Откако неколку пратеници доставија иницијатива за промена на изборните правила можно е партиите на престојните предвремени парламентарни избори да влeзат во трка според моделот на една изборна единица. Тоа значи дека пратениците наместо да се бираат во шест изборни единици, политичките актери овојпат на избирачите ќе им понудат листи само во една изборна единица. Но помеѓу партиите сеуште нема согласност кој систем е подобар, а граѓаните порачуваат дека на земјата и е потребен изборен систем кој ќе биде по нивна мерка, а не на партиите.
Во ситуација кога има проблем со довербата во политичарите во континуитет со години наназад предлогот за воведување на една изборна единица добива внимание само кај дел од граѓаните. Тие велат велат дека тоа ќе доведе до поразнолична политичка сцена и ќе ја намали доминацијата на големите партии. Сепак, поглем дел од граѓаните велат дека се поддржувачи на избори со отворени листи.
„Мислам дека е најдобар модел отворени листи, не знам колку е тоа изводливо, но со тоа имаат шанси граѓани со потписи. Нема да останат само двете најголеми партии и во македонскиот и во албанскиот блок“, вели граѓанка на Скопје.
„Да им се даде шанса и на помали партии за да видиме што нудат, зашто досега се виде дека ништо нема. Нема резултати, никакви се, тонеме и тонеме, да се смени нешто мора“, ни изјави една скопјанка.
„Најпривлечен би бил тој за малите партии да може за нив да гласаме, да се одлучиме за некоја од нив. Доста е од овие две партии. Да гласаш за другите пропаѓаат“, ни кажа повозрасен граѓанин.
„Со промената на новиот изборен модел ќе има шанси да се гласа за помалите партии и да гласаме за одредена личност дали ни се допаѓа или не и кој ќе понуди подобра политичка програма“, оценува анкетирана граѓанка на Скопје.
Но, индикативни се и одговорите на луѓето кои велат дека не се заинтересирани за изборните правила.
„Не мислам дека проблем е моделот на гласање туку општо она што го прават политичарите по гласањето, тоа повеќе ги тера луѓето да не гласаат, а не моделот на заокружување или не, така што моделот е во ред. Само незнам кампањите да се подобри и да се задржуваат некако на ветувањата. Тоа би рекол повеќе“, вели еден скопјанец.
„Ако ми верувате вистина не сум заинтересиран ниту за изборен модел ниту пак за избори, воопшто не ме интересира затоа што не гледам никаков бенефит од тоа“, ни изјави жител на Скопје.
Во јавноста во моментов многу изборни модели се во игра, но она што е дел од иницијативата на помалите партии подржани од СДСМ подразбира само креирање на една изборна единица и задржување на стариот начин на избор на пратеници според пропорционалниот модел. Отворените листи како дел од таквиот модел сеуште не се споменуваат односно немаат голема поддршка кај ВМРО ДПМНЕ и ДУИ, пред се.
Но, експертите велат дека ако се зборува за изводливоста на ваквата реформа сепак владата има мнозинство да ја истурка.
Марко Трошановски од Институтот за демократија вели дека новиот модел за една изборна единица кој се предлага е поправеден за граѓаните, но тој дополнува дека најдобро е да има отворени листи.
„Модел кој е најпривлечен за граѓаните и најскроен за да ги штити интересите на граѓаните во општество како што е нашето, каде имаме проблем со довербата во институции и политичари и интегритетот на носителите на јавни функции е моделот на отворени листи за кој иако сега не е дел од приказната од реформата може да се смета во иднина“, вели Трошановски.
Според него со изборен модел со отворени листи ќе се овозможи во Парламентот да се најдат кандидатите кои ќе добијат поголем број на гласови, а не како досега, кога пратеници стануваат тие што се на подобра позиција на гласачкото ливче.
„Во најмала рака може да пробаме да се тестира на следните локални избори, барем дел од советниците да се избираат на таков начин. Тоа значи дека граѓаните ќе може да гласат за оној за кој веруваат дека ќе има најдобар перформанс, а не како досега каде им се даваат затворени листи од партиите за кои тие не може да бираат за кој кандидат ќе гласаат туку влегуваат во функција оние кои се прво рангирани на листата, а тој ранг го определуваат партиите и следствено на некој начин избраните пратеници им се лојални на партиите, а не на граѓаните. Затоа системот на отворени листи е нужен за демократска консолидација на земјата“, вели Трошановски.
Во Македонија имаше неколку иницијативи за промена на изборниот модел, но тие беа секогаш одбивани од големите партии кои имаат монопол врз гласачкото тело.
Иницијативата на петнаесетината пратеници од малите партии за замена на сегашните шест изборни единици со една според Трошановски за граѓаните е чекор во подобра насока иако дополнува дека крајната цел треба да бидата отворените листи.
„Има додадена вредност едната изборна единица како нов модел на избор затоа што шансите помалите парти да бидат избрани во параламентот се зголемуваат“, вели Трошановски.
Тој дополнува дека досега победниците на изборите односно големите партии ги земаа сите гласови. Во случај помала партија да освои и 50 илјади гласови тие се губеа во распределбата на шест изборни единици. Сега кога со една изборна единица има поголема шанса гласовите што ги добиле помалите партии да им донесат пратеник во Собранието.