Се приближуваат јуни и најавената „метла“ во Владата и државните институции од страна на премиерот Зоран Заев, а Слободен печат со насловна страница со коалиционите партнери, Заев и Ахмети, претставени како плетачки и недоврелив наслов: „Неизвесно е дали ќе има промени во Владата – Метење или плетење?“ „Договорени првите кадровски резови во СДСМ“ – пишува Независен. „Метлата на Заев ќе опфати најмалку 6 министри“, открива Вечер.
И друга тема ги интересира порталите на печатените медиуми: Дали ќе му биде одземен пратеничкиот мандат на пребегнатиот, сега унгарски азилант, Никола Груевски при вториот обид во Собранието, покрај другото и да не прима плата како пратеник. „Опозицијата на два ума. На вмровците не им се (пре)дава Груевски“ – пишува Независен пред седницата на Комисијата за мандатно-имунитетни прашања.
Инаку, во Собранието, опозицијата и власта, со 91 глас го изгласаа Законот за Агенција за национална безбедност, со кој практично се става клуч на вратата на УБК, информира Нова Македонија.
Нова Македонија и Вечер со наслов: „Кривични за експретседателот на Регулаторна и тројца членови“ затоа што донесувале одлуки спротивни на Законот за енергетика и ја злоупотребиле својата службена положба и овластување, овозможувајќи ѝ на компанијата за дистрибуција на топлина Балкан Енерџи Груп остварување на противправна имотна корист. Независен ја објавува веста на насловната: „БЕГ ни наплатил бесправно 6,6 милиони евра“.
Нова Македонија има неколку вести за одлуки на Антикорупциската комисија. „Антикорупциска бара кривично да се гони поранешниот претседател на Основен суд Скопје 1, Владимир Панчевски“, кој си го вработил внукот Јордан Тасевски во Судот, а воопшто не бил пријавен кандидат. „Антикорупциска поднесе прекршочна пријава против директорката на Хематологија, Ирина Пановска – Ставридис за неподнесување анкетен лист за имотната состојба“, објавува исто така Нова Македонија.
А и ова се случува во државата Северна Македонија: „Филмска акција: Извршил кражба во казино, па го киднапирале. Отишол да пријави, го притвориле!“ – објавува Вечер. Истиот портал со крупни букви објавува: „Власта фатена од меѓународниот мониторинг – официјално од Виена“, па објавува дека Извештајот на Глобалната иницијатива против организираниот криминал во кој се анализираат тековите и жариштата на организираниот криминал на Балканот се наведува дека „некои криминални групи во Македонија уживаат политичка заштита“, а како жаришта на организираниот криминал се издвојувале Скопје, Велес, Штип и Кочани.
Кога сме кај криминалот, Слободен печат ја пренесува веста на Си-Ен-Ен дека е „Разоткриена најголемата криминална група во Европа – За две години, криминалната мрежа предводена од Литванци, Полјаци, Англичани и Шпанци заработила 760 милиони евра од трговија со наркотици, перење пари и убиства“.
Со Законот за спречување перење пари и финансирање тероризам што стапува на сила на 1 јуни годинава во земјава ќе биде дозволено плаќање во кеш само до 30.000 денари, објави исто така Слободен печат, појаснувајќи дека граѓаните услугата ќе мора да ја извршуваат преку платежна картичка или уплатница преку банка.
Нова Македонија информира дека пред два дена, „Грчки борбени авиони прелетаа над Македонија, всушност првични пробни летови во пресрет на најавеното патролирање на македонскиот воздушен простор за проверка на комуникацијата и неговата радарска покриеност за потребите на НАТО-мисијата за заштита на воздушниот простор на земјите членки на Алијансата, како и за исполнување на условите на воздухопловството од страна на Македонија како идна рамноправна членка на НАТО“.
Вечер и Слободен печат ја објавуваат веста што најверојатно ја израдува нашата јавност: „Евровизија ја призна грешката – Тамара е прва според гласањето на жирито, а седма со гласовите на публиката во земјите учеснички“, наслови Слободен печат, а Вечер наведува дека имало пропуст во гласањето на белоруското жири.