Ако истрагата покаже дека некој го прекршил законот ќе одговара, стана максимата на премиерот Зоран Заев во изминатиот период за тоа дали некој од функционерите и политичарите од владејачката коалиција ќе сноси одговорност по низата скандали кои излегоа во јавноста. Но, засега, никој не одговарал.
Последен е случајот со советникот на ДУИ во Охрид, Нефи Усеини кој освен што отвори ресторан кој е дивоградба и покрај укажувањата на УНЕСКО, физички нападна и професор, а пред некој месец и инспектор. Заев тврди дека општина Охрид издала решение за отстранување на дивоградбата и дека законот важи подеднакво за сите.
„Ако општината не може да го спороведе решението, Владата ќе ги преземе тие интеренции. Ако направил физички напад, Министерството за внатрешни работи отвора истрага и секако ќе си одговара“, рече Заев.
Предрасуди и резерви нема да имаат спрема никој, порача Заев, а особено претставниците на владејачките партии треба за пример да го почитуваат законот без разлика на последиците. Вицепремиерот, Бујар Османи пак излезе со став дека неселективниот пристап во справувањето со дивоградбите е најважен. Според него, нема потреба да се партизира и политизира случајот со Усеини и порача дека секој си носи одговорност за постапките. Но, последици, ни правни ни политички засега нема.
„Тоа е бахатост, тоа е занесеност од власта. Тоа е чувство на семоќ кое го имаат. Но, тоа е и експертско знаење. Тие се врвни експерти во изигрување на законот и во сите оние хоштаплерлуци кои може да се направат. Тие знаат дека нема да има никаква правна разврска на било што. Зошто знаат, затоа што знаат колку пари имаат во џебот и сите судии, обвинители и цела друга структура на власта, не само онаа политичка и изборна власт, туку и судската власт дека сета им е едноставно во џебот“, вели Александар Цветкоски од невладината АГТИС.
Според него, проблемот е што сите функционери не се поставени поради знаење, туку се октроирани и нема да делуваат доколку не им нареди оној кој ги поставил на должност. Цветкоски додава дека токму Заев треба да бара одговорност.
„Муабетите од Заев се потполно празни затоа што не постои правна држава, а не постои правна држава токму поради таквите како него и сличните на него. Се разбира дека тој е првиот избран во целиот низ и не може да се крие зад неспособноста на правната држава, бидејќи е огромна неговата улога во таквата правна држава“, смета Цветкоски.
Од ВМРО-ДПМНЕ реагираа дека локални шерифи на власта ги тероризираат граѓаните, а институциите молчат и го штитат криминалот. Заев, по гласањето на локалните избори на 15 октомври, на прославата пред Владата, вети дека ќе се справи со локалните шерифи.
„Сакам да им порачам на новите избрани градоначалници и на советниците од нашата коалиција, ерата на локални шерифи заврши“, рече Заев.
Заев беше и згрозен по т.н „бомба“ во која наводно се слуша дека градоначалникот на општина Шуто Оризари, Курто Дудуш тепа машко лице во неговиот кабинет. Во изминатиот период имаше и наводи дека владиниот ген-сек „местел“ тендери, дека министри незаконски напредувале во научната кариера додека биле на функција. Сите тврдат дека не се виновни и дека ќе почекаат институциите да покажат дека не згрешиле, а функцијата и натаму ја извршуваат.