Достапни линкови

Многу ветувања, а цела година во Битола се решаваат наследени проблеми


Асфалтирање на обиколницата во Битола
Асфалтирање на обиколницата во Битола

Битолчани со поделени ставови за работата на локалната власт една година по локалните избори. Градоначланичката се бори со наталожените проблеми, опозицијата обвинува дека власта не си ја работи работата.

Првата година од новата локална власт во Општина Битола предводена од СДСМ со коалиционите партнери и градоначалничката Наташа Петровска помина во решавање на наталожените проблеми што ѝ ги остави претходната власт на ВМРО-ДПМНЕ.

Пред да стапне на црвениот тепих, со кој беше пречекана во Општината, имаше многу најави за проекти, но кога влезе внатре затекна општинска каса со долг од 12,4 милиони евра. Во градоначалничката фотелја дојде како професор по математика и образованието ѝ одзеде најголема енергија во раководењето со градот. Почна со отплаќање на долгот од 4,5 милиони евра што го наследи во училиштата. Мораше да наоѓа соломонски решенија за да се одблокираат сметките и училиштата да добијат струја за која должеа 100 илјади евра. За бесплатниот школски превоз да не продуцира и натаму долгови во школите, одлучи да го промени тарифникот за превоз на учениците. Но, се побунија превозниците и неизвесно е што ќе биде понатаму.

Битолчани со поделени ставови за работата на локалната власт, едно фалат, други критикуваат.

„Очекував локалната самоуправа да се грижи повеќе за Битола. Мислев дека ќе има повеќе реконструкција на патиштата, не дека нема, и влезот на Битола го направија, но и натаму се соочуваме со дупки по улиците. Офицерски дом очекував дека ќе го направат, но сè уште е во истата состојба.“

„Според долговите што ги наследија, колку можат работат. Ете, улицата „Климент Охридски“ ја тампонираат, ја привршуваат, ќе ја асфалтираат до семафорите. Паркот редовно го одржуваат, ги чистат гранките, осветлено е, канделабрите ги одржуваат, и дупките низ градот кои беа ископани по улиците. Дел од Булеварот Први Мај, покрај реката го направија пешачка патека, нема возила таму.“

„Во нашиот град со помош на нашата градоначалничка за првпат во нашата држава се отвора ресурсен центар за лица кои 70 проценти го изгубиле својот вид. Тоа ќе биде преспанско-пелагониски ресурсен центар“, велат анкетираните битолчани.

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ критикува дека благодарение на политичката суета на локалната власт и Петровска не само што не се решаваат тековните проблеми туку се создаваат нови кои се рушат врз грбот на граѓаните.

Иванчо Тошевски, претседател на Општинскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ во Битола со критика:

„Во Општина Битола јавните претпријатија се во целосна парализа, со општински пари за една година немаме нити еден метар нов асфалт. Клучните проекти гасификација, Офицерски дом, стадион, Копанки, мултифункционален спортски комплекс, Генерален урбанистички план, Прочистителна станица (проект за кој се обезбедени средства од претходната власт) се со нула проценти на реализација. Обиколницата сѐ уште не е во функција, а во градот владее сообраќаен хаос. Петровска не направи ниеден чекор за подобрување на амбиенталниот воздух и заштитата на животната средина. А состојбата на автобусите со кои беше најавено решавање на проблемите во училишниот превоз се реалната слика за локалната власт во Битола“, вели тој.

Градоначалничката Петровска во повеќе наврати изјавила дека најмалку право да критикуваат имаат оние партии што општината ја оставија во долгови и истакнува дека работи според закон. Се жали дека не затекнала готови проекти, процедури за работа, што ја отежнало динамиката на реализација. Сепак, вели крајот ќе си го каже своето.

„Општина Битола беше многу слабо подготвена со готови проекти. Не постои и процедури за тоа како треба да се одвиваат работите и тоа даваше многу поинаква динамика. Јас сум градоначалник кој сака да работи во законските определби и одредби, токму и во таа насока, поради неподготвеноста на низа фаза во изработувањето на одредени проекти и имплементација на истите, динамиката е таква каква што беше. Но, јас сум задоволна од она што е подготвено досега и што наскоро битолчани ќе можат да го видат како завршница. Граѓаните можат да го коментираат само во оној момент кога ќе видат нешто на виделина. Имам разбирање и за некои нивни коментари и согледувања, но крајот ќе си го каже своето“, вели Петровска.

  • 16x9 Image

    Жанета Здравковска

    Родена во Битола на 15.01.1977 година. Дипломирала на Педагошкиот факултет во Битола во 1999 година, а магистерски студии завршила на постдипломските студии по менаџмент на човечки ресурси на Институтот за социолошки и политичко- правни истражувања во Скопје. Работела како новинар во повеќе локални редакции во Битола, а за Радио Слободна Европа известува од 2002 година. 

XS
SM
MD
LG