Достапни линкови

Има ли спас од дивата депонија крај обиколницата во Битола?


Јавните претпријатија од Битола чистат ѓубре крај магистралниот пат Ресен –Прилеп
Јавните претпријатија од Битола чистат ѓубре крај магистралниот пат Ресен –Прилеп

Жителите на дивото битолско Картон маало бараат контејнери за да не го фрлаат ѓубрето крај магистралниот пат Ресен-Прилеп. Сметот расфрлан покрај патот, освен што е грда слика, опасен е и за возачите и за луѓето кои живеат во негова близина.

Јавните претпријатија од Битола исчистија добар дел од ѓубрето што со месеци беше фрлано крај магистралниот пат Ресен – Прилеп, во делот на обиколницата над Битола. Но, се поставува прашањето до кога ќе биде чисто, бидејќи таму завршува сметот од неурбанизираната населба наречена Картон Маало. Битолчани бараат засилени контроли.

„Или инспекција да стават од локалната самоуправа да контролира или од локалното население да има чувари кои ќе контролираат, друго чаре нема“, вели битолчанецот Митре Симовски, кој живее под населбата Картон Маало.

Дивата депонија крај обиколницата постои со години. Досега во повеќе наврати била чистена, но повторно се создава. Дава грда слика за посетителите на Битола, но и е опасна за возачите зашто дел од тврдиот отпад завршува на коловозот. Не ретко жителите, претежно Роми и социјална категорија на граѓани, го палат ѓубрето. Бараат да им се стават контејнери за да не создаваат депонии.

„Нема контејнери, ни чешми, ни вода. Гнасно е ова да се дише. Од лоша смрдеа не можеме ни да излеземе надвор. Каде да го носиме? Тука се фрла сè, немаме контејнери. Навечер го палат, јас, ти, Трајко, Петко да речеме, никој не знае кој пали. Ќе плаќаме за комунално, тоа нема да биде многу скапо“, рече Тефик Рустемовски, жител од дивата населба.

Од Јавното претпријатие „Комуналец“ велат дека интервенираат за да се исчисти депонијата иако немаат надлежност да збираат смет од магистрален пат. Воедно додаваат дека организираното подигање на ѓубрето треба да се наплаќа, а жителите таму не сакаат да плаќаат.

„Сакајќи да помогнеме на градот за почиста средина, по кој знае кој пат вложуваме многу напори од сите јавни претпријатија, со поддршка и од РЕК. Упорни сме ќе се обидеме до крај да санираме сè што можеме. Комуналец има разговарано со дел од овие луѓе кои живеат тука. Имаме обврска до местото каде е пристапно камионот да помине, можеме да поставиме контејнери. Но, тие не сакаат ни да плаќаат, ни да одржуваат. И понатаму ќе разговараме со нив во иднина, ќе видиме кој ќе биде резултатот“, рече Панде Богоевски, директор на Јавното претпријатие „Комуналец“.

Дивата населба е подигната од двете страни на обиколницата. Во неа дел од жителите немаат ни лични карти. Од коловозот ги дели банкина висока триесетина сантиметри. За надминување на состојбата се планира поставувањето на заштитна ограда на обиколницата. ЈП за државни патишта е во фаза на јавна набавка за избор на изведувач за поставување на звучна бариера.

Обиколницата на Битола е рак рана со години. Сегашната власт патот затворен со свлечишта и депонии го наследи од претходниците. Во изминатите две години беше направено комплетно санирање на свлечиштето, продолжување на бетонскиот ѕид и поставување на нов ѕид. Воедно се изврши и рехабилитација на магистралниот пат во должина од 8 км, односно комплетно асфалтирање, бележење на нова хоризонтална сигнализација и поставување на нова еластична одбојна ограда.

  • 16x9 Image

    Жанета Здравковска

    Родена во Битола на 15.01.1977 година. Дипломирала на Педагошкиот факултет во Битола во 1999 година, а магистерски студии завршила на постдипломските студии по менаџмент на човечки ресурси на Институтот за социолошки и политичко- правни истражувања во Скопје. Работела како новинар во повеќе локални редакции во Битола, а за Радио Слободна Европа известува од 2002 година. 

XS
SM
MD
LG