Достапни линкови

Безбедносни реформи во интерес на политичките партии?


Добри безбедносни реформи се прават со искусни луѓе, со користење светски искуства и подалеку од политичките партии, сугерираат експертите. Според некои од нив, реформите за кои се дебатира во Собранието се површни и во интерес на политичките партии.

Актуелните реформи во безбедносниот систем и одбраната се уште еден обид на политичките партии за контрола врз безбедносниот систем, со цел истиот во дадена ситуација да го употребат за свои интереси, велат дел од експертите во оваа област. Универзитетскиот професор Стефан Буџаковски смета дека расправата која можеше да се слушне во матичната собраниска комисија само покажува дека ние сме сѐ уште затворени во нашиот балкански менталитет.

„Оваа реформа е правена од мал и тесен круг на луѓе и како што слушнав секој сака да се направи попаметен во однос на предлозите. На ваков начин не се реформира еден безбедносен систем. Се реформира со голем потенцијал на искусни луѓе и со користење на светски искуства. На овој начин само се задоволува одредена политичка структура и ништо повеќе“, вели Буџаковски

Токму реформите во оваа област се едни од суштинските кои од нас ги бара Европската Унија, но нивното спроведување е исклучително важно за функционирање на современото општество, нагласува Буџаковски. Она што, според него, е најважно при правење на овие реформи, е да се тргнат настрана политичките партии, а да се стави човечкиот фактор во фокус на реформираниот безбедносен систем.

„Човечкиот фактор е основа за добар безбедносен систем. Во изминатите две децении видовме како се примаа и кој се влезе во безбедносниот систем. Ние и да направиме добар безбедносен систем не ќе може со овој потенцијал да изградиме добар и сигурен безбедносен систем. Секако потребни се и длабоки правни, ресурсни, организациони и професионални реформи“, изјави Буџаковски.

Реформите долго време се бараат во извештаите од ЕУ, а се еден од главните столбови и во експертскиот извештај на Прибе. Во пакетот реформи во безбедносната област влегуваат: Предлог-законот за формирање на Агенцијата, во собраниска процедура се и Предлог-закон за класифицирани информации, за координација на разузнавачки заедници и измените на Законот за следење на комуникациите.

Според Љубимир Ѓурчевски, поранешен началник со долгогодишно искуство во МВР, единствена придобивка од предложениот Закон за формирање на Агенција за национална безбедност е тоа што УБК се отстрани од Министерството за внатрешни работи.

„Никаква реформа не се прави. Напротив, овој закон е најголемата измама како да се пренесат овластувања и да се дадат уште поголеми овластувања во делот на вршење на организирани форми на криминал под заштита на политиката“, вели Ѓурчевски.

Ѓурчевски е разочаран и од тоа што не се остварија најавите за таканаречениот механизам на граѓанска контрола која надлежните ја најавија како новина во безбедносните реформи, покрај пратениците кои можат да вршат надзор и контрола на безбедносните служби.

„Тоа покажува дека не сакаме да се откажеме од привилигиите и од бенефициите, односно сакаме да ја исклучиме јавноста, за да не ни се меша во формите на организиран криминал кои ќе ги правиме во интерес на државата, повикувајќи се наводно на државната безбедност“, вели Љубомир Ѓурчески, поранешен началник во МВР.

Од ВМРО-ДПМНЕ денеска соопштија дека во изминатиот период имале конструктивен и проактивен пристап кон овие реформи, а резултатот од тој однос бил усвоени над 60 амандмани од кои најголемиот дел по предлог на опозицијата, односно на ВМРО-ДПМНЕ.

„Генерално наш став е дека реформата во безбедносниот сектор можеше да се води на многу поквалитетен и порационален и сопфатен начин, со тоа што ќе ги сработевме сите закони кои што ја тангираат оваа сфера. Ние денеска веројанто ќе усвоиме два закони од оваа област, меѓутоа имаме постигнато договор со СДСМ дека во наредниот период ќе ги донесеме законите за национален совет за безбедност и новиот закон за агенцијата за разузнавање. Ние се надеваме дека роковите ќе бидат оптимални и дека во еден оптимален период овие закони коишто треба да ги донесеме ќе фатат чекор со денешните закони кои што ќе бидат усвоени“, изјави Емил Димитриев, пратеник на ВМРО-ДПМНЕ.

Предлог законот за Агенцијата за национална безбедност, како дел од овие реформи деновиве ги „скара“ пратеничката Фросина Ременски и министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски. Од предложените 91 амандман, комисијата прифати 54 амандмани, а најголемиот дел од амандманите на Ременски беа отфрлени.

Несогласувања постоеја околу одредбата пратениците да учествуваат во селекција на лица од УБК кои ќе бидат вработени во Агенцијата, како и за посебната истражна мерка поврзана со лицата со прикриен идентитет да одлучува судот наместо директорот на новата Агенција за национална безбедност.

Прифатени беа амандмани со кои мандатот на директорот и на заменикот на Агенцијата е прецизирано да биде четири години со право на реизбор, додека работниот стаж потребен за овие функции од 15 е намален на 12 години. Утврдено е дека треба да се направи безбедносна проверка на кандидатот за директор преку националните бази за безбедност да се утврди дали има криминалистичко досие. Пратениците расправаа и за мерката набљудување која може да ја применува Агенцијата, при што беше нагласено дека тоа значи тајно прибирање оперативни податоци без тонско снимање.

Ременски во статус на својот фејсбук профил напиша дека се бори за суштинска реформа на безбедносните служби иако, како што пишува, изгледите за тоа се минимални. Во изјавата што ја даде во Собранието вели дека тоа што не се согласуваат со министерот Спасовски не треба да се толкува како меѓусебна пресметка, туку демократска дебата за носење квалитетен закон.

  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG