Достапни линкови

Награда „Лифт“ за промоција и афирмација на македонскиот стрип


Со изложба и промоција на публикација, овој петок, на 1 февруари во 20 часот, во Младинскиот културен центар - Скопје , ќе биде одржано првото доделување на награда за стрип, „Лифт“.

Никола Панов, Стефан Николовски, Оливер Цветковски, Лазар Ангелов, Виктор Гаврилoски и Магдалена Мирческа, Јована Велинова, Кристина Неделковска, Марија Николаевска и Владимир Трајановски се авторите со најдобро оценети стрипови во 2018 година кои со изложба и публикација испечатена по тој повод ќе бидат претставени на доделувањето на првата награда за стрип насловена „Лифт“. Настанот ќе се одржи в петок, на 1 февруари во 20 часот, во Младинскиот културен центар во Скопје. Зад оваа идеја, чија крајна цел е да се промовираат и афирмираат овдешните стрип автори, но и да се унапредува стрипот како запоставен медиум кај нас, стојат книгоиздателството Темплум и невладината организација од областа на комуникациите ОХО.

„Чудна е историјата на стрипот во Македонија. Циклична. Кога ќе се појават некои списанија, издавачи, иницијативи за изложби и за промоции, работилници, ќе живне малку сцената, ама има периоди кога ништо не случува. Не дека сега ништо не се случува на стрип сценава кај нас, има интересни иницијативи, ама токму и поради тоа ние на овој начин сакавме малку да им дадеме ветар во грбот и на тој начин да вградиме уште еден камен во тоа здание наречено македонска стрип култура“, вели Никола Гелевски, уредник на Темплум и заедно со Јана Јакимовска, Ласко Џуроски и Владимир Битољану член на жирито што за оваа пригода е формирано.

Стрип на Владимир Трајановски
Стрип на Владимир Трајановски

Тој појаснува дека се задоволни од одѕивот и дека првичните резултати од конкурсот на којшто се пријавиле триесеттина стрип автори се добри. Надежни. И дека следниве години сето тоа ќе си добие убав тек. Од таму, според него, иницијативата е навреме, па дури и малку задоцнета. Ова го илустрира со информацијата дека и самиот е сведок и пример за таа цикличност во неговиот интерес за бавење со стрип.

„Јас бев и уредник на едно списание за стрип од кое во петте години на постоењето, некаде од 1995 до 2000, излегоа дури 12 броја. „Лифт“ се викаше, а и во Маргина, нашето друго списание, често сме објавувале стрипови. Сега имаме и едиција која се вика „Лифт“, така што на некој начин во континуитет се бавам со стрип, ама со прекини,“ истакнува Гелевски.

​Споредувајќи ја актуелната македонска стрип сцена со она што се создава во регионот, Гелевски смета дека сега и не сме блиску како некогаш. Како на средината на 1990-те кога излегувал „Лифт“ како единствено и добро испечатено издание во опкружување главно на фанзини во останатите нам блиски културни средини.

„Мислам дека со исклучок на неколку автори, и тоа е целата среќа, кои и на некој начин се професионализираа цртајќи за телевизија итн. кои го усовршија стилот, и на тој начин можат да се издвојат, со друго и не може пофалиме. За жал поголемиот дел од продукцијата не е на некое ниво и тоа е една од причините зошто се решивме малку да ја насочиме сцената и да ја стимулираме продукцијата со нашава награда“, вели тој.

Марија Николаевска
Марија Николаевска

Донатор на првото доделување на наградата „Лифт“ е Град Скопје, а наградите за тројцата најдобро оценети и благодарниците за сите учесници ги изработи, во дрво, уметницата Калина Игновска. Тие имаат и свој симболичен паричен дел.

„Наградите се „толку можевме“. Сите кубуриме со пари. Наградниот фонд ни е 600 евра – 300 за првонаградениот автор, 200 за второнаградениот и 100 за третиот во низата. Некогаш станува збор и за кратки стрипови. Можеш со една табла, ако добро ја осмислиш да бидеш во врвот. Лимитот ни беше до 16 страници, се* потоа не влезе во конкуренција. Како и да е наградата во ова време на беспарица и не е толку симболична. Се согласувам не е нешто „спектакуларна“, ама од некаде треба да се почне. Всушност, гласната работа е сето тоа медиумски да го подигнеме на повисоко ниво, да направиме малку џева, да го привлечеме вниманието врз стрипот. Бидејќи реално него го нема во нашите медиуми. Се разбира и да ги стимулираме луѓето да работат. Тоа се главните цели на наградата „Лифт“, смета Гелевски.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG