Достапни линкови

Политичката драматика за Законот за јазици заради изборите


Архивска фотографија - премиерот Зоран Заев и вицепремиерот Бујар Османи
Архивска фотографија - премиерот Зоран Заев и вицепремиерот Бујар Османи

Реакциите на дел политичари поврзани со мислењето на Венецијанската комисија за Законот за употреба на јазиците според Александар Кржаловски од МЦМС добиваат драматика и радикалност поради ближењето на изборите. Според аналитичарот Џељаљ Незири, ова може да се реши со рационален пристап.

Премиерот Зоран Заев, неговите заменици во Владата Радмила Шекеринска и Бујар Османи, опозициските лидери Христијан Мицкоски и Биљаљ Касами, сите реагираа со спротиставени, a некои и жестоки ставови за мислењето на Венецијанската комисија за Законот за употреба на јазиците.

Според политичкиот аналитичар Џељаљ Незири, ваквите реакции на политичарите се должат на договорените пролетни предвремени парламентарни избори и обидот на нив да се добие глас повеќе.

„Оваа тема што ја отвори Венецијанската комисија со рационален пристап може да се затвори на соодветен начин, но проблемот е што партиите пред избори на сите прашања гледаат како на начин на кој може да профитираат“, вели Незири.

Што препорача комисијата?

Венецијанската комисија во минатата недела даде препораки во неколку области од законот, а смета и дека треба да дојде до напуштање на одредбите што се однесуваат на двојазичноста во судските постапки оценувајќи дека тоа може да ги одолговлечи. Мислењето за Законот за употреба на јазиците доаѓа речиси две години по неговото усвојување. Тој беше донесен во јануари 2018 година и со него се дава поширока употреба на албанскиот јазик. Веднаш по носењето беше испратен до Венецијанската комисија за мислење кое еднаш во октомври на барање на Владата беше одложено. Објаснувањето тогаш беше дека во моментот немало човечки ресурси за да ги спроведе заклучоците на комисијата.

Извршниот директор на Македонскиот центар за меѓународна соработка Александар Кржаловски смета дека силните реакции на политичарите се должат и на претходно пропаднатите обиди да се постигне консензус за носењето на законот и за тоа, како што вели, сега се случуваат вакви поделби. Ваквите изјави, смета Кржаловски, ќе беа слични и ако не се ближеа предвремени парламентарни избори.

„Но, точно е дека самото ближење на изборите додава на драматиката, изостреноста на реакциите и нивната радикалност и дополнително, како што сме навикнале, е палење на етничкиот елемент, особено од ВМРО-ДПМНЕ и на ДУИ во смисла да ги засилат тие меѓуетнички тензии за да ќарат глас повеќе на своја сметка“, вели Кржаловски.

Што рекоа политичарите?

Прв од политичарите сега реагираше премиерот Зоран Заев кој рече дека власта ќе го почитува мислењето на Венецијанската комисија, но веднаш по него следеше реакција од вицепремиерот Бујар Османи кој рече дека секое отворање на Законот за јазици со кој се затвориле прашањата од Рамковниот договор ќе не врати пред 2001 година.

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски на прес-конференција пак кажа дека тие ќе поднесат амандмани на законот кој го нарече правна дивоградба.

Од Алијансата за Албанците, Движењето Беса и Алтернатива реагираа дека Албанците не се малцинство и оти албанскиот јазик треба повторно уставно да се регулира.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG