Кадровските промени може да го решат проблемот кога се работи за неспособни или неодговорни министри и други функционери, но со тоа не може да се надминат системските слабости, за што се потребни коренити реформи, коментираат аналитичарите во пресрет на најавената реконструкција на владата.
Во кампањата за претседателските избори пред речиси два месеци, премиерот Зоран Заев најави „метла“. На одредени места ќе има промени или „како што вика Цацко – дај ново дете“, рече Заев на почетокот на мај. Сепак, прашање е колку „новото дете“ ќе донесе резултати.
Александар Кржаловски од МЦМС вели дека и во извештајот на Европската комисија се наведува дека сè уште треба да се работи на реформите во администрација, да се реши статусот на СЈО, регулирање на медиумската сфера, борба против корупцијата... Според него, суштински проблем кој треба да се реши е намалување на партиската поларизација на општеството.
„Проблемите се поголеми отколку што самото кадровско преструктуирање ќе ги реши. Очигледно треба консензус за многу работи во државата, особено за тие за кои и нема некои поголеми разлики меѓу водечките партии, особено тие што се однесуваат на ЕУ, така што таа деполаризација за мене е примарна. Партиите мора да научат, без разлика кој е на власт, а кој во опозиција, посоодветно да соработуваат и да носат решенија кои се од интерес на сите граѓани, а не само кои ќе им донесат краткорочна добивка на партиските рејтинзи“, вели Кржаловски.
Аналитичарот Петар Арсовски вели дека е потребна поголема одговорност од новите функционери.
„Кадровските промени сами по себе не гарантираат промена на резултатите од владеењето на сегашната власт. Покрај кадровските промени мора да се воведат уште неколку механизми. Првиот е дополнителен механизам на одговорност и отчетност, различно однесување, посериозен однос кон испораката и различен пристап во методологијата на испорачување на власта. Без тоа, нема никаква гаранција дека и новите министри нема да се однесуваат како старите“, вели Арсовски.
Според најавите, премиерот Зоран Заев денеска треба да го поднесе предлогот за нов владин состав до Парламентот, а на почетокот на наредната недела, Собранието да ја изгласа новата влада. Беше најавено дека со промените ќе бидат опфатени најмалку осум министри и нивни заменици. Две министерства сега се празни. Министерот за култура Асаф Адеми поднесе оставка, а беше соопштено дека министерот за земјоделие Љупчо Николовски ја напушта функцијата, откако беше назначен за генерален секретар на СДСМ.