Делегацијата на Венецијанската Комисија ги слушна ставовите на сите политички партии во врска со Законот за употреба на јазиците. Дел од политичките претставници средбата ја оценија како информативна, затоа што како што велат, на неа странските eксперти повеќе прашувале и ги слушале забелешките и мислењата на пратеничките групи. Сега на ред е Комисијата која треба да изготви мислење за законот, но нема законски рок до кога тоа треба да се случи. Пратениците велат дека доколку постои договор меѓу сите партии, тие ќе ги почитуваат нивните препораки.
„Тие воопшто се интересираат за решенијата во законот, за сите решенија: како ќе говорат граѓаните, како ќе се користат двата службени јазици пред сите институции, во судовите, пред нотарите итн, како ќе функционира Агенцијата, Инспекторатот, прашањата беа за сите сегменти на кој се однесува законот. Да, законот е веќе во сила, но доколку сите се договориме дека ќе ги почитуваме нивните препораки, можеме да ги вградиме во постоечкиот закон, се разбира во договор со сите“, рече по средбата Соња Мираковска од НСДП.
Координаторот на пратеничката група на ДУИ, Артан Груби рече дека пред комисијата ја образложил потребата од донесување на овој закон, кој според него придонесува за јазичната рамноправност на граѓаните во земјава. Во однос на алтернативниот текст на член 8 кој се однесува на употребата на овој закон во парите и униформите Груби вели дека мислењето на Комисијата ќе биде почитувано.
„Тој текст на законот не е усвоен. Ако нивните мислења бидат афирмативни, тогаш во однос на тој текст на член 8 законот треба да се смени вклучувајќи го нивното мислење. Ако е негативен по однос на тие два елементи, тогаш не треба да се менува законот зошто тој е усвоен, без тој текст“, вели Груби.
Од опозициската ВМРО-ДПМНЕ велат дека ги кажале забелешките во однос на законот, пропустите на деловничката процедура на донесување, но и како што велат, неуставноста на целото законско решение.
„Ние треба прво да видиме што како документ ќе се изготви, но сакам да потенцирам дека начинот на владеење, на управување и непочитување на Деловникот не донесе до оваа постапка. Да имаше јавна расправа од пратениците, експертите, малцинските заедници и други, ние ќе имафме закон кој е прифатлив за сите. Но она што сакам да го потенцирам е дека нема облигаторност во одлуката која ќе ја донесе како заклучок Венецијанската комисија“, изјави координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски.
Правните експерти објаснуваат дека мислењата на Комисијата која е составена од професионални експерти имаат за цел да го подобрат законското решение.
„Доколку има какви било коментари, тоа може да значи дека треба да се интервенира во законот, со евентуални амандмани како што тоа било случај и порано со други закони. На тој начин на пример се интервенираше со Законот за заштита на свиркачите. Но, тоа е важно бидејќи нивните коментари најдобро кажуваат за начинот на кој законот треба да се имплементира и важноста на законските решенија опфатени со тој закон. Така што мислам дека тоа дефинитивно ќе го подобри и спроведувањето на самиот закон за употреба на јазиците“, вели универзитетската професорка Беса Арифи.
Во јануари годинава, Владата на Република Северна Македонија, согласно својата претходно донесена одлука, ја испрати целосната содржина од Законот за употреба на јазиците на мислење до Венецијанската комисија, заедно со алтернативниот текст на членот 8, кој не е составен дел од Законот, од причина што се постави прашањето за неговата усогласеност со Уставот на Република Северна Македонија.
Членот 8, кој не влезе во законот, предвидува и парите, поштенските марки, уплатниците, фискалните извештаи, фактурите и бандеролите, да бидат напишани, освен на македонски, и на албански јазик. Во став (3) е пропишано дека униформите на полицијата, пожарникарството, здравството во Скопје и во единиците на локалната самоуправа во кои најмалку 20% од граѓаните зборуваат службен јазик различен од македонскиот јазик се напишани на македонскиот јазик и неговото кирилско писмо, како и на јазикот што го зборуваат најмалку 20% од граѓаните во Република Македонија и неговото писмо.
Законот за употреба на јазиците беше објавен во Службениот весник на 14 јануари годинава само со потпис на претседателот на Собранието Талат Џафери со укажување дека тоа се прави бидејќи поранешниот претседател Ѓорге Иванов одбил да го стори тоа. Законот двапати беше изгласан во македонското Собранието на 11 јануари и на 14 март минатата година, но Иванов одби да го потпише со образложение дека е противуставен.