Достапни линкови

Дукоски со кривична пријава против затворскиот лекар на Боки-13


Бојан Јовановски - Боки 13 во суд
Бојан Јовановски - Боки 13 во суд

Адвокатот Сашко Дукоски, бранител на обвинетиот во случајот „Рекет“, Бојан Јовановски изјави дека неговиот клиент, има неколку сериозни болести. Тој бара Јовановски да биде хоспитализиран и да биде лекуван.

Околу триесет пати обвинетиот Бојан Јовановски во случајот „Рекет“ бил хоспитализиран поради проблеми со желудникот, а левиот бубрег не му е функционален, при што вината за непреземањето мерки за неговата здравствена состојба, неговиот адвокат Сашко Дукоски ја лоцира пред се кај затворскиот лекар и кај обвинителството. Според него, станува збор за животно загрижувачка состојба и Јовановски три недели чекал да прими терапија со антибиотици, имал проблеми со термините за преглед, а во еден случај немало ни место за тој да биде хоспитализиран.

„Се работи за едно алиби постапување од здравствените власти каде што никој не сака да преземе одговорност да го хоспитализира ова лице кое што не е способно да функционира самостојно. За сето ова што го зборувам имам медицинска документација. Не зборувам напамет или е некаков си мој обид за да ја олеснам неговата притворска положба. Ни од далеку“, рече Дуковски.

Дукоски наведе и дека ќе биде поднесена кривична пријава за неколку кривични дела против затворскиот лекар, а притоа го пофали директорот и останатите вработени во истражниот затвор Скопје. Тој порача и дека обвинителката Вилма Русковска која го води случајот станала свесна за ситуацијата на Јовановски кога тој требаше да дава исказ.

„Судот е апсолутно професионален и апсолутно постапува многу професионално и брзо по секое барање за вршење на лекарски преглед. Но, тоа не можам да го кажам за обвинителството и нема да го кажам затоа што не е така“, смета Дукоски.

Тој додаде дека бараат Јовановски да ја добие здравствената заштита која му следува и притоа обвинетиот бил постојано омаловажуван во врска со неговата сексуална определба.

„Не бараме милост во ни еден момент, но тој е граѓанин како и сите други и заслужува најмалку еднаква нега“, истакна тој.

Дукоски порача и дека немаат намера да вршат опструкции во судскиот процес. Според него, тие не може ни да ја подготват одбраната за случајот, бидејќи на секоја средба разговараат само за здравствената состојба на обвинетиот.


На 3 декември започнува судскиот процес за „Рекет“ против Јовановски, поранешната специјална обвинителка, Катица Јанева и Зоран Милески, а во истовреме тече и истрагата откако беше проширена и на листата на осомничени во случајот се најдоа уште неколку лица. Сите тројца обвинети се товарат за „Примање награда за противзаконито влијание“, а Јанева дополнително за злоупотреба на службената должност, додека Јованоски е обвинет и за „Перење пари и други приноси од казниво дело“.

Јовановски, според обвинението, искористувајќи ги претходно воспоставените пријателски односи влијаел врз Јанева за таа да ја олесни положбата на осомничениот бизнисмен Орце Камчев во случајот „Империја“. Јанева прибавила имотна корист и тоа мебел во вредност од 5000 евра и пари во износ од 50 илјади евра. Јовановски и Милевски примиле награда од милион и пол евра.

Милески од притвор беше пуштен во домашен притвор, додека Јовановски и Јанева се во притвор. Истрагата за случајот, минатиот месец се прошири на уште пет физички лица, меѓу кои и пратеничката од редовите на СДСМ, Фросина Ременски и едно правно лице, односно невладината организација Меѓународен сојуз, чиј претседател беше Јовановски кој е првоосомничен.

Тие се сомничат дека преку невладината Меѓународен сојуз од бизнисмените Силјан Мицевски и Адријан Амзоски наплатиле 720 илјади евра, односно 260 илјади евра, измамувајќи ги дека ќе обезбедат државно неизградено земјиште за изградба на центар за возрасни лица и мобилен сервис, а потоа и субвенционирање од страна на државата.

Управата за јавни приходи, во меѓувреме, соопшти дека има индиции оти фирмите на Јовановски и фирми блиски до него, затаиле повеќе од 330 илјади евра данок. УЈП открила затајување данок во БМЈ груп, Меѓународен сојуз и Томато продукција.

Камчев неодамна поднел кривична пријава против Јанева, против нејзиниот син и против обвинителката Лиле Стефанова, која го води случајот Империја. Стефанова продолжи да го води случајот Империја и откако предметите на СЈО потпаднаа под надлежност на ОЈО.

Приватната клиника Аџибадем Систина преку суд бара наплата на 10 илјади евра од Јовановски за операција на желудникот, услугите и третманот во болницата. Дел од раководството на Систина е и Камчев.

  • 16x9 Image

    Марија Митевска

    Новинарската кариера ја започна во 2008 година во А1 телевизија како репортер во информативната програма.  Родена е на 14.04 1984 година во Скопје. Од мај 2009-та работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG