Живееме во транзициски времиња со поинакви светогледи. Во времиња со изместени вредности. На простор кадешто се продуцираат купишта афери и каде најпрво децата ги учат имињата на безвредните политички продавачи на магла, па дури потем оние на нивните детски херои. Каде токму ние возрасните, во беспоштедната трка по гола егзистенција, ги помноживме со нула нашите наследници, нашата иднина, а училиштето и останатите интитуции, за жал, ниту имаат сили ниту волја да ги исправаат кривите патишта. И, така затворени во кругот речиси и да не можеме да сториме ништо освен како искубани папагали да ги повторуваме веќе познатите констатации „дека ситуацијата е повеќе од алармантна“.
Впрочем не случајно, Билјана С. Црвеновска, писателка и уредник на списанија за деца и млади, авторка или соработничка на детски телевизиски серии и потписничка на приказните за веќе култниот лик меѓу децата и родителите Биби, во неделното интервју за Радио Слободна Европа знае да каже дека ситуацијата е таква и не само во образованието, туку и во едукацијата преку забава и игра, и нормално во културата која треба да ги опфаќа и децата, а не само возрасните.
„Ние немаме никаква државна стратегија за финансирање на содржини за деца, пред сè. Без разлика што постојано зборуваат од Министерството за култура дека ќе се посвети поголемо внимание на содржините за деца и за младиници, безмалку истото. Еве на пример за издаваштво да земеме. Кај изданијата за деца и за млади речиси секогаш има двајца автори. Автор на текстот и автор на илустрациите. Секогаш треба таа да биде во боја, многу често во тврд повез ...мора да биде во тврд повез бидејќи лесно се кине... И повторно книгите за деца добиваат или исто или помалку финансиски средства од било кој роман или збирка поезија за возрасни, а зборуваме за реномирани автори и во едната и во другата област“, вели Црвенковска.
Таа и со појаснување дека е таков случајот и со анимираните и со телевизиските серии.
„Генерации, генерации деца растат без едукативен производ на македонски јазик. „Биби“ беше првиот анимиран филм, анимирана сериичка на македонски јазик и заради тоа е успехот толкав. Тоа беше прв пат на Јутуб да се најде бесплатна содржина на македонски. Дотогаш децата гледаа на англиски, гледаа на српски ... на било кој само не на нашиот јазик.“
Згора на тоа Црвенковска заклучува дека образованието ни е на најниска можна точка. Дека немаме неикаква стратегија и за тоа. Конечно дека немаме финална програма којашто би била на македонски јазик во основно образование и затоа лектирите за учениците ќе се менуваат секоја година се додека не се финализира таа. Всушност дека децата ни растат без да се описменат.
Во овој контекст, Игор Анѓелков, писател, издавач и родител, смета дека токму немањето државна стратегија е основниот проблем за сè, а дека примерот со лектирите во училиштата е еден од видливите за овој корпус на исклучително сериозни прашања кои ги ставаме под чергиче.
„Сето она што се уште им се нуди на листата на лектирни изданија на нашите деца, на учениците, е далеку од квалитет. Дури сметам дека поголемиот дел од насловите не соодвествуваат со времето во кое живееме. Затоа сето ова треба да влезе во рамките на една државна за развој на детската литература кај нас вклучувајќи го нејзиното влегување во образовниот процес во Македонија“, истакнува Игор Анѓелков.