Достапни линкови

Случај „Рекет“ - пародија на правна држава


Спроведување на Катица Јанева од Шутка во куќен притвор
Спроведување на Катица Јанева од Шутка во куќен притвор

Обвинителката Вилма Русковска најави финансиска истрага за судиите, Апелациониот суд и одговори дека тоа е „директна закана и грубо мешање во работата на судот“. Според упатените ова е одраз на „катастрофалното судство и свиленото обвинителство“ .

Препирки, закани за истраги и за тужби меѓу судството и обвинителството предизвика одлуката на Апелациониот суд поранешната специјална обвинителка Катица Јанева да оди во домашен притвор.

Откако обвинителката Вилма Русковска најави истрага за судиите кои донеле таква одлука, тие одговорија дека ова е „директна закана и грубо мешање во работата на судот“.

По вонредниот состанок во Апелациониот суд од таму ја објавија и содржината на СМС пораката која тврдат дека ја синоќа ја испратила Русковска до еден од членовите на кривичниот совет.

„Ако ти со советот сте ја пуштиле Катица, да знаеш дека од гаќи ќе ве истресам цел совет со финансиска истрага. Заради судии како Вас, никогаш нема во ЕУ да влеземе. Ако не е твојот совет, се извинувам. Ама ако сте вие, ќе видите“, напишала Русковска, а тврдат од Апелација.

За судиите ваквото однесување на јавен обвинител е преседан во правосудниот систем.

„Токму ваквото недолично однесување на јавен обвинител кој раководи со Обвинителството за организиран криминал и корупција, истовремено, претставува директно влијание врз текот на водењето на судските постапки и грубо го нарушува принципот на независноста на судството, како многу важен сегмент на владеењето на правото, а токму тоа може да биде пречка за пристапување на нашата држава во ЕУ, на кое нешто се повикува обвинителката“, одговараат судиите.

Заев не коментира, за ВМРО-ДПМНЕ- театар и сценарио

На распит во обвинителството стигна и судијката- Весна Димишкова чие име беше спомнувано во снимените разговори поврзани со случајот Рекет.

Ова е одраз на „катастрофалното судство и свиленото обвинителство“ вели поранешниот судија, сегашен адвокат Валентин Зафиров. Тој коментирајќи ги расправиите на релација судство-обвинителство вели дека досега судството било само сервис на обвинителството и сега, како што вели, кога сака да се тргне од тоа да биде сервис, обвинителството „покажува заби“.

„Ова е само одраз на хаотично однесување на судството и обвинителството. Мислам дека ова е покажување на мускули од страна на обвинителството што мислам дека е избрзано“, вели Зафиров.

Премиерот Зоран Заев не коментира за случувањата обвинителство-судство.

„ Не коментирам за обвинителката Русковска. Прибе во својот извештај вели политичарите да избегнуваат коментари за одредени постапки на судии, обвинители, рече Заев одговарајќи на новинарски прашања по денешната промоција на веб платформата „Отворени финансии“. “

За ВМРО-ДПМНЕ, пак, ова се како што велат збунети реакции на „Кацарска судот и Русковска обвинителството“ кои се однесуваат како да не знаат што се случува, а очигледно е дека сето тоа е театар и претходно смислено сценарио.

„Денес веќе е јасно за какво организирано сценарио се работи каде што театрално глумат и се караат Русковска и Апелација, па ќе се пријавуваат во полиција каде што министерот е најблизок на Зоран Заев и во спрега со ова обвинителството, за на крај Зоран Заев да тврди дека е потребно ветинг по негова мерка“, вели портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ Димче Арсовски.

Владеење на правото- пародија

Сето ова следуваше откако полицијата ја донесе Јанева во станот на нејзиниот син, а таа излезе со качулка на главата и прекриено лице и раце. Домашниот притвор ќе го поминува во станот на нејзиниот син, за кого пак осомничениот бизнисмен Камчев, минатата недела поднесе кривична пријава дека заедно со мајка му и со обвинителката Лиле Стефанова се организирале за да му земат пари.

За адвокатот Зафиров не е спорно што Јанева ќе биде во станот на нејзиниот син, оти како што вели, за него има кривична пријава, но не и обвинение, а кривична пријава може да поднесе кој било за кого сака. Но, она што е спорно за Зафиров е како што вели театарот пред станот на синот на Јанева.

„Сето однесување поврзано со владеењето на правната држава во моментов и однесувањето на правосудните органи е пародија“,вели Зафиров.

Истовремено и Сашко Дукоски, адвокатот на Бојан Јовановски, првоосомничениот во Рекет, бара тој да биде хоспитализиран поради сериозни здравствени проблеми. Адвокатот тврди дека тоа што неговиот клиент е во притвор во Затворот Скопје, наместо на лекување е вина на здравството и обвинителството, не на судиите, кои како што тврди дале дозвола за хоспитализација.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG