Смената на десетте функционери во СДСМ треба да биде само најава за промени и во државната власт, ако се сака да се постигне ефект, проценуваат аналитичарите по одлуката на Централниот одбор на владејачката партија да ги смени генералниот и организацискиот секретар, секретарот за меѓународна соработка, шестте потпретседатели, координаторката на Форумот за жени и целиот извршен одбор. Од друга страна, за тоа каков ефект ќе има оваа промена политичкиот аналитичар Сашо Клековски вели дека се уште е рано да се оцени.
„За потсетување и ВМРО-ДПМНЕ соочен со губење на поддршката имаше слична активност која се викаше нов бран и се сведе на промени на периферни директорски места. Мислам дека претседателот на СДСМ е веќе свесен дека козметички промени тешко ќе се продадат во јавноста, бидејќи промените сами по себе не се важни, туку важно е дека луѓето очекуваат повеќе резултати”, вели Клековски.
Првата реакција по промените во СДСМ, пак стигна, токму од ВМРО-ДПМНЕ. Метлата е фарса за опозициската партија, ако, како што наведуваат, Заев не ги разрешел министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, министер за администрација Дамјан Манчевски и градоначалникот на Скопје Петре Шилегов и од државните функции.
„Ако Заев не ги разреши и од државните функции целата јавност ќе види дека метлата е само една фарса за одвлекување на вниманието од секојдневното назадување. Потребна е целосна одговорност, назадувањето не се решава само со смена на директорчиња. Потребна е колективна на целата влада на чело со Зоран Заев”, рече потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ Владо Мисајловски.
Заев најави дека сега ќе следуваат промени и во централната и во локалната власт. Не прецизираше колку точно министри ќе бидат сменети, но нагласи дека ќе бидат повеќе од тројца. Според неговите претходни најави промените би требало да се очекуваат идната недела, односно, како што рече, во почетокот на јуни. Но, за нив Заев ќе мора да се консултира и со лидерот на ДУИ Али Ахмети кој досега во јавноста повеќе инсистираше на таканаречен ветинг отколку на ваков тип на промени како што прави лидерот на СДСМ.
„Пораката од последните избори не беше упатена само до СДСМ, туку и до ДУИ и до сите други партии што застанаа зад Пендаровски. Но, ДУИ таа порака не само од овие избори, туку и од претходните изборни циклуси изгледа како да не ја сфаќа сериозно па затоа има пад во гласовите”, вели политичкиот аналитичар Џељаљ Незири.
Ваквите промени Заев ги најави по првиот круг претседателски избори кои покажаа пад во гласовите за СДСМ со што нивниот кандидат Стево Пендаровски беше во тесно водство пред кандидатката на ВМРО-ДПМНЕ Гордана Сиљановска-Давкова.