Достапни линкови

Од „Мети си со класнето“ до младински работни акции и бригади


Ученици од Средното медицинско училиште во Битола по акцијата за чистење на диви депонии низ градот.
Ученици од Средното медицинско училиште во Битола по акцијата за чистење на диви депонии низ градот.

Професорката Марија Магдалена Петковска - Микаровска од Средното медицинско училиште со своите ученици организираше над десетина акции за чистење на диви депонии во Битола. Таа смета дека е дојдено време да се формираат младински бригади кои ќе се вклучат во доброволни работни акции.

Во минатото врски се фаќале за младите да заминат на работни акции, а денес ваквите младински волонтерски активности каде се прави општествено добро за без пари се ретки. Од долгогодишна летаргија Битола ја извлече акцијата „Мети си со класнето“ каде професорката Марија Магдалена Петковска - Микаровска од Средното медицинско училиште со своите ученици организираше над десетина акции за чистење на диви депонии низ градот, а последната ја одржаа во Отешево каде ја чистеа плажата од автокампот.

„Класнето“ смета дека токму нивните дела покажуваат дека созреана е климата за создавање на младински бригади кои ќе се вклучат во доброволни работни акции.

„Потребна е една поголема организација и поголема државна поткрепа. Не е само да ги вклучиме во чистење на депониите, туку да им се развие духот за волонтеризам каде ќе гледаат да прават општествено добро без никаков надомест. Покажаа во бројни наврати дека умешно го прават тоа и дека на крајот нивната најголема награда е нивното дело. Не се работеше за пари, туку за издигнување на нивните дела, а тоа е поплатено од сѐ друго“, рече Петковска - Микаровска.

Таа смета дека зародишот на ваквите движења треба да е во училиштата.

„Треба да се почне од образованието, да се формира од образовниот склоп. Да го потегнат просветарите, наставниците. Да не бидеме толку летаргични кон нашите ученици, освен наставници да бидеме и едукатори и да ги внесуваме учениците и во нетолку комфорни зони“, додаде „Класнето“.

Неодамна во Битола се формира Здружение за доброволно младинско работно ангажирање „Волонтери-Пелистер“ кои планираат да создадат младинска бригада.

„Јас ќе бидам упорен, а и на мислење сум дека ќе биде многу општествено корисно и одговорно да можеме децата да ги навикнеме на работни навики, а не само на кафулиња. Некои ми велат дека не можат сезонски работници да најдат, а не за без пари да работат. Но, мислам дека може. Целта е подготвена бригада да направиме со по 10 до 15 ученици од осум средни училишта, тоа ќе биде сто бригадири“, вели Душко Јанкуловски командант на дел од некогашните младински акции што се спроведувале во битолско.

Дел од поранешните акцијаши сметаат дека младите кога ја градат татковината и повеќе ја сакаат и поодговорно се однесуваат кон околината и заедничките добра.

„Во овој нов временски период бараме да продолжи традицијата на всадување љубов кон волонтеризмот, кон татковината , да се сработат оние работи што можат, пошумување, заштита на животната средина, на езера, реки, сето тоа да се случи кај младиот човек“, рече Љупчо Василевски, поранешен акцијаш.

  • 16x9 Image

    Жанета Здравковска

    Родена во Битола на 15.01.1977 година. Дипломирала на Педагошкиот факултет во Битола во 1999 година, а магистерски студии завршила на постдипломските студии по менаџмент на човечки ресурси на Институтот за социолошки и политичко- правни истражувања во Скопје. Работела како новинар во повеќе локални редакции во Битола, а за Радио Слободна Европа известува од 2002 година. 

XS
SM
MD
LG