Достапни линкови

„Уметност за сите“ или инклузија на лицата со попреченост и хендикеп


„Уметност за сите“ е ликовно едукативен проект наменет за деца од најрана училишна возраст до завршување на средно образование зад кој застана Националната галерија на Македонија со подршка на Холандската амбасада. Овој зафат ќе биде реализиран во 4 циклуси од по три месеци до крајот на 2019 година, а негова крајна цел е социјализација и општествена инклузија на лицата со попреченост и хендикеп.

Она што првично беше само хумана идеја крепена на ентузијазмот на поединци во институционални костуми полека станува реалност. Националната галерија на Македонија, по бројните реализирани проекти наменети за лицата од ранливите категории во последниве неколку години, се осмели да се исправи пред еден сериозен зафат. Да исчекори малку понапред од она што беше зачнато со работилниците чија цел беше да се анимираат децата со различен спектар на попреченост, различна возраст, специфики, социјален статус, пол, посебни потреби... нудејќи можност за социјална инклузија со вклучување на врсниците од редовната образовна програма. Да им помогне на учесниците, на оние кои раскрстиле со општествените предрасуди, во стекнувањето нови вештини, совладувањето техники... така образувајќи се во сферата на културата и уметноста.

И, по првиот степеник на Националната галерија на Македонија насловен како „Сите сме еднакви“ од 2014, на почетокот од новото лето 2018 го добиваме ликовно едукативниот проект „Уметност за сите“ кој им е наменет на децата од најрана училишна возраст до завршување на средно образование.

Овој зафат ќе биде реализиран во 4 циклуси од по три месеци до крајот на 2019 година, а негова крајна цел е социјализација и општествена инклузија на лицата со попреченост и со хендикеп.

„Целта на проектот е социјална и општествена инклузија на лицата со попреченост и хендикеп преку културата и уметноста. Од тука овој проект како предвесник на Националната стратегија за развој на културата во Република Македонија до 2022 година ќе биде пример за грижата на различностите, потребите на посебните, ранливите и маргинализираните групи во општеството, нивните културни планови и потреби. Би рекла и тоа дека со овој чин ние на најубав можен начин го одбележуваме почетокот на нашето прославување – 70 години постоење“, вели д-р Дита Старова Ќерими, директорка на Националната галерија на Македонија.

Проектот „Уметност за сите“ е финансиран во рамките на програмата МАТРА на Амбасадата на Кралството Холандија во Македонија.

МАТРА е билатерална програма на холандското Министерство за надворешни работи која е отворена за сите земји кои се на пат да станат членки на Европската унија. Наменета е за поддршка на проекти кои се насочени кон општествена трансформација која ќе води кон поголемо приближување на земјите кон стандардите на Европската унија.

Преку овој проект, всушност амбасадата ја поддржува културата како важен двигател за понатамошна демократизација на Македонија, но и понатамошното унапредување на човековите права на одредени маргинализирани групи население, како децата со посебни потреби.

И, кога е веќе познато не чуди што неговата екселенција, Вилијам Ваутер Пломп – амбасадор на Кралството Холандија во Република Македонија, ќе рече дека со радост влегуваат во реализацијата на овој проект свесни за професионалноста и ентузијазмот на вработените во Националната галерија кои веќе работат со децата од ранливите категории и имаат огромна желба да продолжат тоа да го прават и во иднина.

„Културата секогаш била еден од најважните начини за демократизација на општеството. Речиси зборуваме за должност на културните институции да се отворат и да подадат рака вон своите вообичаени кругови. Да создадат публика и да ги образуваат луѓето, особено младите генерации. Изложеноста на уметноста и на културата не е и не треба да биде привилегија само на некои. Се работи за многу клучно човеково право. Отворање и прозорец во упатување на животот на луѓето. Пат кон многу поквалитетно живеење и најмногу од се средство за поврзување со другите. Се надевам дека тоа е тоа што овие деца и нивните семејства ќе можат да го добијат, да го извлечат од овие активности“, потенцира амбасадорот Пломп.

Во контекст на ова, министерот за култура Роберт Алаѓозовски, меѓу другото, ќе рече дека развојот на културата на маргиналните заедници е стратешки важен за Република Македонија, доколку сакаме да ја постигнеме клучната цел, а тоа е да создадеме општество за сите.

„Самиот наслов на проектот и неговите цели кореспондираат совршено со новите културни политики на Владата на Република Македонија и на Министерството за култура сублимирани и во нашата максима „Култура на сите, односно култура за сите“. Убеден сум дека овој проект, а и другите што ќе следуваат ќе ја демонстрираат и во практика нашата почит и грижата кон различностите, и нашата сериозна намера да ги адресираме културните права и потреби на посебните, на ранливите и на маргинализираните групи во општетството“, истакнува Алаѓозовски.

Кон ова само уште информацијата дека проектот „Уметност за сите“ ќе биде заокружен на крајот на 2019 година со завршна изложба на која ќе бидат прикажани делата на учесниците на сесиите.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG