Достапни линкови

Работата на градоначалниците и парламентарните избори


Гласање во вториот круг од претседателските избори 2019
Гласање во вториот круг од претседателските избори 2019

Народот е мудар и точно знае за што, за кого и за каков тип на политики гласа, вели градоначалникот на Скопје Петре Шилегов. Според него, граѓаните на изборите ќе знаат да ги препознаат политиките кои ги креирала СДСМ.

Незадоволството од работата на градоначалниците не може да влијае врз гласачите за предвремените парламентарни избори, вели градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов во интервју за Радио Слободна Европа кое ќе го емитуваме в недела.

СДСМ откако формираше Влада по предвремените парламентарни избори во 2016 година, победи и на локалните и на претседателските избори. Владејачката партија има 56 градоначалници во 80 општини.

Но, резултатите од првиот круг на претседателските избори го натера премиерот Зоран Заев да ја најави таканеречената метла која требаше да ги опфати функционерите од кои граѓаните биле незадоволни.

Шилегов вели дека народот е мудар и точно знае за што, за кого и за каков тип на политики гласа. Тој додава дека граѓаните на изборите ќе знаат да ги препознаат политиките кои ги креирала СДСМ.

„За само две и пол години станавме членка на НАТО и знаеме дека не по наша вина беше една можеби несреќна, субјективна одлука на еден од европските лидери да не започне процесот на преговори со ЕУ. Не сум ни јас лично задоволен како стоиме со правдата. Но, кога правдата е во прашање мислам дека граѓаните знаат дека сме во борба со остатоците на она што беше сваровски судство“, смета Шилегов.


Има разлика во начинот на кој се одлучуваат граѓаните на кого ќе му ја дадат поддршката, дали се работи за локалната или централната власт, вели политичкиот аналитичар Џељал Незири. Според него, на локалните избори се гласа за личности, а на парламентарните за партија.

„Често се случува истите гласачи да гласаат различно зависно од тоа дали се локални или парламентарни избори. Сепак, мислам дека работата или неостварените ветувања на градоначалниците можат да влијаат и врз вкупната перцепција на гласачите во однос на тоа што ќе понудат политичките партии на парламентарните избори, а кои ја имаат и локалната власт. Ако истата партија не успеала да ги испорача резултатите кои ги има ветено во 2017 година, значи на локалните избори, тогаш кредибилитетот да ветува нешто поголемо на парламентарните избори ќе биде многу низок. Со тоа значи нема да може да мобилизира доволен број на гласови за да победи на изборите“, вели Незири.

На парламентарните избори во 2016 година најмногу гласови 454.577, освои ВМРО-ДПМНЕ, а СДСМ 436.981. На претседателските избори годинава кандидатот на СДСМ освои 322.588 гласови, а на ВМРО-ДПМНЕ 318.341.

  • 16x9 Image

    Марија Митевска

    Новинарската кариера ја започна во 2008 година во А1 телевизија како репортер во информативната програма.  Родена е на 14.04 1984 година во Скопје. Од мај 2009-та работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG