Достапни линкови

Ќе го притисне ли ЕУ Балканот за загадувањето од електраните?


Графички приказ од извештајот на организациите
Графички приказ од извештајот на организациите

Владата нема јасен план за намалување на загадувањето од електраните на јаглен, велат еко-организации во услови кога се упатуваат повици до ЕУ од земјите кандидатки за членство да побара итно намалување на емисиите од електраните бидејќи, ја загадуваат скоро цела Европа.

ТЕЦ Осломеј и ТЕЦ Битола во Македонија се само две од вкупно 16 електрани на јаглен во Западен Балкан, кои загадуваат со алармантно високи нивоа на сулфур диоксид, цврсти честички и озон.

Загадувањето на овие електрани од БиХ, Црна Гора, Косово, Србија и Македонија е толку големо, што преку нивните граници патува до земјите на ЕУ и го загрозува здравјето на илјадници граѓани, објавуваат пет еколошки организации од ЕУ и Балканот во истражување насловено „Хронично загадување со јаглен.“

Поради тоа организациите бараат ЕУ да заземе построг став за загадувањето од овие „стари, неефикасни и супстандардни“ електрани изградени во времето на поранешна Југославија, бидејќи само во 2016 година создале еднакво количество на загадувачки емисии колку 250 електрани на јаглен во земјите на ЕУ.

Проценките на организациите се дека термоелектраните на јаглен во Македонија предизвикуваат 104 предвремени смртни случаи, а највискоките трошоци во здравството од загадувањето се движат над 300 милиони евра.

Само електраната „Угљевик“ во БиХ емитирала повеќе сулфур диоксид (SO2) од сите фабрики на јаглен во Германија заедно.

Организациите наведуваат дека земјите од Балканот треба да обезбедат инвестиции за намалување на загадувањето на погоните на јаглен во согласност со регулативите за инсталирање на Најдобрите достапни техники за големите капацитети од 2017 година, за да се заштити јавното здравје и во иднина да се избегнат дополнителни инвестиции.​

РЕК Битола - еден од најголемите загадувачи во земјава.
РЕК Битола - еден од најголемите загадувачи во земјава.

Иако ТЕЦ Осломеј не работи од 2017 година, во оваа инсталација не е направена никаква модернизација, велат експерти додавајќи оти кога електраната работи загадува до 20 пати повеќе од дозволеното.

Во ТЕЦ Битола е направена делумна мондернизација, но главниот проблем е што нивото на емисии на сулфур диоксид е исто од времето кога е изградена.

„Двете инсталации се предмет на добивање на интегрирана еколошка дозола, која што засега поголем дел од нашата индустрија. Проблемот е што за овие електрани се уште воопшто не е издадена таква еколошка дозвола и не се преземаат чекори и финансиски мерки за усогласување со Најдобрите достапни техники, односно чекори за намалување на нивното загадување“, вели Александра Бујароска од граѓанската организација „Фронт 21/42.“

Таа потсетува дека рокот за големата индустрија за услогласување со Најдобрите достапни техники беше 2014 година, но како што вели, оттогаш Владата неколку пати го продолжува, а од 2018 година не се знае до кога и како овие две термоелектрани ќе продолжот да загадуваат.

„Се уште е неизвесно кој е планот на Владата за овие две термоелектрани“, вели Бујароска.

Но, загадувањето на индустријата во земјава се чини дека нема да биде приоротет ниту во следните две години. Владиниот План за чист воздух за 2019 е фокусиран врз замена на начинот на загревање на домаќинствата и на зеленилото, како што велат од Министерството за животна средина и просторно планирање.

Еколошките организаци во студијата наведуваат дека најголемите влијанија од прекуграничното загадување на овие 16 електрани има во Романија, Италија, Унгарија, Бугарија, Грција, Хрватска, но и во Полска, Германија, Чешка и Австрија.

Секоја година тие предизвикуваат 3.000 предвремени смртни случаи, 8.000 случаи на бронхитис кај децата и други хронични болести, со што ги чинат здравствените системи и економиите на земјите од 6,1 до 11,5 милијарди евра, се вели во истражувањето.

„Експертизата на медицинските професионалци за влијанието врз здравјето и трошоците за енергијата од јаглен мора да биде признаена во јавните дебати и во носењето на одлуки, како и да се обезбеди дека аргументот за здравјето во целина ќе биде вклучен во плановите за чист воздух и во енергетските политики“, се вели во извештајот.

Екологистите посочуваат дека земјите од регионот се членки на Енергетската заедница и се обврзани да ги спроведат правилата на ЕУ за спречување на загадувањето до 2018 година, но дека инвестициите во нови електрани или во технологија за намалување на емисиите во голема мера се одложени.

Исто така се додава дека Европската комисија треба да им даде приоритет на контролата на загадувањето и на квалитетот на воздухот во рамки на процесот на пристапување на земјите кандидатки.

  • 16x9 Image

    Владимир Калински

    По завршувањето на студиите по новинарство започна да работи во А2 телевизија каде што известуваше за политички, економски и социјални теми. Потоа беше ангажиран во македонската редакција на Радио Дојче Веле во Бон. Во последниве неколку години работи во Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG