Достапни линкови

Конкурсот на Министерство за култура – (Раз)врзување на јазолот или...


Илустрација
Илустрација

Не стивнуваат реакциите по објавувањето на Годишниот конкурс за проекти од национален интерес во културата за 2018 година. Од Министерството за култура велат дека по прв пат демонстрирале транспарентност и отчетност пред граѓаните што е нивен прв приоритет, а немал е бројот дури и од оние што добиле средства за своите проекти кои сметаат дека се „понижени“ и „навредени“.

Со Годишната програма за 2018 година, Министерството за култура ги крати непродуктивните трошења на парите на граѓаните, вложува повеќе пари директно во културата и уметноста и започнува со интензивна акција за распространување и развој на културата низ целата земја и до публиката од сите возрасти. И покрај големите долгови кои ќе создаваат буџетски импликации и во наредните години, обезбедуваме повеќе средства директно за уметниците и нивните проекти, ја подобруваме инфраструктурата и условите за вработените во културните установи и за публиката, ги отвораме установите за независната културна сцена, создаваме нови програми, ги зголемуваме можностите за поддршка за сите актери во културата и обезбедуваме механизми за суштинска вклученост на сите засегнати страни во процесите на креирање на културните политики.

Ова ќе биде еден од заклучоците на Министерството за култура при соопштувањето на резултатите од Годишниот конкурс за проекти од национален интерес во културата за 2018 година. Згора на тоа ќе биде забележано дека овојпат „има далеку порамномерна и поправична дисперзија на средствата од минатите години, во однос на етничката, географската, родовата застапеност, застапеноста на маргинализирани заедници, застапеноста на различните дејности и застапеноста на проектите кои доаѓаат од вонинституционални апликанти.“ Дека со тоа е демонстрирана и во пракса посветеноста кон културните политики што целат кон изградба на едно општество за сите, децентрализација на културата и еднаков пристап до културата за сите граѓани. И, згора на тоа дека „во музичко - сценската дејност се обезбедени средства и за фестивали на алтернативните жанрови – рок, електронска и светска музика, а поддржале и повеќе џез-манифестации покрај веќе етаблираните фестивали“. И, потоа дека „зголемени активности се предвидуваат и за меѓународното претставување на важните меѓународни саеми на книга“, дека „врвен приоритет меѓу сите програми е заштитата на културното наследство“ и конечно дека со Годишната програма за 2018 година, Министерството за култура ги крати непродуктивните трошења на парите на граѓаните, вложува повеќе пари директно во културата и уметноста и започнува со интензивна акција за распространување и развој на културата низ целата земја и до публиката од сите возрасти.

Но, нецели 24 часа по саботната прес-конференција на која беа соопштени резултатите, започна да зоврива атмосферата на социјалните мрежи.

Тошо Филиповски ќе се огласи со едно свое подолго писание во кое откако ќе ги информира своите „пријатели“ дека „по цели шест години истражувања, архивирање, селектирање, групирање, реконструкции и пишувања бил готов со Македонската рок енциклопедија. Капиталното дело за секоја држава, пишаниот доказ на секој еден народ за прапочетоците, постоењето и развивањето на автентичен музички урбан живот во една држава.

И, потоа ќе дополни дека и тој како и секој обичен граѓанин на оваа држава, конзумент и партиципиент на културата, аплицирал и се надевал дека Република Македонија ќе ја препознае потребата од постоење на издание со вакви историски димензии и автентична тежина и истото ќе го помогне во делот на покривање на трошоците за лекторирање/подготовка за печатење-прелом/дизајн на изданието и насловната и самото печатење на Енциклопедијата.

Ќе потсети дека истото го правел и во изминатите шест години, но дека бил одбиван.

„На крај си велев им простувам - не знаат што е рок музика и што значи македонската рок сцена. Аплицирав и минатата година, си велев оваа гарнитура знае, голем дел од нив и самите биле музичари во одреден период. Искрено верував дека ќе ја сфатат потребата од енциклопедијата и од неопходното и итно згрижување на македонското музичко културно богатство. Впрочем прогласија и година на заштита на културното богатство, а што е музичата историја на еден народ ако не културно богатство? Но, се излажав или поточно НЕ навредија и понижија. Доделените 200.000 денари како сума е за почит и можеби доволни за некој друг проект од фолклорот на заедниците (за кој најмногу се грижат), НО за покривање на гореспоменатите трошоци за подготовка на Енциклопедијата се недоволни, или се доволни само за првите споменати ставки (лекторирање, дизајн, прелом) за да истото изгледа како што треба“ ќе напише Филиповски.

И, не многу по неговата објава ќе започне лавината. Ќе се јават актерите од Театар Куманово за да го искажат своето незадоволство што на ансамблот на македонската драма му се доделени само два проекти со вкупен буџет од 1.600.000 денари.

„Го изразуваме нашиот револт и протест поради долгогодишниот третман со кој се маргинализира, уназадува и уништува нашиот театар. Охрабрени од ветувањата на новиот состав при надлежното Министерство, дека ќе се заложи за пофер дистрибуција на заедничките средства од центарот кон маргините, се понадевавме дека конечно некој ќе има слух за нашите заложби. Со големо разочарување констатираме дека, во однос на нас, само се продолжи практиката на дополнително осиромашување на послабиот и зајакнување на позициите на најсилните“, ќе напишат уметниците.

Ќе уследи и прашањето како тоа театарот во Тетово со своите 20-на претстави годишно добил исто толку средства колку и Драмски театар со 10 пати по толку.

Или како тоа ќе биде објаснето „зошто Здружението Виган за проектот што го носи истоимениот наслов како песната „Гулаб на слободата“, побарало од Министерство за култура 200.000 денари, но комисијата која одлучувала решила да им додели повеќе - 300.000 денари, што е исто така невообичаено, бидејќи во принцип речиси секогаш се доделуваат помалку пари од бараното“.

Една наша уметница со гнев ќе констатира дека „дошол животот во Македонија во кој е реалност една кафеанска пејачка да има поголем хонорар од класичен музичар“, двајца некогашни соработници поради „добиените средства за прослава на годишнината на приватна фирма“ ќе сменат силно навредливи зборови, некои без многу двојба ќе кажат дека приказната се повторува – дека се „наградуваат по учинок своите“ и така со ред.

Сепак, наспроти гласноста на социјалните мрежи – главно молк да се проговори во медиумите.

Петар Младеновски од групата СУПЕРХИКС, истакнува дека како човек и творец е прилично разочаран од резултатите на Годишниот конкурс на Министерството за култура затоа што, како што вели, биле одржани еден куп работилници, дебати и трибини за тоа во која насока треба да биде курсот на новата гарнитура што треба да ја води културната политика во нашата државата.

„Едноставно она што беше дискутирано, договарано, јас овде не го гледам. Тоа значи дека не се движиме во таа насока. Она што ме чуди е на кој начин и како се распределени овие средства. Некако се инсистира на тоа дека се транспарентни луѓето од комисиите и од Министерството – тоа е точно, но далеку е од она што е наведено во најавата за Конкурсот – правичноста кон сите уметници и граѓани на оваа држава. Мислам дека еден куп од овие проекти се сомнителни и дека не го заслужуваат она што го добиле на овој конкурс“, вели тој.

Од друга страна, композиторката Дарија Андовска, откако ќе забележи дека лично не е засегната од конкурсите на Град Скопје и на Министерство за култура, ќе рече дека таа си стои зад мотото: Не што направила државата за неа, туку што сторила таа за државата. Затоа истакнува дека износите се навредливи не само за тие коишто се стожери на македонската култура во последните децении, туку и за тие коишто за прв пат ги гледаме дека постојат и во висината и во бројот на проектите. Таа е категорична дека треба да се работи повеќе на квалитет отколку на квантитет и дека не секој треба да добие шанса ако сакаме да правиме култура.

„Ваквиот избор генерално ја става под знак прашање компетентноста на комисијата или го отвора прашањето колку и како се протежираат и по какви линии влегуваат проектите од областа на културата. Особено загрижувачки е молкот. Сите оние коишто се бореа за слобода на говорот сега се замочени, а уметниците и интелектуалците се оние кои треба да бидат критичко око. Будни и секогаш да ја критикуваат власта“, смета Андовска.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG