На две теми се фокусирани медиумите, и електронските и пишаните: состојбите во правосудството и наводните лажни вести.
Состојбите во правосудството, во анализа во Нова Македонија се нарекуваат „Раштиман оркестар“, особено по несогласувањата и прилично острата комуникација помеѓу Обвинителството и Апелацискиот суд во врска со пуштањето на Катица Јанева во домашен притвор, со што, како што пишува, „македонскиот правосуден систем покажува сериозни симптоми на гнилост“.
Слободен печат исто така има колумна чија поента е дека секогаш кога ќе добиеме некои препораки дека „мораме недвосмислено и одлучно да се бориме со организираниот криминал, воопшто не се натегаме и велиме едно кусо – нема грешка – и веднаш се фативме да претеруваме...“ насловот на колумната е: „Од Крале Марко, преку Катица Јанева до Вилма Русковска“.
А порталот СДК.МК. во колумната со наслов „Цреши и судии“ се осврнува на истиот наш обичај, краткото паметење: „Можеш да направиш“, вели колумнистот, „и 100 добри работи, смисли три-четири глупости и ете ти – сите се исти“. Никола Груевски се тепаше со Талат Џафери, му ја крадеше картичката за гласање и го прскаше со вода за да го спречи донесувањето на Законот за јазици, а сега токму тој закон ќе го користи за да го одложи судењето за уривањето на ’Космос‘ и да му застари делото во кое, покрај неколкумина други високи поранешни функционери, тој е првообвинет... Една од обвинетите го смени адвокатот, ама бидејќи тој е Албанец, рекол дека не го знае македонскиот и ќе чека превод на сета документација од изминатите две години, што може да потрае 6 месеци – и делото може да застари зашто целиот процес се враќа на почеток...“ Па продолжува дека главниот кабает на Заев, човекот што го одблокира процесот за пристап кон НАТО и ЕУ, што се мири со соседите, што сее оптимизам, е што „дозволи да му избега Груевски и што не се фати веднаш со реформите во судството... Сега, шест месеци до избори веќе е доцна. Па што можеш да очекуваш од судии и обвинители излезени од тефтерчето на Гоца, освен кога-тогаш да одработат за тие што ги ставиле на тоа место... Она што те прави ништожен во сопствената земја е партизираното судство и партизираната администрација“, пишува СДК.МК.
А едно друго дело за кое е обвинет Груевски и цела група негови функционери веќе застаре: „Траекторија“. И Нова Македонија и СДК.МК излегоа со наслови дека „Државата ќе плати речиси 10 000 евра на Груевски за адвокатите затоа што Кривичниот суд констатираше апсолутна застареност за делото на Груевски, односно за злоупотребите при изградбата на кинеските автопати Штип – Миладиновци и Кичево - Охрид во случајот ’Траекторија‘“.
А во интервју за неделникот Капитал, Вера Јурова, еврокомесар за правда вели: „Не смее да има никаков вид амнестија или помилување за криминалот, што е нешто што го очекуваат и граѓаните дека државата ќе продолжи со истраги!“
Неделникот Фокус, пак, во воведната колумна пишува дека случајот „Рекет“ е нуклеарка што може во парампарчиња да ја разнесе Владата на Заев, „па премиерот нема да си дозволи судскиот процес да се одвива без никаква контрола на обвинетите... Но таквиот есап е без крчмар. Идат избори, а тогаш сметката ја пишуваат граѓаните“, смета колумнистот во Фокус.
Вечер има наслов: „Решението на Апелација за Катица: Домашен притвор за самохрана мајка и невработена“.
Порталот Република пишува дека „Јанева зела 157 000 евра бонуси за неколкуте години наназад, а Апелација ја пушти во домашен притвор бидејќи била невработена и без имот“.
Обвинувањата дека „Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Мицкоски е на удар на лажни вести“, како што пишува порталот Курир – втора тема во медиумите. Порталот Република ја цитира изјавата на Мицкоски за една телевизија дека... „пи-ар перата на власта потрчаа да ја искриват вистината за разговорот со бугарскиот премиер Борисов“.
Инаку, порталот Плусинфо објави снимка од прашањето на Борисов: „’Поткрепа ли‘ ВМРО-ДПМНЕ договорот со Бугарија“, и одговорот на Мицкоски: „Поткрепа“.
Слободен печат објавува наслов: „Мицкоски ’поткрепа сичко‘ кога е во тесно“ и колумна чија поента е дека „’патриотизмот‘ е за домашна употреба, а проамериканизмот и проевропеизмот се за надворешна“.
СДК.МК. оди со цитат на Мицкоски: „Јас бев стипендист на италијанската влада, Влатко е женет за Американка – го убедуваше Мицкоски Борисов дека е за членство во ЕУ“.
Република наслови: „Мицкоски ги урна лажните вести на Владата – го увери Борисов дека го поддржува Договорот за добрососедство“ наведувајќи дека Мицкоски изјавил дека „јас лично поддржувам сè што е добро и за Македонија и за Бугарија“.