Достапни линкови

Таинственост околу составот на техничката влада


Архивска фотографија - седница на владата
Архивска фотографија - седница на владата

Од трети јануари владата ќе изгледа поинаку. Ќе има нов премиер, двајца нови министри, неколку нови заменици. Засега СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ не споменуваат точни кадровски решенија. Претходната пржинска влада пак беше полна со конфликти и обиди за печалење партиски поени.

Актуелниот премиер Зоран Заев ги троши своите речиси три последни недели на функцијата, но партиите сé уште се таинствени за тоа кој ќе го наследи него, а и кој ќе биде на другите министерски и заменички позиции.

Според Законот за влада, сто дена пред одржувањето на избори за пратеници Собранието избира нова, преодна Влада за спроведување на избори, предводена од нов премиер кој го предлага најголемата политичка партија што го формира владиното мнозинство. Бидејќи изборите се договорени за 12 април тоа би значело дека нов премиер по предлог на СДСМ и нови министри за внатрешни работи и труд и социјала по предлог на ВМРО-ДПМНЕ ќе треба да се изберат на трети јануари.

Заев изборот за технички премиер го сведе на двајца. Неодамна тој кажа дека Централниот одбор на партијата деновиве треба да одлучи, но дека ќе се бира најверојатно меѓу Оливер Спасовски и Мила Царовска. И двајцата прашани за можноста да го наследат Заев не одговараат конкретно.

Инаку, и Спасовски и Царовска, потенцијалните технички премиери, од трети јануари нема да бидат министри. Министерствата за внатрешни работи и за труд и социјала, првото кое го води Спасовски, а второто Царовска, според законот за влада, треба да го преземат кадри по предлог на ВМРО-ДПМНЕ.

ВМРО-ДПМНЕ таинствени

Но, од опозициската партија се уште потаинствени. Велат се уште не е донесена одлука кои кадри ќе ги предложат за тие позиции и не шпекулираат со имиња. Покрај двете министерски функции по предлог на партијата ВМРО-ДПМНЕ ќе има заменици во три министерства- за земјоделство, за информатичко општество и администрација и за финансии. Во полиција и во труд и социјала, каде што ќе имаат министри, заменици ќе им бидат по предлог на СДСМ.

Оваа ќе биде втора техничка влада во Македонија. Првата се формираше пред предвремените избори во 2016 година. Тогаш најмазно работата течеше со техничкиот премиер Емил Димитриев, а секаде каде што имаше технички министри тогаш од СДСМ и заменици од ВМРО-ДПМНЕ работата беше конфликтна, па се случуваа тужби до Управниот суд, кривични пријави и контра тужби, секојдневни расправии во медиумите.

Треба да поминат неколку изборни циклуси со техничка влада за да се заклучи дали ваквиот модел е добро решение, вели политичкиот аналитичар Џељаљ Незири, кој сепак не очекува многу поинаков однос и во идната техничка влада.

„Јас очекувам дека и оваа влада, по трети јануари ќе биде арена на меѓупартиски битки во функција на прибирање повеќе партиски поени за својата партија или, пак, опструкции за политичкиот опонент. Нашите политичари не се созреани до тоа ниво да ги стават државните пред партиските интереси“, вели Незири.

Најстрого во МВР

Законот за влада е најпрецизен во однос на ингеренциите на министерот за внатрешни работи. Тој може да изврши најмногу 15 разрешувања или распоредувања, потоа хоризонтални распоредувања на вработените кои се на негов предлог во бројката до десет отсто од бројот на хоризонтални распоредувања базирани на просекот на овие распоредувања во 2013 и 2014 година.

Законот со кој се предвидува ваква влада пред избори е дел од таканаречениот Пржински договор кој го постигнаа поранешниот премиер Никола Груевски, актуелниот премиер Зоран Заев кога беше опозиционер и претставници на другите партии со помош на меѓународната заедница.

Со тој договор почна расплеткувањето на политичката криза до која дојде откако тогаш опозициската СДСМ почна со објавување на таканаречените бомби во кои се откриваа нерегуларностите што ги правела владата на ВМРО-ДПМНЕ.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG