Достапни линкови

Ќе ги скара ли Венецијанската комисија владините партнери?


Тројазична патоказна табла во центарот на Скопје
Тројазична патоказна табла во центарот на Скопје

Дел од аналитичарите не ја исклучуваат можноста дека мислењето на Венецијанската комисија може да ги разниша односите во владината коалиција. Други пак велат дека препукувањата на оваа тема се само дел од секојдневната политичка реторика и нема посериозни последици на односите во коалицијата.

И додека дома коалициските претставници се препукуваат за нацрт документот на Венецијанската комисија, а во врска со Законот за јазици, Комисијата доцна синоќа соопшти дека го одложува донесувањето на нивниот став. Извештајот која требаше да се разгледа и усвои на пленарната седница на Комисијата во петок и сабота, сега ќе треба да почека.

Во документот кој веќе проструи во јавноста Венецијанската комисија има забелешки и бара законот да се ревидира без користење на скратена собраниска постапка бидејќи, како што е наведено, иако се унапредува албанскиот јазик, на институциите им се наметнуваат нереални правни обврски.

Политичките аналитичари велат дека мислењето на Комисијата може да предизвика тензии во владината коалиција, но не и последици врз односите меѓу етничките групи.

„Генерално етничките заедници во земјава се повеќе заинтересирани за стратешките приоритети и мислам дека дополнителните преговори околу законот за јазици нема многу да влијаат на меѓусебните односи. Но кај владините партнери, каде што законот за јазици е дел од нивната политичка платформа, тоа може да создаде дополнителни тензии. Така што ризикот за разединување е поголем кај владината коалиција одошто општо кај етничките заедници“, изјави политичкиот аналитичар Петар Арсовски.

Универзитетскиот професор Јетон Шасивари вели дека ова прашање нема капацитет да ги скара владините партнери бидејќи тоа е веќе решено. Оттука политичките препукувања на оваа тема, ги гледа како дел од дневниот политички фолклор.

„Лично сметам дека нема да дојде до посериозно нарушување на заедничкото дејствување на владината коалиција и тие политички субјекти кои го поддржуваат ова законско решение, бидејќи на некој начин ова прашање е решено и се работи за стекнато право. Оттука сметам дека сегашните препукувања меѓу коалиционите партнери се израз на некаква политичка реторика отколку на некакви сериозни или вистински разидувања околу ова прашање“, вели професорот Шасивари.

Тој вели дека законот бил донесен во специфичен политички момент и набрзина, па затоа предлага да се разгледаат најдобрите начини за успешно спроведување на ова законско решение. Сепак истакнува дека овој закон не значи официјализирање на албанскиот јазик, туку унапредување и проширување на јазичните права пропишани со Уставот.

Спикерот на македонското собрание Талат Џафери во неодамнешното интервју за Радио Слободна Европа изјави дека законот е веќе во сила и независно од мислењето на Комисијата тој ќе се спроведува.

„Од законот за употреба на јазиците пратен е на разгледување и се чека мислење на членот 8 кој се однесува за униформите и банкнотите. Се работи за консултативно мислење. Нема извршни одлуки. Препораката не е обврска, туку е на ниво на мислење. И во тој контекст институциите се должни да го спроведуваат законот, да ги направат сите подготовки за спроведување на истиот“, изјави во интервјуто Џафери.

Но, иако мислењето на Комисијата не е обврзувачко, аналитичарите предупредуваат дека непочитувањето на препораките на истата може да испрати лоша политичка порака.

„Мислењето на Венецијанската комисија не е обврзувачко, но е силна политичка порака и проблем ако не се почитува. Бидејќи Венецијанската комисија има влијание и во преговорите за ЕУ и во уставотворноста на државниот карактер, бидејќи ние таму учествуваме по сопствена волја со меѓународна конвенција. Така што, не мора да значи дека ако иако е необврзувачко, нема да има влијание“, дециден е Арсовски.

Претставниците на државниот врв веќе соопштија дека треба да се почека конечната верзија на Венецијанската комисија, па да се коментира ставот на Комисијата. Премиерот Зоран Заев вчера рече дека Владата е подготвена да го имплементираме мислењето на експертите бидејќи, според него, сето тоа што го предлагаат е на нивото на европските практики. Пред еден месец Делегацијата на Венецијанската Комисија беше во Скопје и ги слушна ставовите на сите политички партии во врска со Законот.

Законот за употреба на јазиците беше објавен во Службениот весник на 14 јануари годинава само со потпис на претседателот на Собранието Талат Џафери со укажување дека тоа се прави бидејќи поранешниот претседател Ѓорге Иванов одбил да го стори тоа. Законот двапати беше изгласан во македонското Собранието на 11 јануари и на 14 март минатата година, но Иванов одби да го потпише со образложение дека е противуставен.

  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG