Достапни линкови

Љубовта кон книгите започнува преку сликовниците


Писатели за деца имаа средби со децата од кумановската градинка „Ангел Шајче“. На ваквите работилници им се поттикнува љубовта кон книгите, имагинацијата, културата на говорот, велат писатели за деца.

Во ерата на високоразвиената технологија која е во непосредна близина на децата уште од нивното раѓање неминовно е љубовта кон книгата да се поттикнува преку сликовници, лесни, певливи, разбирливи и приемчиви стихови или приказни. Соодветната илустрација, пак, треба да е разбирлива на сите светски јазици, велат Кристина Николовска и Ели Макрозанова, писатели за деца, кои имаа средби со децата од кумановската градинка „Ангел Шајче“.

Преку илустрираните книги кои имаат и образовна намена децата имаат можност за извонредни доживувања.

„Со изградени ликови, со соодветни и развиени фабули кои што ја поттикнуваат нивната креативна имагинација и воедно на еден суптилен, вешт и многу рафиниран педагошки начин ги насочуваат кон добро, ги описменуваат, ги учат, иако е тоа предшколска возраст родителите и воспитувачите им читаат, а и културата на говорот се постигнува на тој начин. Сите овие книги поттикнуваат култура на живеење, една духовна култура, поттикнување на највисоките вредности“, вели Кристина Николовска.

Ели Макрозанова како искусен педагог, истовремено и писател за деца, појаснува дека не е лесно да се пишува за најмалите луѓе.

„Треба да се спуштиш на нивното ниво за да можат децата да те разберат. Ако не те разберат си ја промашил работата. Јас како автор, бидејќи многу сум читана од децата, навистина децата многу ги сакаат моите книги, велам дека секој автор треба да даде и еден добар опис на илустрација, бидејќи илустрацијата е таа од која децата читаат, зашто тие се се уште неписмени. Од тие причини и треба да се познаваат детската психа, возраст, желбите и интересите“, вели Макрозанова.

Децата од сите шест делови од градинката „Ангел Шајче“ освен што со книгата се среќаваат на работилниците, тие го посетуваат и детскиот оддел на библиотеката „Тане Георгиевски“, за што Марина Алексовска, директорка на градинката вели дека сознанијата говорат дека по средбите со книгите и кај повеќето од децата се пројавува љубовта кон читањето. Според Алексовска на децата од градинката им се овозможуваат и средби со познати детски писатели.

„Во насока на популаризација на книгата и зголемување на љубовта кон книгата на децата е и организирањето „Час со еден писател“, активноста што години наназад ја организираме со македонски автори, а со тоа и се зголемува бројот на младите читатели“, вели Марјан Петковски, директор на библиотеката „Тане Георгиевски“ во Куманово.

Тој додава дека и покрај развиената технологија се забележува пораст на бројот на читатели и меѓу основците и средношколците, кои освен лектири бараат и слободна литература.

  • 16x9 Image

    Светлана Антиќ Јовчевска

    По завршувањето на Студиите по новинарство во Скопје во 1985 година започнува да работи како економски новинар во Куманово, а потоа како дописник на „Вечер“,соработник на „Нова Македонија“,„Утрински весник“,на МРТВ, МИА, Радио Дојче Веле и неколку неделници. Од основањето на Радио Слободна Европа известува за настаните од својот град.

XS
SM
MD
LG