емисиите на сулфур диоксид и прашина од 2016 година“, се вели во извештајот.

Од „ЦЕЕ Бенквоч“ посочуваат дека директивите кои земјите треба да ги применат за големата индустрија се согласно договорот со Енергетската заедница, односно дека имале на располагање повеќе од 12 години да инвестираат во опрема за контрола на загадувањето пред крајниот рок во 2018 година.

ТЕЦ Битола и ТЕЦ Осломеј најголеми загадувачи

Македонија како потписничка на Спогодбата за Енергетската заедница требаше да исполни цели за намалување на емисиите од индустријата, но спротивно на спогодбата, како што е случајот со ТЕЦ Битола, количината на загадувачки супстанци во воздухот постојано се зголемува од година во година, велат од „Бенквоч.“

„Властите, како и менаџментот на ТЕЦ Битола, знаат за оваа обврска уште од 2006 година. Наместо навремени инвестиции во опрема за намалување на емисиите, со цел да се достигнат зададените плафони за 2018 година, доведени сме во ситуација кога ТЕЦ Битола треба значително да ги намали работните часови за да ги исполни обврските“, вели Давор Пехчевски – еден од авторите на извештајот и регионален координатор за загадување во „Бенквоч.“

Националниот плафон за сулфур диоксид во земјава е надминат за пет пати, додека плафонот за прашина повеќе од два пати. Главни извори на овие емисии се ТЕЦ Битола и ТЕЦ Осломеј, се вели во извештајот насловен „Примени или затвори“ каде е наведено дека термоелектраната во Битола емитувала над 52.000 тони сулфур диоксид што е шест пати повеќе од максимално дозволеното и скоро три ипол илјади тони прашина, за три пати повеќе од максимално дозволената граница.

Во истражувањето се наведува дека вкупните емисии на сулфур диоксид од термоелектраните во Србија, Косово, БиХ и Северна Македонија го надминуваат плафонот за 2018 година договорен со Енергетската заедница преку Националните планови за намалување на емисиите за повеќе од шест пати, додека вкупните емисии на прашина се исто така над вкупниот плафон, и тоа над 60 проценти.

Здравствени последици и економски загуби

Голем број од големите индустриски компании во Северна Македонија не ги почитуваат роковите за реализација на плановите за поставување филтри против загадувањето, нешто што беше наведено во еден од последните годишни извештаи на Државниот завод за ревизија.

Ревизорите укажаа дека голем број компании не го запазиле законскиот рок за реализација на оперативните планови и преминот од Дозвола за услогласување со оперативен план во А – Интегрирана еколошка дозвола, но исто така ревизорите посочуваат дека законите не се доволно прецизни и не се применуваат соодветно.

Ана Чоловиќ – Лешоска од Центарот за истражување и информирање за животна средина „Еко-свест“, вели дека инвестициите за доведување на ТЕЦ Битола во линија на најдобрите достапни техники веќе можеле да бидат вратени како заштеди во здравствениот сектор.

„Според нашето истражување „Колку чини животот“ направено согласно методологијата на Светската здравствена организација, товарот на македонската економија од здравствените последици од термоелектраните е над 20 милиони евра годишно. Токму таа е проценетата вредност за реконструкција на филтерот на ТЕЦ Битола“, вели Чоловиќ – Лешоска.

Таа додава дека искрената борба против аерозагадувањето подразбира оти мора да се престане да им се попушта на големите загадувачи, но и дека овие инвестиции не се само правна обврска, туку се пред се обврски за заштита на јавното здравје.

Во однос на ТЕЦ Битола, претставници на актуелната Влада, меѓу нив и премиерот Зоран Заев, како и раководството на комбинатот, повеќе пати наведуваа дека е започната постапка за реконструкција на електростатските филтри на комбинатот, процес за кој според официјалните најави беа предвидени 20 милиони евра, но во септември оваа година беше поништен тендерот за избор на фирма која ќе го реализира проектот.

Се помалку резерви на јаглен

Во почетокот на декември вицепремиерот за економски прашња Кочо Анѓушев, зборувајќи за можностите за зголемување на производството на електрична енергија од обновливи извори на меѓународниот саем „RENEXPO“, меѓу другото изјави дека државата не изобилува со резерви на јаглен и затоа според него единствена алтернатива се обновливите извори на енергија.

„Може во иднина да се отвори рудникот Живојно и тоа е се што ни е познато како резерва. Но, тоа нема да овозможи континуирано производство во трите блока на РЕК Битола и може да обезбеди само лимитирано прозиводство. Затоа мора да внимаваме како ќе ја обезбедиме електричната енергија во нашата држава“, рече Анѓушев.

Во делот на препораките за властите на Северна Македонија во истражувањето на „Бенквоч“, се вели дека треба да го формализираат затворањето на РЕК Осломеј, а до крајот на 2020 година да одлучат за иднината на РЕК Битола: дали ќе има нејзина рехабилитација или затворање, а дотогаш да има што е можно помалку работните часови за исполнување на плафоните за емисиите на сулфур диоксид и прашина до поставувањето на филтрите или до затворање на комбинатот.

  • 16x9 Image

    Владимир Калински

    По завршувањето на студиите по новинарство започна да работи во А2 телевизија каде што известуваше за политички, економски и социјални теми. Потоа беше ангажиран во македонската редакција на Радио Дојче Веле во Бон. Во последниве неколку години работи во Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG