Првата недела од предизборната кампања мина, со некои мали исклучоци, во атмосфера каква што се очекуваше и може да се каже на сосема задоволително и цивилизирано ниво и покрај „хендикепот“ дека почна на 1 април. Се чини дека тројцата кандидати, универзитетски професори, засега се обидуваат да ги оправдаат академските титули, но и потписот на кодексот за фер и демократски избори, ставен на ден пред почетокот на кампањата.
Иако има срамежливи обиди за посовремен начин на агитирање со употреба на интернетот и социјалните мрежи, сепак и сега доминира старомодниот метод со директни средби и пораки преку ТВ спотови.
Во нивните обраќања до граѓаните на митинзите низ градовите и селата, како и во интервјуата и дебатите по медиумите, преовладуваат неколку теми, а како најприсутно прашање се наметна Договорот од Преспа.
Кандидатот поддржан од владејачката коалиција, Стево Пендаровски, ја поддржува оваа спогодба и ги истакнува придобивките од неа.
„На оваа генерација македонски политичари ѝ падна да ги реши најтешките проблеми од независноста до денес. Сите тие одлуки воопшто не беа лесни. Ноќи и ноќи немаат спано тие што ги предводеа овие процеси додека дојдат до конечното решение. Меѓутоа денеска сите ние, кога ги гледаме првите ефекти од тие одлуки, знаеме дека вредело“, рече тој.
За претседателскиот кандидат Блерим Река, кој е поддржан од опозициските партии Беса и Алијанса за Албанците, договорот е вин-вин ситуација - Грција го сочувала своето античко минато, а Македонија ја добила својата европска иднина.
За разлика од нив, Гордана Сиљановска - Давкова, зад која стои опозициската коалиција предводена од ВМРО-ДПМНЕ, смета дека Договорот е негативен за Македонија и оти таа ќе се обиде да оспори делови од него пред Меѓународниот суд.
„Основното прашање е како тоа ние бевме информирани за ова, без за тоа да разговара парламентот, бидејќи пратениците се носители на суверенитетот на граѓаните. Како тоа една мала група, двајца премиери или неколкумина претставници на влади, одлучија за ваков потег. И тоа е надвор од границите на правото“, рече таа.
Иако тројцата се трудеа да покажат дека се натпартиски, независни и граѓански кандидати, уште во почетокот се препознава „печатот“ на силните партиски машинерии што стојат зад секој нивни чекор и активност. Атмосферата во предизборието ја подзовриваат токму настапите на партиските претставници на секојдневните прес-конференции, како и обраќањата на лидерите на митинзите, кога и тонот е повисок и пораките се поостри.
„Нашите политички опоненти не нудат ништо и немаат што да понудат, затоа што се празна слама. Ништо не нудат за иднината на својот народ“, рече премиерот Зоран Заев.
„Ајде заедно на 21 април да победи правдата во Македонија и потоа предвремени парламентарни избори и да им ја покажеме темната страна во историјата на овие „квислинзи“ кои денес се власт во Република Македонија“, рече претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.
Ова се делови од обраќањата на лидерите на СДСМ Зоран Заев и на ВМРО ДПМНЕ Христијан Мицкоски на предизборните собири.
Од работите кои може да се истакнат во овој преглед, ги издвојуваме и честото потсетување од Пендаровски дека СЈО мора да продолжи да функционира, како еден од главните услови за нашето евроинтегрирање, повиците од Сиљановска - Давкова да не се бојкотира вториот круг на изборите, како и акцентирањето од Река дека Македонија ќе биде република кога наместо владеење на поединци ќе имаме владеење на правото.