Родена и израсната главно на социјалните мрежи во релативно краток временски период, овој четврток, на 5 јуни, во 18.30 часот, во Кино „Фросина“, во Младински културен центар – Скопје, ќе биде претставена независната иницијатива ЗА КУЛТУРНА МАКЕДОНИЈА која треба да ги артикулира бројните незадоволства и реакции на културните дејци од состојбите со културата во земјава.
На првото „собрание“, кое патем е отворено за културните дејци од разни области, музика, театарска и филмска уметност, ликовна уметност, стрип-култура, претставници на независните културни центри или здруженија, консументи на овие култури, новинари од културните рубрики во исчезнување, предвидено е да се дојде до одредени заклучоци и барања кои најбрзо ќе бидат упатени до новиот министер и новата „гарнитура“ при Министерството за култура, за секоја од овие области поединечно.
„Идејата на оваа иницијатива е да биде своја. Да биде независна. Јас го нарекувам тоа еден вид на „културна полиција“ на она што новиот министер и неговите соработници ќе го работат во иднина. Ќе ги следиме нивните чекори од самиот почеток. Од стапувањето на функција, па секое следно нивно решение и потег ќе бидат следени и ние ќе реагираме за сè она што мислиме дека не е добро. Поентата е да се реагира и масовно да се реагира на сето она што мислиме дека и штети на културата и културните политики кај нас“, вели Петар Младеновски, член на групата СУПЕРХИКС и еден од иницијаторите за формирање на иницијативата ЗА КУЛТУРНА МАКЕДОНИЈА.
Тој истакнува дека причините за формирањето на оваа иницијатива се бројни, но дека во сржта на работите стои разочарувањето од неисполнетите очекувања од гарнитурата која седна во Министерството за култура по промената на власта во Република Македонија. Дополнува дека тоа е уште поголемо ако се има на ум дека доаѓа од луѓе кои условно речено дотогаш биле претставници на т.н. „независна сцена“, што тоа воопшто и да значи. Врвот на незадоволството бил достигнат со објавувањето на резултатите од годишниот Конкурс за програми од национален интерес со кој биле засегнати не само мнозина културни дејци, туку и традиционални манифестации и културни установи.
Токму поради изневерените високи очекувања и, според нив, лошите културни политики културните дејци се решиле на еден ваков исчекор.
„Да бидам искрен иницијалната каписла тргна од мене по една информација што ја прочитав дека господинот Аца Лукас ќе одржи концерт во Домот на млади во Штип, што за мене е несфатливо, не можам да го прифатам и не можам и не сакам да се помирам со ваквиот момент. Домови за култура не треба да стануваат подржувачи на проекти коишто промовираат и нудат кич и шунд“, дециден е Младеновски.
Инаку, покрај него во иницијалниот одбор за формирање на независната иницијатива ЗА КУЛТУРНА МАКЕДОНИЈА се и композиторот Александар Пејовски, приредувачот на капиталното дело Македонска рок енциклопедија - Тошо Филиповски и мнозина други и не само од независната сцена кои сметаа дека се можни промени на подобро во културата во земјава.
„Ние нема да се занимаваме со културна политика затоа што мислиме дека како творци треба да си се бавиме со творештво. Но тоа не значи дека треба да бидеме настрана од овие процеси. Мислиме дека главните грешки на претходните гарнитури, па и на онаа што до неодамна раководеше со Министерството за култура, е што не слушаа. Без разлика на тоа што се одржаа милион дебати и се правеа разно-разни стратегии за култура итн. мислам дека луѓето од културата не беа доволно ислушани и нивните конкретни предлози не беа директно вклучени во нивните замисли како би требало да изгледа културата во Република Македонија во наредниот четиригодишен период. Токму тука е грешката и затоа тргнуваме со оваа Иницијатива која донекаде би требало да биде политички коректив во однос на културата. Така ќе делуваме и нема да застанеме“, смета Петар Младеновски.