Достапни линкови

Продолжи засадувањето на зелен појас околу РЕК Битола


Се пошумуваат старите одлагалишта за пепел во РЕК за да се заштити животната средина. Годинава ќе бидат засадени 100.000 садници. Во пошумувањето се вклучија и средношколци од битолските училишта и активисти од Здружението за доброволно младинско ангажирање.

РЕК Битола поддржан од други битолчани продолжи со засадување на зелен појас околу комбинатот. Акцијата започнаа лани, а годинава продолжија да пошумуваат на старите одлагалишта за пепел за да се заштити животната средина.

Васко Ковачевски, генерален директор на ЕСМ, кој е битолчанец, вели дека годинава ќе бидат засадени 100.000 садници, а зафатот се презема за рекултивизација на земјиштето околу комбинатот РЕК Битола.

„Со минатогодишната акција кога се засадија 50.000 садници значи дека ние во изминатите две години како нов менаџмент на РЕК Битола и ЕСМ успеваме да засадиме 150.000 садници што е една третина од вкупната бројка на сите засадени садници откако постои РЕК. Од 2013 до 2018 година беше спроведена само една ваква акција кога се засадија само 20.000 садници“, вели Ковачевски.

Генералниот директор на РЕК Битола Златко Ќурчиевски, рече дека со пошумувањето конечно ќе почнат да се исцртуваат контурите на долгоспоменуваниот зелен појас околу РЕК Битола.

„Овие садници се можеби мал придонес на ЕСМ и РЕК, но мислам дека многу значи за заштита на животната средина. Засадуваме во делот на старите одлагалишта на пепел со цел да го спречиме понатамошното запрашување на околните населени места, пред се во новачката општина, но и да ја спречиме ерозијата на земјиштето“, рече Ќурчиевски.

Во пошумувањето се вклучија и средношколците од битолските училишта кои засадија повеќе илјади багремови садници на старите одлагалишта со пепел во РЕК за да се заштити животната средина од загадување. Бидејќи повеќето од тинејџерите немаа засадувано дрвца на припомош дојдоа од Здружението за доброволно младинско ангажирање кое е составено од бригадири кои пошумувале во социјализмот.

„Имаме поставено бригадири кои се водичи на групите им објаснуваат како треба да се сади зашто некои првпат садат, некои нешто знаат, но повеќето не саделе никогаш. Добро е да стекнат работна навика како се работи во природата“, рече Душко Јанкуловски, претседател на Здружението.

На младите им помагаа повозрасни лица кои во минатото учествуваа во засадувањето на белодробните крила околу Битола, со шума кои изгореа во пожарите изминатите години.

„Учествуваа тогаш од сите Републики, имавме и населба, голема организација, акциите траеја по месец дена, бригадите броеја по 50 члена. Се работеше на изградба на канали и патишта, а сега фокусот се става на заштита на животната средина, односно најважно е да се пошумува“, рече Јанкуловски.

Пошумувањата на одлагалиштата со пепел е важно за да не се разнесува прашина по околните населени места. Инаку, осврнувајќи се на енергетскиот сектор, премиер на Владата Зоран н Заев, при последната посета на Битола рече дека се вложуваат десетици милиони евра во еколошко проекти. Од 87 милиони евра кои што се на сметката на ЕСМ, 30 милиони евра ќе одат за нови филтри во РЕК-Битола, 10 милиони за набавка на инвертери, ќе се набават 6 еколошки автобуси кои ги користат битолчани и жителите на целиот Пелагониски регион.

  • 16x9 Image

    Жанета Здравковска

    Родена во Битола на 15.01.1977 година. Дипломирала на Педагошкиот факултет во Битола во 1999 година, а магистерски студии завршила на постдипломските студии по менаџмент на човечки ресурси на Институтот за социолошки и политичко- правни истражувања во Скопје. Работела како новинар во повеќе локални редакции во Битола, а за Радио Слободна Европа известува од 2002 година. 

XS
SM
MD
LG