„Метлата“ служеше за добивање гласови од албанското гласачко тело во вториот круг од претседателските избори, вели претседателот на Алијансата за Албанците Зијадин Села во неделното интервју на Радио Слободна Европа кое ќе биде објавено во целост в недела. Тој тврди дека разговорите на лидерите на СДСМ Зоран Заев и на ДУИ Али Ахмети за владина реконструкција се фарса која им беше потребна за добивање на гласови за време на изборната кампања.
„На сите им е јасно дека премиерот не е сериозен во изјавите кои ги кажува, сите знаеја дека ништо нема да се случи од таа метла, како што сме сведоци и денеска дека ништо нема од таа метла како што се спомнува. Господинот Заев се однесува во стилот, ветува многу кога се наоѓа во тешка позиција или има потреба од поддршка и кога ќе помине ситуацијата, заборава што има зборувано и ветено пред народот. Тој е свесен дека ДУИ ја губи поддршката од албанскиот електорат и за да ја добие нивната поддршка се спомна таа метла. Се разбира дека е фарса, повеќе од јасно е дека е фарса“, вели Села.
Тој објаснува дека не требаше да се отвара толкава дебата во општеството за на крај да се смени некој директор од третиот ешалон. Според него „метлата“ е само манипулација за гласови, а не за вистински промени во извршната власт.
На сличен став дека најавената владина реконструкција е фарса е и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски кој тврди дека Заев ја заборавил метлата.
„Премиерот Заев ја заборави метлата, и се врати на неговата вообичаена измамничка терминологија со која сака да го прикрие колективното уништување и пеплосување на државата, велејќи дека сме блескале. Едно од неговите клучни ветувања, покрај она дека ќе донел живот, а гледаме како тој се претвора во пекол, беше и она дека ќе донеле 500 евра просечна плата. Просечната плата која сега се исплаќа е далеку од ветените 500 евра“, напиша Мицкоски на својот фејсбук профил.
Најавата за владина реконструкција е очекуван потег, затоа што очигледно беше дека и Заев не беше задоволен од учинокот на владата, вели Фадил Зендели од опозициската Беса. Тој додава дека во реконструкцијата гледа и недоразбирањемеѓу владините коалициони партнери.
„Дали ова ќе остане само како едно шоу на премиерот, дека еве се прави нешто во насока на зајакнување на реформски процеси или ќе има некоја посериозна промена. Повеќе очекувам едно политичко шоу, имајќи го предвид претходниот период каде што гледаме разни изјави од министри од коалиционите партнери, повеќе го гледам како шоу и не гледам дека премиерот има конкретна концепција и план како да се влезе во оваа реконструкција и да се фати во коштец со реформските приоритети“, вели Зендели.
Од друга страна пак, Заев вчера изјави дека донел одлука за разрешување на сите претседатели на општински ограноци на СДСМ. Воедно тој апелираше тие повторно да се кандидираат на следниот конкурс кој идната седмица ќе биде објавен.
„Почетокот на јуни или првата половина на јуни ќе се случуваат промените во општествениот сектор, тоа се јавните претпријатија, министерствата, Владата и сите владини институции. Во политичкиот дел во мојата партија каде јас сум директно надлежен, а тоа е во изборот на претседатели на општински организации, одлуката веќе ја донесов и синоќа ја соопштив на координација на колегите од раководството заради тоа што тоа е мое право, конечната одлука е токму таа“, рече Заев.
Во однос на владината реконструкција во заедничкото соопштение по средбата на Заев и Ахмети беше најавено внатрепартиски консултации за владината реконструкција. Пoтоа Заев изјави дека веројатно следната недела ќе има нова средба со лидерот на ДУИ Али Ахмети во врска со најавените промени во извршната власт.
Од ДУИ пак, во изминатиов период гласно негодуваа за најавената метла, барајќи да се спроведе ветинг, како начин на кој ќе се спречат нападите кон функционерите и ширењето на лажните вести.