Каква е годината зад нас во општествениот, но и во личниот живот на граѓаните? За тоа најдобро сведочат одговорите на дел од луѓето во Скопје кои помалку зборуваат за конкретни случувања, а повеќе за општата атмосфера која, како што вели еден граѓанин, не е ни за фалење ни за жалење.
„Па, не е лошо, но може да биде и подобро“, ни изјави помлад Скопјанец.
РСЕ: Што може да биде подобро?
„Па, буквално сè. Реално кажано. Од здравствената заштита до покачувањето на платите, зголемувањето на стандардите, буквално сè.
Како и да е, граѓаните на политички план годината што останува зад нас ја опишуваат и како тензична која заврши на сличен начин како што и почна со политички препирки меѓу партиите и најави за нови предвремени избори на пролет. Ако се потсетиме дека земјата влегува во НАТО, но од друга страна ја одбележа и недобивањето датум за почеток на преговори со ЕУ јасно е дека тоа влијаеше за сите случувања понатаму.
Посебно важни теми за граѓаните остануваат состојбите во здравството, образованието, економијата. Дел од луѓето велат дека властите не успеаја да обезбедат подобри услови и стандарди во овие области кои се најважни за животот на луѓето додека други велат дека има случувања кои донесоа нова надеж за насоката во која се движи државата.
„Да не се жалиме, нешто е направено. Тие го укинаа данокот за радиодифузија, го намалија данокот на парно греење од 18 на 5 проценти, сега даваат поврат од ДДВ, не е малку. Ќе ги зголемат пензиите, не е лошо, нешто е добро, не може да се направи се одеднаш .. Сепак, тоа е што да се прави“ вели еден жител на Скопје.
Но, за некои граѓани лошата атмосфера е најкарактеристичен впечаток за 2019 година, а тоа, според нив, зборува дека работите отишле предалеку.
„Ах, 2019 година е најлошата година од сите. Без разлика дали во образованието, тука е хаос, дали во здравството, бидејќи јас сум постара, одам на лекар, дозволете ми да ви кажам, не сум многу задоволна. И во здравството, и во училиште, гледам од внуците, па и од економијата, зголемувањето на цените. Мислам дека политичарите треба да се грижат повеќе за своите граѓани.“
За некои луѓе проблем претставува и неповолниот социјален амбиент и наведуваат дека и натаму од тоа трпи последици нивниот домашен буџет.
„Сè е лошо, како социјален случај не сум задоволна, не знам дали јас немам среќа или ... Тоа е само маска дека се помага, а всушност не им се помага на сите социјални случаи“.
Оваа самохрана мајка која има дете кои оди во основно училиште очекува во идната година да има повеќе случувања кои ќе и пружат надеж дека и нејзиниот живот ќе добие поинаков тек.
„Се надевам дека следната ќе биде подобра. Барем да биде за нијанса подобра, за да имаме волја да продолжиме понатаму.“
Сепак, за некои граѓани особено за помладите не е многу тешко во годината зад нас да се најдат убави доживувања. Еден млад скопјанец вели дека има многу причини за новогодишна прослава.
„Одлично, одлично. Па, не знам, се вработив во Стопанска банка, се верив, еве и тоа да го кажам . Тоа е тоа, тоа е главното.“