Достапни линкови

„Литера 2019“ со идеја за развој на детската креативност и имагинација


Во деновите од претстојниот викенд, на 13 и 14 април, во Музеј на современа уметност во Скопје, ќе се одржи првиот Меѓународен фестивал на детска литература и илустрација – „Литера 2019“. Идејата на организаторите е манифестацијата да стане традиционална.

Во времето на расцутување на новата генерација на творци кои пишуваат современа литература за деца како Билјана Црвенковска, Бистра Георгиева, илустратори со поинаков, модерен творечки ракопис како Ване Костуранов, Тхе Мичо, во годините кога очекувајќи ја втората инкарнација на легендарната „Бушава азбука“ ни се случија Биби и Боби, група на млади ентузијасти собрани околу Центарот за визуелна комуникација „Ефектива“ се решија да застанат зад една убава и над сè благородна идеја. Да го организираат првиот Меѓународен фестивал на детска литература и илустрација – „Литера 2019“, манифестацијата од која се очекува во деновите од претстојниот викенд, на 13 и 14 април, во Музеј на современа уметност во Скопје, да понуди вистинско богатство од содржини за најмладите, но и за сите љубители на неверојатниот свет на детската литература. Да отвори еден свет на возбудливи приказни што немаат крај, да понуди радосни илустрации и згора на тоа да разбуди врутоци на фантазија и креативност. Да нè потсети на најскапоценото нешто во нашите животи – децата. Нашата иднина.

Во пресрет на првото издание на случувањето, организаторите со појаснување дека целта на Фестивалот е да ги презентира најдобрите дела од домашната и светската детска литература и илустрација. Според нив „Литера 2019“ нема да биде класичен „саем на книга“, туку ќе понуди многу повеќе содржини. Планирано е да се одржат работилници на кои искусни автори ќе им го пренесат своето знаење на најмладите посетители и ќе ја поттикнат нивната креативност. Исто така, преку организирање дебати ќе се отворат и низа актуелни прашања врзани со оваа проблематика како местото на книгата во дигиталниот свет, улогата на детската литература во интелектуални и емотивниот развој на најмладите и друго. На манифестацијата ќе се разговара и за квалитетот на детската литература, дали и колку е таа застапена кај домашните издавачи. Згора на тоа пред публиката ќе се претстават афирмирани илустратори од Македонија и од странство, како на пример Венди Верниќ - една од најдобрите илустраторки во Хрватска и авторка со бројни меѓународни признанија или Маја Веселиновиќ - една од најоригиналните српски илустраторки, кои ќе одржат свои работилници и на тој начин ќе пренесат дел од богатото искуство од техниките во кои работат и од соработката со меѓународни авторитети.

Венди Верниќ, Хрватска
Венди Верниќ, Хрватска

„Нашата идеја е барем на кусо да ги однесеме децата на едно возбудливо патување во свет полн со бои, топлина, искрени насмевки, многу радост и емоции. Веруваме дека ваков настан му е потребен на градот и затоа го организираме со многу ентузијазам и посветеност. Се разбира, една од главните цели е популаризација на квалитетната детска литература и подигнување на свеста за нејзината важност во целокупниот процес на раст и развој на децата. Визијата за фестивалот е голема. Сепак одлучивме да почнеме со мали, но значајни чекори. На едно место ќе се најдат и децата и возрасните. Ќе цртаме, пишуваме и читаме. На децата ќе им дадеме крилја за да ја развијат својата креативност, ќе им ја разбудиме убавината на создавањето и истражувањето, ќе го пуштиме изворот на нивната фантазија“, вели Софија Семенпеева од „Ефектива“.

Тимот на „Литера 2019“
Тимот на „Литера 2019“

На првото издание на Меѓународниот фестивал на детска литература и илустрација – „Литера 2019“ ќе бидат презентирани повеќе домашни и странски изданија и ќе учествуваат издавачки куќи кои посветено работат во делот на детската литература и илустрација. Притоа со особено внимание се очекува и Големата ретроспективна изложба на илустрации за деца од македонски автори.

„Ретроспективната изложба на илустрации се случува во време кога нашите деца се преокупирани со компјутерски игри, мобилни телефони и новата „видео култура“. Преку оваа изложба, која е прва од ваков карактер кај нас, ќе се запознаат со каква естетика растеле нивните родители и припадниците на генерациите кои растеа пред и во текот на деведесеттите години од минатиот век. Оваа изложба е одлична шанса и нашите помлади илустратори да се запознаат со работата на оние кои ги поставија темелите на илустрацијата кај нас“, истакнува уметникот Урош Вељковиќ, кој е дел од тимот на фестивалот„Литера“ и задолжен за организација на оваа ретроспективната изложба.

Тој и со дополна дека овојпат посетителите ќе имаат ретка можност да ги погледнат и да евоцираат спомени со илустрациите на автори како Младен и Жарко Туниќ, Орде Маневски, Ацо Цветковски, Ацо Каевски, Мирослав Вељковиќ - Мишо, Томо Шијак, Томче Маневски, Стоилчо Георгиевски - Цоне, Димче Исаиловски и Димитар Божиков – Мичо.

Илустрација на Александар Цветковски
Илустрација на Александар Цветковски

Конечно идејата на потписниците на „Литера 2019“ е фестивалот да прерасне во традиција и да се позиционира на мапата на светски фестивали посветени на детската литература и илустрација.

„Фестивалот го создаваме со радост и ги вложуваме сета наша љубов и знаење затоа што веруваме дека нашето општество има насушна потреба од ваков културно - едукативен настан. Годинава фестивалот го посветуваме пред сè на децата. Ќе се обидеме да патуваме заедно со нив, во свет полн надеж и безгрижност. Светот ни припаѓа нам само ако самите го создаваме. Со надеж дека создаваме вистински општествени вредности и желба да нашиот град да го ставиме на светската мапа на фестивали од ваков тип кои се голема реткост ние тежнееме кон тоа манифестацијата да стане традиција и верувајте ова е само ронка од богатството на идеи што би сакале да ги развиваме во годините пред нас“, појаснува Семенпеева.

И, она најважното зад манифестацијата со симболична помош застана Министерството за култура на Република Северна Македонија, а влезот за посетителите на сите настани на „Литера 2019“ е слободен.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG