Достапни линкови

Пендаровски - Изборот е изолација или пат кон развиениот свет


Не сум чул за клаузула која ќе го напише името на камен
please wait

No media source currently available

0:00 0:12:24 0:00

Не сум чул за клаузула која ќе го напише името на камен

Претседателскиот кандидат Стево Пендаровски, поддржан од владејачката коалиција, во интервјуто за РСЕ вели дека застапува концепт за внатрешна кохезија и за евроатлантска интеграција. Тој вели дека неговата опонентка Силјановска има рецепт за одење назад и за блокади, а тој сака да трасира магистрала кон развиениот свет, но напоменува дека до тој свет нема да се стигне веднаш. Вели дека неприфаќањето на новото уставно име од страна на Силјановска е политика за по дома, а таа потпишала кодекс за фер избори на ливче на кое стои Северна Македонија. Пендаровски зборува и за амнестијата за 27 април, за цензусот, можниот бојкот.

Господине Пендаровски, зошто граѓаните да гласаат за Стево Пендаровски, а не за Гордана Силјановска Давкова или за Блерим Река?

Затоа што јас мислам дека концептот зад кој јас стојам, а кој го поддржуваат над 31 политичка партија и 32 илјади, формално зборувајќи, граѓански потписи е единствениот продуктивен концепт за Република Северна Македонија во овој историски контекст. Значи тоа е концепт кој нè внесува во евроатлантските интеграции и од друга страна внатрешно придонесува за внатрешната кохезија, особено за таа многу значајна меѓуетничка оска од која зависи стабилноста и се разбира просперитетот на државата. Не зборувам во овој контекст за амбасадорот Река, кој мислам дека во овие сегменти е прилично случен на мене, но концептот на Силјановска е драстично различен. Тие заговараат стопирање на овие процеси кои нè внесуваат во предворјето на Алијансата и со кој очекуваме да добиеме датум за почеток на преговори со ЕУ. Значи, тие се против Преспанскиот договор кој е главниот предуслов кој го исполнивме за да влеземе во НАТО, за да дојдеме до таму до каде што сме. Тоа, според мене, е рецепт за одење назад и рецепт за блокада и изолација на државата. Знаеме што 11 години, де факто, изолација на Груевски ни донесоа.

Тоа е вашиот опис на различните концепти, но дали навистина сметате дека Силјановска Давкова би ги блокирала евроатлантските процеси?

Јас морам да верувам во тоа што го слушам. Што навистина може да направи, тоа е друго прашање. Јас лично мислам дека вие не можете да го поништите Преспанскиот договор само со политичка изјава, бидејќи е продукт на две договорни страни, плус има меѓународен гарант, ОН. На договорот имате потпис од Скопје, од Атина и од Метју Нимиц. Значи вие морате да ги добиете петте постојани членки на Советот за безбедност, дека треба да се преотворат преговорите. Преговорите се водеа врз основа на нивни резолуции, тоа не е врз основа на моја или ваша волја. И да ги убедите луѓето што се на власт во Атина во тој момент дека треба да се почне повторно со преговори.

А што е со таканаречената клаузула која госпоѓа Силјановска ја спомнува како заштита на името преку Уставот?

Јас не можам да знам што се крие зад тоа, морам да ви кажам дека за промена на Уставот или на некој закон постои пропишана процедура, ако, сега можам да нагаѓам, бидејќи е необичен предлогот, да бидам благ во изразот. Ако мислите дека ќе го промените Уставот со тоа што внатре ќе ставите амандмани со член кој ќе вели отсега натаму нема да се менува во делот на името, значи како што сте дошле до таа измена со дветретини, така со две третини утре, задутре можете да го промените тоа. Не сум чул за клаузула која ќе го напише на камен и ќе рече ова е библија и нема да се менува 3000 години, процедурата за промена на Уставот е таа.

Како гледате на етикетирањето дека Стево е од Република Северна Македонија, а Гордана е од Република Македонија?

Тоа е една политичка пракса, која морам да ви кажам ме изненадува. Јас гледам дека Иванов не потпишува закони, бидејќи го користи старото уставно име. Ние имаме Устав донесен во регуларна процедура, гласање со 80 од 120. И ние мораме да го почитуваме тој Устав, значи кога се натпреваруваш, влегуваш во трка за кандидат за највисоката функција во државата, ти мора да го почитуваш највисокиот акт на таа држава. Ние, тројцата кандидати потпишавме кодекс за фер и демократски избори. На тие две ливчиња, на тие страници пишува Државна изборна комисија на Република Северна Македонија, значи ние потпишавме документ со кој сите тројца го уважуваме де факто и де јуре тоа ново име. Сега ако мислите заради политичка реторика и поени, утре, задутре да добиете нешто на тој план тоа ќе важи 20 дена, евентуално плус вториот круг, после ќе се соочиш со реалноста. Ние сме примени во сите меѓународни организации, дури и Руската Федерација сега нè призна со ново уставно име, не можам да ја сфатам таа политика за по дома. Партијата која ја предлага сега е преименувана од државата од која доаѓа во Европската народна партија и вели ВМРО-ДПМНЕ, досега беше ФИРОМ, сега е од Република Северна Македонија.

Сопруга, мајка, професорка, активистка - со овие зборови вашата противкандидатка Гордана Силјановска се опишува себе си. Како вие би се опишале со четири збора?

Во политичка смисла независен. Јас сум татко и сопруг и професор, мислам дека е доволно. Ама првото ми е посебно значајно.

Рековте независен. Ако претседателот Иванов 10 години не се конфронтираше со ВМРО-ДПМНЕ, дали Стево Пендаровски, ако биде избран за претседател, ќе биде некој вид коректор на извршната власт која сега го подржува?

Многу ми е битно кога кажувам кој се ме поддржува и кога ги набројувам политичките партии кои ме поддржуваат, имам пратенички потписи и граѓански потписи околу 32 илјади, постојано нагласувам дека сум работел со различни претседатели, различна идеолошка провиниенција и постојано нагласувам дека и таму и тогаш и денеска јас сум тој, јас сум свој. Јас почитувам магистрален правец во политиката, јас се залагам заоваа магистрала по која одиме. Во 2001 јас бев за политичко, не за воено решение на кризата, затоа работев со претседателот Трајковски со крај. Јас ги почитувам политичките реалности, меѓутоа преферирам да останам надвор од дневните партиски политики. Можам да гарантирам дека ако ја добијам довербата, после 5 мај, односно после 12 мај кога почнува формално мандатот на следниот претседател, дека јас можам да им кажам само благодарам на досегашните поддршки на политичките партии кои стојат зад мојата кандидатура, меѓутоа имам намера да водам политика која нема да се конфронтира со интересите на граѓаните. Затоа сум јас непартиски кандидат и мислам да водам таква политика.

Тоа значи дека би реагирале на разни девијации во општеството? На пример каков евашиот став за обвинувањата за непотизам кон актуелни функционери од извршната власт?

Би реагирал, иако нема надлежности во тој дел, меѓутоајавно би излегол и би рекол дека тоа е пракса која е недозволена и која не е споива со демократски општества и тоа сум го кажувал неколкупати досега и овие примери, за жал сè помасовни и помасовни последните месеци мене не ме радуваат. Мислам дека тоа треба час поскоро да престане, од друга страна ме радува тоа што владејачката структура во свои рамки смогна сили да повлече некои од тие вработувања, штетата беше направена, меѓутоа порано не сме имале никакви повлекувања во таа смисла, значи смогна сили да ја увиди грешката и да се коригира и тоа е нешто. Но, јас би преферирал да не се случуваат такви работи.

Вие велите „Заедно напред“. Во вашиот спот доминираат убави пејзажи, природа, спортски победи и среќни лица. Вашата противкандидатка, пак, бара правда, реагира на висината на казните за 27 април и истовремено ја критикува амнестијата за дел од обвинетите за крвавите настани. Како Вие гледате на амнестијата?

Амнестијата беше дадена во коректна процедура, беше изгласан закон за таа работа, со потребното мнозинство. Ако некој инсинуира во тој дел дека се случувале некакви политички пазари, тоа треба и да го докаже. И јас ги гледам тие работи, меѓутоа јас го гледам она што се случи во Парламентот, дека имаше доволен број гласови за таков тип на амнестија. Конечно не можам да видам како со тој закон за амнестија се упаѓа во судската процедура, кога и судовите судат врз основа на закони кои владејачката структура ги носи. Значи, вие може да упаднете во процедура која е тековна судска процедура, само ако се јавите по телефон и кажете Стево Пандаровски треба да добие 12 години затвор за нешто, како што имаше монтирани процеси порано и ги чувме и ги видовме во „бомбите“ и во денешните судења по предметите кои ги води СЈО. Меѓутоа, ако јас како владејачка структура пред камери донесам закон за таа работа, тоа не се третира по мене, јас сум правник, тоа не се третира како упад во системот, бидејќи тоа е политички акт кој го носи владејачката структура, како и сите други закони со кои се регулира таа сфера. Вие спомнувате, Силјановска не се слага со делумна, не се слага со дел од амнестиите, значи некои требало да добијат, некои не требало да добијат. Сите што беа инволвирани во тој процес за 27 април имаа шанси да аплицираат. И во законот, по мене, прилично прецизно беше определена границата кој може, кој не може да добие.

Значи не можеле сите сепак.

Гледајте ги условите за да добиете амнестија, да се обидеме да ги добиеме заеднички. Тој што носел оружје – не, тој што употребил физичко насилство – не, тој што бил организатор, господинот Чавков, да речеме го третираат во судските списи според таа пресуда како еден од организаторите и тој не можел да добие. Значи, тука имаше неколку граници кои не ве фаќаа едноставно со тој закон и јас мислам дека тие граници беа коректно поставени. Дали кај некој од пратениците при личните калкулации за нивната идна судбина надвладеало тоа дајте да поднесам апликација за да ме амнестираат, тоа ќе треба да ги прашате нив, меѓутоа факт е дека тој закон беше донесен со повеќе гласови од потребното мнозинство. И немојте да заборавите Закон за амнестија е донесен и со гласовите на ВМРО-ДПМНЕ.

Како ќе ги мотивирате гласачите да излезат во вториот круг за да се достигне потребниот цензус?

Исто како и во првиот круг, со концептот кој го нудам и кој вели практично на овие избори ние треба не да гласаме само за Стево Пендаровски како кандидат, туку треба да легитимираме еден пат, јас го нарекувам магистрала или автопат, да не одиме по странпатици кон развиениот свет. Ова е патот кој е почнат последните две години, кој го одиме, на чело со оваа влада, со политиките на оваа влада, зборувам за надворешно-политичките приоритети и тврдам дека подобар пат од овој не постои. Има и други патишта, но тие не се продуктивни за држава која е на крстопат и држава која има таква хетерогена структура внатре. Мојата цел ќе биде да кажам - Луѓе бирате меѓу враќање во изолација, во темното минатo на 10-11 година на Никола Груевски и неговата клика или сакате конечно да го фатиме патот кон развиениот свет и при тоа имам намера да им кажам јасно дека до тој свет нема да дојдеме за еден мандат или за две ипол години, туку тоа ќе биде долгорочен процес кој многу идни влади и идни претседатели ќе го продолжат, но нема друг подобар пат, ниту една посткомунистичка држава во Европа не одбрала друг пат, а при тоа да останала просперитетна.

Можно ли е вие да повикате на бојкот во вториот изборен круг? Оваа теза ја промовираше ВМРО-ДПМНЕ преку нивниот лидер Христијан Мицкоски.

За што? Ако е лош резултатот во првиот круг мислите?

Веројатно на тоа мислат.

Јас имав катастрофален резултат во 2014 и не повикав на бојкот. Отидов до крај. Јас губев 120 илјади гласови, тоа беше разлика која не можеше да се надомести, сите знаевме, 120 илјади позади Иванов и не повикав на бојот. Јас на крај, заедно со екипата која беше со мене, рековме ова беше комплетно нерегуларен амбиент и ние изборните резултати не би признавме, бидејќи имаше и двојни избори во вториот круг и парламентарни, но ние изигравме до крај. Не личи на господа на половина натпревар да ја земат топката под рака и да си заминат дома. Мислам дека тоа не само на мене, не доликува на ниту еден од другите противкандидати. Ако некој мисли дека на таков начин ќе сочува партиска фотелја или углед кај граѓаните се лаже.

  • 16x9 Image

    Зоран Ќука

    Во Слободна Европа во Прага е од нејзиното формирање на 1 Септември 2001 година. Кариерата ја започна во Македонското радио, па следат ТВ - А1 и ТВ Телма, со истовремена дописничка работа за Радио и ТВ Босна и Херцеговина, Загребското Независно 101 Радио, и Љубљанското Студент Радио.

XS
SM
MD
LG