Вести
Заев не се откажува од една изборна единица

Премиерот Зоран Заев денеска изрази надеж дека ќе биде постигнат консензус за промена на Изборниот модел со една изборна единица, повторувајќи дека со тоа губат големите партии, ќе загуби и СДСМ, но ќе се острани можноста за какво било авторитарно однесување во иднина.
Заев одговарајќи на новинарско прашање по промоцијата на „Граматиката на современиот ромски јазик“, нагласи дека добро е во државата вакви важни прашања, како промена на Изборен модел, да се носат со консензус.
„Ако дојде до гласање во Парламентот јас се надевам, дека тоа ќе биде консензуално, но ако не е консензуално на кој било друг начин социјалдеморкатите ќе гласаат за оваа измена. ДИК е подготвена, институциите се подготвени, постапката е едноставна“, рече Заев кој додаде дека постои поддршка за овие измени.
види ги сите денешни вести
Граничната полиција истражува како Додик ја преминал границата меѓу БиХ и Србија

Граничната полиција на Босна и Херцеговина, по налог на директорот Мирко Купрешаковиќ, спроведува истрага за преминувањето на државната граница од страна на Милорад Додик, претседател на ентитетот Република Српска, се вели во денешното (25 март) соопштението на оваа државна институција.
Додик ја премина границата меѓу Босна и Херцеговина и Србија еден ден претходно, кога отиде во Батајница, во близина на Белград, да ја одбележи годишнината од бомбардирањето на НАТО.
Претседателот, премиерот и претседателот на Собранието на Република Српска – Милорад Додик, Радован Вишковиќ и Ненад Стевандиќ се осомничени за напад на уставниот поредок, а по нив е распишана централна потерница, како што потврдија за Радио Слободна Европа на 17 март.
Доколку по некое лице биде издадена централна потерница, секоја од 16-те полициски агенции и одделенија во Босна и Херцеговина се бара да ги уапси.
„Се преземаат сите мерки и дејствија за утврдување на околностите и начинот на кој претседателот на Република Српска Милорад Додик ја преминал границата меѓу БиХ и Република Србија. Во врска со споменатиот настан, Граничната полиција на БиХ ќе го извести Обвинителството на БиХ и ќе соработува со сите органи за спроведување на законот“, се додава во соопштението.
Во Босна и Херцеговина, постојат три полициски агенции кои работат на државно ниво, по една на ниво на секој ентитет и по една во областа Брчко. Сите десет кантони во ентитетот на Федерацијата БиХ имаат и свои полициски сили.
Поради сложената државна структура, некои од нивните надлежности се преклопуваат.
Практично сите полициски агенции во државата меѓу своите надлежности имаат спречување на кривични дела, откривање на нивните сторители, истрага на кривични дела и соработка со надлежните обвинителства.
Граничната полиција на БиХ е одговорна за контрола на државната граница, за спроведување на законот за движење и престој на странци и за кривични дела насочени против граничната безбедност.
Палестинскиот оскаровец претепан од израелски доселеници на Западниот Брег

Израелски доселеници го претепаа Хамдан Балал, палестинскиот ко-режисер на документарниот филм „Нема друга земја“ кој доби Оскар, на окупираниот Западен Брег, во понеделникот (24 март), а потоа облеан во крв, беше приведен од израелската војска, велат активистите кои биле сведоци на инцидентот.
Десетици доселеници го нападнаа палестинското село Сусија во областа Масафер Јата, уништувајќи имот, објави активистичката група Центар за еврејско ненасилство.
Тие го нападнаа Балал, еден од четворицата режисери на документарниот филм награден со Оскар, и го тепаа додека главата не му искрвари, велат активистите.
Додека тој добиваше медицинска помош во собата за итни случаи, израелските војници го уапсија и него и уште еден Палестинец, се додава во соопштението.
Не се знае каде е однесен Балал.
„Нема друга земја“ годинава доби Оскар за најдобар документарен филм.
Ги прикажува напорите на населението во областа Масафер Јата да ја спречи израелската армија да ги уништи нивните села.
Филмот има четворица ко-режисери. Балал и Базел Адра се Палестинци и жители на Масафер Јата. Другите двајца ко-режисери се Израелци: Јувал Абрахам и Рејчел Сзор.
Лукашенко положи заклетва за седми мандат, групите за права алармираат за „противуставно“ владеење

Белорускиот претседател Александар Лукашенко положи заклетва за седми мандат на 25 март, додека групите за човекови права соопштија дека владеењето на авторитарниот лидер е „противуставно“.
Лукашенко освои над 86 отсто од гласовите на претседателските избори на 26 јануари, кои беа широко осудени како измама од западните земји.
„Тие се случија во услови на длабока криза за човековите права, во атмосфера на целосен страв предизвикан од репресија врз граѓанското општество, независните медиуми, опозицијата и сите неистомисленици“, се вели во заедничката изјава на 10 белоруски групи за права на 25 март.
Лукашенко положи заклетва за време на церемонијата во главниот град Минск.
Тој меѓудругото, изјави дека трупите на НАТО се на прагот на Белорусија и дека Западот прави се што може за да ја вовлече земјата во конфликт.
„Ескалацијата околу нас само се интензивира. Војниците на НАТО се на прагот од нашиот дом и прават се за да ја вовлечат Белорусија во конфликтот“, рече Лукашенко по церемонијата на инаугурација во Палатата на независноста во Минск.
Истиот ден, стотици поддржувачи на белоруската демократска опозиција одржаа митинзи низ Европа, вклучително и во Литванија, Полска и Чешка, за да го одбележат Денот на слободата на земјата.
На 25 март се одбележува годишнината од прогласувањето на независна Белорусија во 1918 година и традиционално се слави од белоруската опозиција, од кои многумина избегаа во егзил или беа затворени од режимот на Лукашенко.
На претседателските избори во јануари, на кои беше забрането присуството на меѓународните медиуми и западните набљудувачи, Лукашенко се натпреваруваше против четворица други кандидати, од кои сите ја поддржаа неговата влада и нејзината политика.
Лукашенко, кој е на власт три децении, ги отфрли сите критики за изборите, а истото го направи и Русија, најблискиот сојузник на Минск.
Во 2020 година, масовните протести избија по спорните претседателски избори кои го продолжија долгогодишното владеење на Лукашенко за уште еден мандат.
Изборите беа широко осудени како фалсификат од страна на Соединетите Држави, Европската Унија и другите меѓународни актери.
Протестите, на кои се бараше оставка на Лукашенко, беа дочекани со масовни апсења, наводни мачења и насилни репресии во кои загинаа неколку луѓе.
Втора награда „Никола Младенов“ за новинарот на РСЕ Клинчарски и пофалница за новинарката на РСЕ, Николовска

Новинарот на Радио Слободна Европа, Петар Клинчарски е добитник на втората награда за Најдобра истражувачка сторија на годинешниот конкурс за новинарски награди „Никола Младенов 2024“ за серијата истражувања за злоупотреби во Државна лотарија поврзани со јавните набавки и закуп на деловен простор.
Tимот новинари од емисијата „КОД“ ја доби првата награда за серијалот истражувачки стории за тендерите во енергетскиот сектор, објавени на ТВ Телма, додека на тимот на Истражувачката репортерска лабораторија (ИРЛ) му припадна третата награда за Најдобра истражувачка сторија за истражувањето „Украдени животи“, емитувано на МТВ1 и на веб-порталот на ИРЛ.
Уште во 2023 година, Радио Слободна Европа пишуваше за сомнителните тендери во Државна лотарија на луѓе блиски до тогашната власт, а подоцна објави и дека Државна лотарија закупила деловен простор во скопско Визбегово за потребите на Лотарија кои не биле соодветни и не биле согласно условите наведени во објавениот јавен повик, а цената за закупот била двојно повисока од реалната пазарна цена.
Според договорот за закуп, акционерското друштво се обврзало да исплати 2,6 милиони евра на „Хеј ДООЕЛ“ за рентање на простор во следните 10 години или по речиси 22000 евра месечна кирија. Компанијата го купила земјиштето и објектот неколку месеци пред да склучи договор со Државна лотарија.
Министерството за внатрешни работи во декември минатата година распиша меѓународни потерници за поранешниот вицепремиер Артан Груби и директорот на Државна лотарија, Перпарим Бајрами, кои се товарат за проневера на околу осум милиони евра од Државна лотарија за набавка на ВЛТ апарати. И Перпарим Бајрами и Артан Груби се недостапни за органите на прогонот.
Новинарката Билјана Николовска пак доби пофалница за истражувачката сторија „Made in Veles“: Трамп картички со „милиони“, која ги разоткрива шемите за финансисики измами со картички со ликот на Трамп.
По неколкумесечно истражување и инфилтрација во затворени групи на платформата Телеграм, Радио Слободна Европа идентификуваше 69 луѓе кои создале лажни понуди за продажба на дебитна картичка со ликот на американскиот претседател Доналд Трамп. Новинарите пронајдоа и 88 веб-страници кои беа активни во моментот на пишување на истражувањето, преку кои се нудат различни производи на, како што е посочено, „американските патриоти“. Од 69 креатори на слични производи за продажба, врз основа на податоците од социјалните мрежи, беше откриено дека најмалку 45 од нив како локација го поставиле градот Велес.
Пофалници за истакнат новинарски ангажман во категоријата Најдобра истражувачка сторија им беа доделени и на Мирослава Симоновска, Мери Јордановска и Антонија Јаневска, Александар Димитриевски, Александар Методијев и Сузана Мицева.
Наградите за најдобра истражувачка сторија МИМ ги доделува традиционално од 2001 година, а од 2013 година, наградата го носи името на починатиот новинар и сопственик на неделникот „Фокус“, Никола Младенов.
Постапката за разрешување на јавниот обвинител Коцевски засега се стопира

Премиерот Христијан Мицкоски денеска (25 март) изјави дека постапката за разрешување на јавниот обвинител Љупчо Коцевски во моментот ќе се запре до таму каде што се наоѓа.
„Во овој момент имајќи ја предвид чувствителната ситуација во општеството планираме таа постапка да ја застанеме таму каде што се наоѓа, затоа што цениме дека обвинителите кои што работат посебно на случајот што се случи во Кочани, треба да работат и да сработат, да им дадеме шанса да сработат. Јас кога кажав дека сме задоволни впрочем можев да видам дека постои една заедничка акција и работа помеѓу МВР и Јавното обвинителство кое што резултираше со 34 обезбедени лица коишто имаат и најмал сомнеж за поврзаност со овој случај“, рече Мицкоски.
Истакна дека тука нема да се застане и дека случајот ќе се проширува.
„Но исто така јавноста е чувствителна и на некои случаи од минатото кои ќе треба да видиме, да почекаме, Јавното обвинителство дали има амбиција и тука да констатира некои неправилности од минатото, и дали би можело можеби повторно можеби тие случаи да ги преразгледа па да видиме дали навистина сме сите за правда или таа правда треба да биде селективна. Да видиме дали навистина таа правда некогаш е добиена или таа правда била селективна, така што ние како влада го охрабруваме, тоа е работа на Обвинителството, не е наша како Влада, но го охрабруваме во таа насока да се движи и без разлика секој оној којшто направил било каква грешка и работел спротивно на законот да биде санкциониран“, рече Мицкоски.
Владата на 11 февруари 2025 година донесе одлука да поведе постапка за разрешување на државниот јавен обвинител Коцевски кој беше избран на оваа позиција пред една година, а неговиот мандат трае шест години.
Министерството за правда, постапувајќи по заклучокот од 50-та седница на Владата, го изготви Предлог-мислењето за разрешување на државниот јавен обвинител.
Претреси и други дејствија на истрагата за пожарот во Кочани

Во текот на вчерашниот ден и денеска (25 март) истражните тимови на Јавното обвинителство и Министерството за внатрешни работи координирано преземаат дејствија за обезбедување докази во истрагата во врска со трагичниот пожар во Кочани, информираат од Обвинителството.
„Извршени се претреси на пет локации во Кочани и во Скопје, при кои се одземени дополнителни електронски уреди и други докази за кои се издадени наредби за вештачење. Извршени се и распити на лица кои би можеле да имаат определени сознанија“, се вели во соопштението од ОЈО..
Во текот на денот, Јавното обвинителство ќе издаде наредба и до Управата за финансиска полиција за преземање определени дејствија поврзани со материјалното работење на повеќе правни субјекти, осомничените и други лица.
Вкупниот број осомничени за пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани засега е 34 физички лица.
Обвинителството претходно соопшти дека сите осомничени од 2012 година до 16 март 2025 година, заеднички, но секој од аспект на своето својство и надлежности, не постапиле по прописите за мерки за заштита и со тоа предизвикале опасност по сите.
Несреќата се случи во раните утрински часови во неделата (16 март) во дискотеката „Пулс“ каде настапуваше групата „ДНК“. Во пожарот животот го загубија 59 лица, а околу 200 беа повредени.
Средба Соренсен-Вучиќ во Белград

Српскиот претседател Александар Вучиќ се сретна со специјалниот претставник на Европската Унија за српско-косовски дијалог, Петер Соренсен во Белград.
Вучиќ на Инстаграм изјави дека првата средба била отворена и фер.
Тој изјави дека го информирал Соренсен за проблемите со кои се соочуваат Србите на Косово.
„Изразив особена загриженост за тешката положба во која се наоѓаат Србите поради бројните ескалирачки, еднострани и насилни потези на Приштина“, напиша Вучиќ.
Српскиот претседател оцени и дека Приштина спроведува „постојани опструкции во процесот на дијалог“ и повтори дека формирањето на Заедницата на општини со српско мнозинство, по 12 години одбивање на Приштина да ја исполни таа обврска е предуслов за почеток на суштинска нормализација на односите.
Претставниците на големата петорка-Европската Унија, САД, Франција, Германија и Италија им претставија нацрт-статут за Заедницата на општините со мнозинско српско население на Косово (ЗСО) и Србија во 2023 година. Статутот на Заедницата предвидува решение за положбата на српската заедница во Косово, ја регулира заштитата на нивните права, како и финансирањето од Србија.
Вучиќ изрази очекување дека Европската Унија ќе го зголеми својот ангажман за да го зачува кредибилитетот на дијалогот и да одржи непристрасна улога во овој процес.
Тој додаде дека ставот на Србија е дека само конструктивниот дијалог и компромисните решенија можат да придонесат за долгорочен мир и стабилност на Западен Балкан.
Соренсен претходно ја посети Приштина на 17-ти март, каде што се состана со косовските власти.
Подоцна, европскиот посредник за новинарите изјави дека негов приоритет ќе биде да обезбеди средби меѓу претставниците на Косово и Србија.
„Дијалогот е таму за да се обезбеди одржување на состаноците. Дали тоа значи компромиси или не, зависи од страните да одлучат“, рече Соренсен.
Последната средба во Брисел, со посредство на Европската Унија, меѓу Косово и Србија се одржа на 17 декември минатата година.
Србија не ја признава независноста што Косово ја прогласи во 2008 година, но под покровителство на ЕУ води дијалог со Приштина за нормализација на односите што треба да резултира со правно обврзувачки договор.
Од скопските болници денеска ќе бидат отпуштени 12 пациенти

Министерот за здравство Арбен Таравари информираше дека денеска (25 март) од болниците во Скопје на домашно лекување ќе бидат пуштени 12 пациенти од вкупно 39 пациенти кои се лекуваат во земјава по трагичниот настан во Кочани.
Од оние кои се лекуваат во странство, денеска се очекува едниот пациент да се врати од Белград и да продолжи неговото лекување во Скопје. Од пациентите кои се лекуваат надвор од државата, во критична состојба остануваат четири до пет пациенти.
„За жал, четири-пет пациенти се во посериозна состојба, некаде има и влошување, меѓутоа нашите колеги во болниците каде овие пациенти се лекуваат се обидуваат да дадат максимум од себе за да го поминат овој тежок период“, рече Таравари на прес-конференција.
Од болниците во земјава, како што посочи, на Детска хирургија нема да има пациенти, а остануваат пациенти на Клиниката за пластична хирургија и на Клиниката за токсикологија. Во Градската болница „Св. Наум Охридски“ ќе останат на лекување шест пациенти.
Во пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани на 16 март животот го загубија 59 лица, а околу 200 беа повредени.
Починатите, кои се на возраст од 16 до 48 години беа погребани во Кочани, Штип, Струмица и Скопје.
Аплауз за младиот Јован кој спаси 21 живот во пожарот во Кочани

Деветнаесетгодишниот Јован Костадинов, кој спаси 21 лице во пожарот во дискотеката во Кочани, беше пречекан со аплауз во гимназијата „Ванчо Прќе“ во Виница.
Веста ја објави и министерот за здравство Арбен Таравари на својата Фејсбук страница.
„Денеска, со длабока емоција и бескрајна гордост, ви ја споделувам веста дека Јован Костадинов, храбриот млад човек кој спаси 21 живот во трагедијата со пожарот во Кочани, конечно се врати дома. Постојат моменти кога зборовите не се доволни, а ова е еден од нив. Како да се опише душа толку храбра и несебична, која во мигови на паника и опасност не помисли на себе, туку само на другите?“, напиша Таравари на Фејсбук.
Министерот додава дека иако има само 19 години постапил како вистински херој и влегол над 20 пати во дискотеката за да им помогне на оние кои биле заробени во пламенот.
„Го ризикуваше сопствениот живот за да спаси други. Неговото тело ги носи лузните од неговото јунаштво, но неговото срце носи нешто далеку поголемо: почитта, восхитот и љубовта на цела нација. Јован не е само херој на Кочани. Тој е херој на целата наша држава. Симбол на тоа што значи да се стави човечноста над стравот. Потсетник за сите нас колку многу може да направи еден човек со големо срце. Добредојде дома, Јован. Твојата приказна ќе живее вечно, во животите што ги спаси, во семејствата што повторно се заедно и во срцата на секој граѓанин што сега го знае твоето име. Во име на сите граѓани, јас ќе кажам едно нешто, јасно и гласно: Никогаш нема да заборавиме“, напиша Таравари.
Младиот човек денеска во гимназијата „Ванчо Прќе“ во Виница беше пречекан со аплауз, а видео од пречекот беше споделено на Фејсбук.
Турската полиција уапсила уште 43 демонстранти на протестите во Истанбул

Полицијата уапси 43 демонстранти во центарот на Истанбул, објави турскиот министер за внатрешни работи Али Јерликаја на социјалните мрежи.
Синоќа (24 март) повторно се одржа митинг на опозицијата на плоштадот Сарачане во близина на градското собрание, на кој присуствуваа неколку илјади луѓе.
Помали групи демонстранти се обидоа да одржат демонстрации и во други делови на Истанбул.
Голем број демонстранти синоќа ги блокираа улиците на Истанбул, во рамки на шестата ноќ од протестите во Турција, јавуваат агенциите.
Демонстрациите започнаа во Истанбул минатата среда кога градоначалникот Екрем Имамоглу, главен ривал на претседателот Реџеп Тајип Ердоган, беше приведен под обвинение за корупција.
Судирите со безбедносните сили ескалираа во неделата вечерта, додека полицијата употреби солзавец и гумени куршуми врз демонстрантите, според британскиот јавен сервис.
Судот во неделата одлучи дека Имамоглу треба да остане во притвор до почетокот на неговото судење за наводна корупција и тероризам. Имамоглу ги негира обвинувањата.
Мултимедија
Најпосетени
Што треба да знаете