Достапни линкови

Можеше да се направи многу повеќе


Додека Македонија со една нога е во НАТО, а со едната рака чука на вратата на ЕУ, соседните балкански земји ја канат во Мал Шенген. По речиси три децении независност, Македонија се уште се тетерави на европскиот пат. Преварантски живот живееме велат граѓаните. Од друга страна, пак аналитичарите забележуваат стабилност и одреден напредок, но сепак не доволен.

За само неколку месеци Македонија ќе стане полноправна членка во НАТО. Во меѓувреме додека чека Франција да одобри датум за пристапни преговори со Европската унија земјава се приклучи кон „Мал Шенген“ со соседните земји. Стратешките политики на земјава се исти со години, но се наметнува прашањето за сето ова време додека земјава со години се тетерави на европскиот пат – што добија граѓаните? Дали после три децении независност тие живеат подобро? За толку години малку работи се тргнати на подобро, требаше повеќе да се направи за народот, а времето не гази, велат дел од анкетираните граѓани.

„Помалку се слободни, повеќе работат, а помалку пари, вработувања има доста, а некои ти даваат помалку плата, некои повеќе, ама се случува и да не ти дадат плата, ова е преварантски живот“, вели Себијана Имеровска.

„И од порано и сега демократија имало, но сега е малку поизразена, вие медиумите известувате повеќе што се случува во државата на кој било план, и мислам дека има демократија, порано не си смеел да кажеш за некој нешто одма ќе те затворат, сега зборувај јавно за кого сакаш, за премиер, за претседател, никој ништо не ти враќа“, вели анкетиран граѓанин.

„Стандардот е низок, во сите градови е низок, не можам да одвојам каде е понизок, каде повисок, и интелектуалната сфера и работничката класа сите се многу ниско, има некој напредок во здравството, во други сфери, но во економијата не гледам баш.“

„А во демократијата не сакам да коментирам затоа што би рекла дека има „слобода“ некако лицемерие многу големо, така сè е некако партиски ориентирано, се оди кон таа што е на власт или и се додворуваат на другата така да не би рекла дека има многу слобода“, велат анкетирани граѓани.

Дел од анкетираните велат дека најголема неправда во изминатиов период е транзицијата, а дел пак сметат дека тоа е нереформираното здравство.

„Има многу да се зборува, имало реформи, ама безработицата е најстрашна, причина за тоа е транзицијата, останаа на улица луѓе вработени во 220 фирми, тоа е голема негација за македонскиот народ.“

„Здравството е катастрофа, значи пред 30 години може и подобро функционирало, јас не сум бил роден, ама сега е катастрофа, ништо не се поправа цели 30 години, државна градска каде и да отидеш е уништено. “

„Изминатите 30 години бев посреќен, живеев поубаво, луѓето беа поведри и насмеани, а денеска секој по улица оди и сам си зборува, тоа ќе ви покаже дека нешто не е во ред со државата. “

„Општо гледано скоро ништо не е сменето, се некако се тапка во место, во одредени сфери подобрување, но за тие 30 години е многу малку, за тој долг период требаше да се направи многу нешта.“


Политичките елити и институциите не беа на ниво на историскиот предизвик, да ги остварат суштинските стремежи на едно современо и демократско општество. Најчесто премиерите беа популисти заклучуваат анкетираните граѓани.

„Не уништија во изминативе 30 години, кој и да дојде никој не мисли на народот, никој не направи подобро за народот, кој и да дојде сите иста политика вадат.“

„Кој да дојде пак истите ќе бидат, порано велеа превара во сто чекори, сега велат превара во илјада чекори. Кој и да дојде сè ќе биде исто, народот ќе продолжи да страда, времето ќе си тера и тоа е.“

Хибриден режим беше описот за демократската состојба на земјава во познатиот британски „Економист“. Иако земјава бележи сериозен напредок според индексот на демократија во изминатава година, сепак е во друштвото на земји со делумна демократија како што Ерменија, Еквадор и Тунис.

Александар Цветкоски, претседателот на невладината АГТИС која го набљудува воведувањето на европските стандарди, вели дека во пракса земјава не ги достигнала вистинските европски стандарди.

„Порано имавме идеологии до 90тите, па полека ги рушевме, па полека ги еманципиравме, но не стигнавме да ги доеманципираме поради сите настани кои се случија. По мое, оттогаш како колата да тргна надолу. Штом падне образованието како ќе се менувате, како ќе се менувате, може да се менувате само на полошо. Ако постојано имате пад на стандарди во политиката, пад на политичката култура и пад на медиумската писменост за која знаете дека сме на најкатастрофалното ниво, сето тоа заедно, падот на моралот и етиката не донесе до овде каде што сме“, вели Цветкоски.

Од друга страна пак, политичкиот аналитичар Џелал Незири вели дека по три децении земјава стана стабилна и до некаде функционална демократија, иако проследена со многу политички кризи. Од осамостојувањето до денеска беа евидентирани многу политички кризи, конфликт во 2001 година кој донесе ризик од граѓанска војна и меѓуетнички судир, па сè до решавањето на споровите за името со Грција и соседските односи со Бугарија кои државата успеа да ги надмине и да ги зацврсти своите темели, вели Незири.

„Сè на сè, мислам дека Република Северна Македонија е модерна држава, модел за останатите држави на Балканот, и веќе и формално полноправна членка во НАТО. Тоа што не успеа да го забрза патот кон евроинтеграциите не беше сета вина на страната на Република Северна Македонија. Ние сме сведоци дека од 2005 година земјава е кандидат за членство во ЕУ, но поради грчкото вето не успеа да направи значителен прогрес кон зачленувањето како тоа што го направи Хрватска пред шест години“, вели Незири.


Со надминувањето на најголемата пречка, земјата е на добар пат за помалку од една деценија да ја реализира и втората стратешка цел – членство во Европската Унија, а со тоа да ја консолидира демократијата, објаснува Незири.

Цветкоски пак, не се согласува со таквиот став. Тој вели дека токму ставот дека Франција е лоша и не ни дозволува да влеземе во ЕУ, а ние сме завршиле сè што треба е лага.

„Нас ни ги отвораат и покажуваат вратите, за ние да се свестиме и да почнеме да некој внатрешен процес на консолидација, но ние тоа не го правиме, и поради тоа ни ги менуваат вратите. Ние сме засилени буквално кон нигде. Нашиот светилник што ни го даваат на три, пет или десет години, на каде да одиме, ние сме комплетно залутани, одиме контра од тој светилник, па се прашуваме зошто се сите лоши со нас. Во суштина ние сме лоши, ние го туркаме стандардот. Папосле тоа кажуваме приказни како политичките партии се труделе нешто да направат, демек правеле реформи и слично“, вели Цветкоски.

Социологот Ѓорѓи Тоновски, пак, вели дека развојот на државата може генерално да се окарактеризира како позитивен, но додава дека можело уште многу повеќе да се направи.

„Имавме и различни искуства од некој општо историски аспект, имавме обиди за воспоставување на демократија меѓутоа и обиди за воспоставување на фашизам, и обиди за заживување на демократијата. Тоа значи дека бевме сведоци на едно зреење на македонската јавноста во насока на демократско оценување, проценување и однесување во однос на општествените прашања“, објаснува универзитетскиот професор.

Тој додава дека треба да се спомне и контрадикторноста, проблемот лежи во реализацијата на европските стандарди и вредности.

„Но и реформи кои ќе овозможат ова општество да се нарекува демократија, ние се уште во светот сме наречени хибридна демократија, што значи има демократија, ама има и елементи кои не се во согласност со она што значи слика и модел на развиена демократија. Тоа што се случува со застарување на делата, со состојбите во судството, состојбите во образованието, состојбите во однос на мигрантската криза како и иселувањето на младите од земјава, како и нестандардизираниот политички и економски систем фрла сенка врз сè она што е направено во овие три децении“, вели Тоновски.

Светот и Македонија 3 декади по падот на Берлинскиот ѕид
please wait

No media source currently available

0:00 0:09:20 0:00

Кога се зборува за пари, граѓаните денеска во однос на претходно имаат повеќе пари покажуваат статистичките податоци, но ако се прави споредба со соседните земји и колку тие напреднале во однос на животниот стандарди тогаш македонските граѓани заостануваат зад нивните сограѓани од регионот, сложни се и аналитичарите.

„Тие политички кризи и блокади во евроинтегративниот процес се одразија во економијата и животниот стандард. Така што земјата нема многу со што да се пофали во однос на останатите држави во регионот, но дали луѓето живеат подобро од пред 20 или 30 години мислам дека да, но транзицијата која трае бесконечно произведе и нус појави како рекордната невработеност која до пред само неколку години изнесуваше 30 проценти и голема сиромаштија, при што секој трет човек, живее во сиромаштија, кои се показатели дека животниот стандард не е како што би требало да биде,“ објаснува Незири.

Според Цветкоски напредок може да се забележи во економијата, односно во бизнисот. За споредба во 90-тите од минатиот век државната каса броела 700 милиони евра за веќе во 2020 година проектираниот буџетот да изнесува 3,9 милијарди евра.

„Во 90-тите за една неспособна држава за што било, од банкарскиот сектор да тргнеме, па да завршиме на реалната економија и енергетиката, сега има напредок, се гледа во зголемувањето на БДП. Значи од некаде морале да дојдат тие пари и реално е да се каже дека малите и средни претпријатија во најголем дел го пумпаат буџетот. Значи тука сме подобрени, не сме многу сјајни, не сме многу добри, не ја развивме таа економска наука по светски трендови, но сепак одиме напред“, вели Цветкоски.

Но од друга страна најдевастирани сегменти од општественото живеење се образованието, судството и владеењето на правото каде што спрегата со политиката никако да попушти.

„Политичарите се прават на луди цело време, не сакаат да го реформираат судството, затоа што тие сакаат реформа, но во таа реформа владетелот да ги има сите конци во своите раце. Е така не може. Затоа што судиите не се камења, туку живи луѓе, ако од нив барате услуга, тие ќе си направат свој приватен криминал, и тоа е таа спрега со политика судство, тоа е најлошиот сегмент“, вели Цветкоски.

Кога зборуваме за националната безбедност, во овие три децении независност, земјава се соочи и преживеа речиси сенешто. Тетовските и гостиварските збиднувања, бегалскиот бран од Косово во 1999, војната 2001, помали безбедносни инциденти, потоа Смилковско езеро, Диво Насеље, неколку афери со прислушување, Сина Птица, Големото уво, масовно прислушување и уништување на опрема во Управата за безбедност и контразузнавање, формирање на Специјално обвинителство кое требаше да гони криминал на високи функционери до негово тивко згаснување.

Децениските стратегиски цели и натаму не се во целост исполнети. Европските извештаи и натаму бележат слабости во борбата на државните институции и политичките лидери против корупцијата, намалувањето на преобемната и партизирана администрација како и селективното владеење на правото.

Партиите со години наназад буквално сè приватизира, со тоа што сè партизира. Настапи замена на стручниот кадар со партиски, институциите се предадени на партиите и секоја партија си одлучува кој ќе биде директор, тоа е договор на коалиционите партнери во Владата.

За тоа дел од вината носат граѓаните на Македонија, цивилниот невладин сектор и медиумите и вкупното ниво на политичката култура, и покрај голем напор, затоа што не успеа да создаде пресудна критична маса што ќе им ја испорача на политичарите агендата и вистинската мерка на успешноста на една политика. Со примитивниот популизам и со грубата партизација на Македонија политиката секогаш го победуваше здравиот разум, велат аналитичарите.

Во меѓувреме Европа стравува од можна нова железна завеса по француското „НЕ“ за проширувањето на Европската Унија. Шест земји членки на ЕУ бараат продолжување на процесот на проширување „без непотребни одложувања“.

Министрите за надворешни работи на Австрија, Хрватска, Чешка, Италија, Полска, Словачка и Словенија повторуваат дека во време кога се одбележува 30 годишнината од падот на Железната завеса, со што почна ерата на обединета Европа, „консолидацијата на Европа не може да биде завршена без Западен Балкан“.

Крајот на светот и по него

Неколку месеци пред падот на Берлинскиот ѕид во ноември 1989 година кога се распадна советскиот источен блок, еден млад политички научник по име Френсис Фукујама даде изјава која набрзо стана славна: „Крај на историјата“.

Гоце Атанасов

Поразот на комунизмот не донесе трајно златно доба за западниот, капиталистички либерализам. Далеку од тоа. Во последните децении, сеизмичките настани, движења и глобални текови направија 21-от век да биде поопасна ера од Студената војна. Терористичките напади врз САДи војните во Ирак и Сирија помогнаа во создавањето на крвавата група Исламска држава, а подоцна и на бегалската криза. Економијата скоро се распадна во 2008 година. Кина стана суперсила. Русија воскресна. Се вкорени нов популизам. Се чини дека историјата не „заврши“. Денес, Фукујама признава дека некои случувања во изминативе децении го разочарале.

„Значи, ние сме во тежок период кога демократијата е под напад, а не во движење “, вели тој во интервју за „Асошиејтед Прес“. Фукујама зборува за она што било и што може да се случи. Во првите години по паѓањето на ѕидот се родија нови земји, а Германија повторно се обедини. Но, војните и конфликтите избувнаа откако се распадна Советскиот Сојуз и почна постколонијалното порамнување на долговите. Југославија, растргната со насилства и раселување - се распадна во нови држави. Западната воена интервенција на крајот на 90-тите го заузда српскиот национализам и го изнедри Косово. Потоа дојде 11 септември. Ал-Каида го помести тероризмот на никогаш претходно видено ниво. Како одговор на тоа, Вашингтон го нападна Авганистан и ги собори Талибанците, кои му беа домаќини на Осама бин Ладен, додека го ковал заговорот против Западот. Осумнаесет години подоцна, САД сè уште се таму. Војната во Ирак се засноваше врз лажни разузнавачки податоци дека Садам Хусеин, кој беше поддржуван од Вашингтон против Иран, поседувал оружје за масовно уништување. Вашингтон поттикна глобален пристап од типот „или сте со нас или против нас“. Фукујама иако своевремено ја поддржуваше инвазијата во Ирак, подоцна и се спротивстави. Тој смета дека војната во Ирак ја поткопа американската политика ширум светот, додека финансиската криза во 2008 година го поткопа американското тврдење дека воспостави добар економски меѓународен поредок:

„Мислам дека тие два настана го отворија патот за многу популистички реакции што ги гледаме сега“.

Тој додава дека се разочарал од тоа што толку многу гласачи избираат популистички лидери. Бракот меѓу популизмот и национализмот сега е доминантна динамика на многу места - од Америка на Трамп, до Брегзитот, од одбивањето на Израел да се откаже од населбите во окупираните палестински територии до ненадејниот индиски удар врз спорниот Кашмир и неодамнешната инвазија на Турција во Сирија. Фукујама вели дека принципот на владеење наеден популистички лидер обично оди вака:

„Една од карактеристиките на популизмот е харизматичкото лидерство. Тоа е повеќе стил на лидерство каде избраниот лидер вели, јас ве претставувам вас, народот, вие сте чисти, а елитите се корумпирани“.

Една историска иронија во изминатите 30 години - пред се во Европа – е вртењето на некогашните комунистички држави кон крајната десница, во некои случаи, прифаќајќи идеологии блиски и дофашизмот. Сепак Фукујама додава:

„Без оглед на нашата сегашна загриженост за Унгарија или Полска или за некои други земји, тие се многу подобри отколку што беа под комунистичка диктатура.“

Популизмот, тврди тој, не е погоден за добро управување - или, поточно, за просперитет. Затоа тој сè уште верува оти воспоставените демократски институции ќе продолжат да работат.

„Имате цела генерација луѓе кои не ја искусија Студената војна, не доживеале комунизам и на некој начин, не знаат што исчезнало. Знаете, животот во Европската унија дозволи тие да уживаат во смисла на мир и стабилност. Значи, тоа е една од иронијата на историјата, дека на некој начин, заборавајќи колку биле лошите работи, ние им дозволуваме повторно да се влошуваат“.

  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 23.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG