На мапата на Светската здравствена организација (СЗО), каде е прикажано загадувањето на воздухот со опасните цврсти честички ПМ2,5, главниот град Скопје заедно со Тетово и Битола се обоени со силна црвена боја. Тоа значи дека воздухот е загаден многу над дозволените граници за ризиците врз здравјето. Со црвена боја на мапата е обоена половина од територијата на Македонија, а останатиот дел е со темно портокалова.
Бојата со која се означени Скопје, Тетово и Битола на мапата на СЗО, покажува годишен просек од над 100 микрограми ПМ2,5 на кубен метар.
Тоа, според водичот на СЗО за квалитетот на воздухот, укажува на повеќекратно надминати концентрации, односно оти ризик за здравјето претставува надминување на концентрациите на ПМ2,5 над 25 микрограми за време на 24 часа и годишен просек над 10 микрограми на кубен метар. За ПМ10, ризик за здравјето се надминувања од 50 микрограми во 24 часа и годишен просек над 20 микрограми на кубен метар.
Според овие бројки, во македонските градови се дише воздух кој е загаден десет пати повеќе од она што е предвидено како граница која не смее да се надмине за да не биде загрозено здравјето на жителите.
За потсетување, СЗО посочува дека ПМ честичките (ПМ10 и ПМ2,5) се најчестиот причинител на загадувањето на воздухот кој врз здравјето на луѓето влијае повеќе од кој било друг загадувач.
Честичките ПМ2,5 предизвикуваат рак, кардиоваскуларни и респираторни заболувања. Нивни главни компоненти се сулфати, нитрати, амонијак, натриум хлорид, црн јаглерод, минерална прашина и вода, а содржат мешавина од цврсти и течни честички од органски и неоргански супстанции суспендирани во воздухот. Честичките ПМ2,5 се поопасни бидејќи се со помали димензии и можат да навлезат и да останат длабоко во белите дробови, каде се разложуваат и потоа навлегуваат во крвта.
Кога и како до решенија?
Власта во Македонија, на централно и локално ниво, има изработено многу документи, студии и истражувања во насока на решавање на проблемот. Но ситуацијата со загадувањето и натаму е алармантна со енормно загаден воздух во зимскиот период. Веќе е познато дека решенијата главно треба да бидат фокусирани врз индустријата, затоплувањето на домаќинствата, урбанизацијата, транспортот и отпадот, но освен пари, за решавање на проблемот ќе биде потребен кадар, кој прашање е дали го има во Македонија.
Во ваква ситуација, според екологистите, спасот е во ветерот. Активистот Антонио Јовановски од граѓанската организација „Го Грин“ не верува оти може веднаш да се најде решение за проблемот.
„Можеби нешто најконкретно, што нема суштински да го реши проблемот, е правење на еден голем вентилатор. Да се направат анализи во Скопје и другите градови каде што може да има таканаречена промаја со поставување на големи вентилатори, кои ќе се вклучуваат при зголемени нивоа на аерозагадување за да може да создаваме вештачки ветер. Инаку ова не е вистинскиот пристап, тоа се краткорочни решенија и треба да има суштински приод на проблемот за да има чист воздух“, вели Јовановски.
Долгорочно Македонија, како што наведува СЗО, треба да обезбеди чисти технологии во индустријата, подобрено управување со отпадот во урбаните и руралните средини; чиста енергија за затоплување на домаќинствата и транзитирање кон чисти начини на производство на електрична енергија; брз урбан транспорт; пешачки и велосипедски патеки во градовите и меѓуградско патување со железница; урбано планирање со подобрување на енергетската ефикасност на зградите и зголемување на зеленилото во градовите; зголемена употреба на сончевата енергија за производство на струја; стратегии за намалување на отпадот.
Нвидливиот убиец одзема милиони животи
Загадениот воздух е причина за 7 милиони случаи на предвремена смрт во 2016 година, а од нив речиси 600 илјади се деца под 5-годишна возраст. Ова се најновите податоци на Светската здравствена организација, според кои 3,8 милиони луѓе годишно умираат поради изложеност на загаден воздух во нивните домови.
Загадениот амбиентален воздух во градовите и во руралните средини во светот, наведува СЗО, предизвикува 4,2 милиони смртни случаи, главно како последица на изложеност на честичките од 2,5 микрони или на честички со помал дијаметар, а повеќе страдаат луѓето кои живеат во земји со низок и среден стандард.
Околу 58 проценти од предвремените смртни случаи поврзани со загадениот воздух биле поради срцеви болести и мозочни удари, 18 насто биле од хронично опструктивни белодробни заболувања и акутни инфекции и 6 проценти биле од канцер на белите дробови.
Исто така 1,4 милиони смртни случаи годишно се случуваат поради мозочен удар, 2,4 милиони од срцеви заболувања, а 1,8 милиони смртни случаи поради заболувања или рак на белите дробови.
Според последните податоци на Европската агенција за животна средина, во Македонија има 3.000 предвремени смртни случаи годишно како последица од аерозагадувањето.