Десетина партиски функционери од вечерва останаа без своите позиции во СДСМ, еден министер е извесно дека заминува, а најавена е смена на уште најмалку тројца од владинот состав. Ова е епилогот од денешниот централен одбор на владејачката партија кој траеше со часови во седиштето на СДСМ. Премиерот и партиски претседател Зоран Заев по состанокот рече дека се разрешени целиот извршен одбор на СДСМ, сите шест потпретседатели на партијата, генералниот секретар, организацискиот и меѓународниот секретар, координаторката на Форумот на жени.
Министерот за земјоделство Љупчо Николовски, како што информира Заев, е избран за нов генерален секретар и тој повеќе немало да биде министер.
„Ветивме промени и се случуваат. СДСМ вечерва демонстираше сериозна одговорност пред граѓаните и сопствената земја. Донесовме одлуки што носат суштински промени”, изјави Заев.
Според оваа одлука разрешени се генералниот секретар Александар Кирацовски, Миле Зечевиќ кој беше организациски секретар, меѓународниот секретар Дане Талески, Цветанка Ласкова која ја вршеше функцијата координатор на Форумот на жени и шесте потпретседатели- Фросина Ташевска Ременски, Оливер Спасовски, Петре Шилегов, Благој Бочварски, Дамјан Манчевски и Мухамед Зекири.
Партиските смени почнаа минатата недела откако беа разрешени претседателите на 78 општински организации. Сега следуваат промени во владата, кои ги најави Заев по тесното водство пред кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ во првиот круг од претседателските избори.
Вечерва тој рече дека ќе бидат сменети повеќе од тројца министри, но не кажа точна бројка, а најави и дека во периодот што следува ќе има смени и на заменици министри и директори.
„Секаде каде што нема резултат односно се покажала ароганција, немало успешност, немало демократски капацитет, ќе има промени. Голем фокус ќе има на локалната самоуправа, таму има слабости и кај градоначалници и кај локални прептријатија, мора да има промена оти ветивме живот за сите и тоа мора да го исполниме“, рече Заев.
Во меѓувреме се очекува да продолжат и консултациите со Али Ахмети, лидер на владиниот коалициски партнер ДУИ. Премиерот претходно најави дека во почетокот на јуни ќе излезел комплетно со промени во раководни структури на министерско ниво и во државните институции, а кон крајот на тој месец ќе почнеле промените и во локално ниво.