Достапни линкови

Претседателската кампања генерална проба за парламентарни избори


Зоран Заев и Христијан Мицкоски на завршните митинзи на претседателските избори 2019
Зоран Заев и Христијан Мицкоски на завршните митинзи на претседателските избори 2019

Кандидатите за претседател и партиските лидери водат две кампањи. Првите се поумерени во обраќањата, додека кампањата на лидерите е поостра и понегативна и наликува на кампања за парламентарни избори.

„Гукни”, „зуцни”, „бре”, „ти се тресат ногавиците” или, пак, „ропство под чизмата на Зоран Заев”, „Заев ги предаде сите идеали” и редица други можат да се чујат деновиве на митинзинте за претседателските избори, но од партиските лидери Зоран Заев и Христијан Мицкоски. За разлика од нив, претседателските кандидати се поумерени во обраќањата еден кон друг, па не употребуваат толку жаргони или омаловажувачки зборови.

Според политичкиот аналитичар Петар Арсовски, има две кампањи кои течат во моментов. Првата е за претседателските избори чиј прв круг ќе се одржи в недела и другата, како што вели, е условно кажано кампања за парламентарни избори.

„Претседателските кандидати се обидуваат да се одвојат од своето матично партиско јадро, што го покажуваат и анализите и да тераат некаква попозитивна кампања во обид да ги привлечат неопределените. За разлика од нив партиите се фокусирани на мобилизација на своето партиско јадро и демобилизација на противничкото партиско јадро”, вели Арсовски.

Тој додава дека кампањата на партиските структури е поостра и понегативна, особено кај опозицијата што, како што нагласува, било и за очекување.

„Мислам дека и ќе продолжи кампањата на ист начин, оти овие избори имаат две цели - едната се претседателските избори, а втората е на ВМРО-ДПМНЕ, да си го консолидира своето партиско јадро”, вели Арсовски.

И Џабир Дерала од невладината организација Цивил, која ,меѓу другото, ја набљудува претседателската кампања, вели дека во многу случаи вокабуларот кој се употребува е како да се работи за парламентарни избори, а во некои случаи како и за локални избори.

„Претседателските кандидати веројатно се свесни за ингеренциите на функцијата претседател или претседателка, па не се впуштаат премногу во ветувања и се задржуваат на тоа што би бил нивни мандат ако ја освојат таа позиција, додека лидерите на политичките партии што ги поддржуваат си дозволуваат една многу поширока слобода во изразувањето”, вели Дерала.

Слично позиционирање има и кај кандидатот Блерим Река кој е поддржан од Беса и Алијансата за Албанците, па лидерите на тие две партии многу почесто од самиот кандидат го напаѓаат лидерот на ДУИ Али Ахмети, нарекувајќи го и манипулатор со Албанците.

Инаку во почетокот на изборната кампања дел кандидати влегоа со ветувања надвор од нивните ингеренции, но во текот на политичките претставувања ги стеснија своите ветувања. Според аналитичарите, кампањата засега тече помирно. Кандидатката поддржана од ВМРО-ДПМНЕ Гордана Сиљановска - Давкова се огради од еден од изборните спотови, на кој како нарачател беше потпишана ВМРО-ДПМНЕ, а за кој Пендаровски тврдеше дека се прави алузија со неговиот лик и го претставува на навредувачки начин.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG