Достапни линкови

Фестивалот АртАреа – културна артерија на градот


Со идеја да бидат обединети повеќе различни уметности, од 22 до 24 декември, во Кино Култура, во организација на издавачката куќа Бегемот од Скопје, ќе се одржи првото издание на фестивалот „АртАреа“. Во текот на трите фестивалски дена е планирано да бидат претставени внимателно одбрани плодови на десетици творци од земјава.

На самиот крај на оваа 2017 година, Скопје и македонската (суб)културна сцена добиваат уште еден фестивал. Дефинитивно поразличен од веќе постојните. Од 22 до 24 декември, во Кино Култура, во организација на издавачката куќа Бегемот, ќе се одржи првото издание на „АртАреа“. Неговите потписници уште на самиот почеток ќе забележат дека „тоа е време-место на поврзување на различните уметности: книжевност, филм, театар, музика, поетски перформанс, архитектура, фотографија, анимација, ракотворство… Дека притоа вљубениците во еден или во неколку од овие изразни медиуми ќе откријат непознати убавини другаде, каде што не ги побарале“. И, згора на тоа во дополна ќе стои и тоа дека во текот на трите фестивалски дена ќе бидат претставени внимателно одбрани плодови на десетици културотворци од земјава.

Во пресрет на ова случување, Андреј Јованчевски од Бегемот, ќе рече дека со сите учесници со сите творци што се дел од програмата, подолго време разговарале за еден проблем којшто го препознаваат на културната сцена во градот и пошироко. Дека „препознаваат една атомизираност на индивидуалната или групната работа и отсуство на пресрети помеѓу уметностите што доведува до атомизирани контексти на публиката“. Дека одредена публика следи само театар, друга книжевност, трета музика и затоа тие чувствувале потреба да „создадат некој канал на постојан и богат проток на луѓе, на идеи, на вештини којшто се неопходни да се освежува творечката работа на уметниците од било која област“.

„Така дојдовме до идејата да создадеме еден Фестивал којшто не претендира да создаде трајна платформа за решавање на овој проблем, но да даде еден сконцентриран придонес и во рамките на трите фестивалски дена да ги обединиме дел од творците во различните културни медиуми и на едно место да донесеме книга и филм, театарска претстава, музика, поетски перформанс, изложба на архитектура и фотографија, а згора на тоа и ракотворби. Сфативме дека сите го посакуваме ова, дека сме способни да го направиме и дека сите посакуваме тоа да ни се случи“, вели Јованчевски.

Од таму, чисто информативно, Фестивалот ќе започне во петок со отворање на саемот на книга на кој ќе се најдат изданија на издавачките куќи Или-или, Темплум, Готен, Антолог, Слово, Табахон, Три, Блесок, Метаноја, Галикул, ПНВ публикации и Бегемот.

Паралелно ќе одвива и базарот на ракотворби, а посетителите ќе имаат можност да ја проследат и изложбата на фотографии со дела на Верица Славковска, Зоран Шеќеров и Маја Плачковска.

​Во 18 часот ќе биде отворена и изложбата „Полска.Нов јавен живот“, реализирана во соработка со Амбасадата на Република Полска во Република Македонија, два часа подоцна е планирано да се одржи книжевна вечер на која ќе биде промовиран македонскиот превод на книгата „Темната материја“ (Готен) од словенечката писателка, критичарка и уредничка во „Дело“ - Мојца Кумердеј ( разговорот ќе го водат Владимир Јанковски и Иван Шопов), за да сè кулминира со џез концерт на скопските музички миленици ЛЕТЕЧКИ ПЕКИНЕЗЕРИ.

Саботата ќе започне со „Време и беспаќа“ или анимации за возрасни („Штимање инструменти“ од Јежи Куча, „Танго“ на Збигњев Рибшињски, „Лавиринт“ на Јан Леница, „Кафези“ од Мирослав Кијович...и други), потем следува претставувањето на ракотворските вештини, од 18 часот ќе оди Дискусијата за архитектура и култура Архи.тек, по неа на сцената во Кино Култура ќе биде изведен музичко-поетскиот перформанс „Елај ми на АсталОФФ!“ на ВИС ТРКАЛЕЗНА МАСА, а на крајот на денот ќе се случи и проекција на документарен филм одбран од драгиот партнер на „АртАреа“ - Фестивалот МакеДокс.

„Жозе и Пилар“ е филм за португалскиот добитник на Нобеловата награда за литература, Жозе Сарамаго. Станува збор за остварување преполно со моменти на нежност и песимистички рефлексии на писателот, противотров на преголемата доза прозаичност во светот.

И конечно в недела, на 24 декември, отворањето ќе биде во 11 часот со ревијата на Класици на анимација за деца ( во чии рамки ќе море да се проследат чешкиот „Доротка и часовникот“, полскиот „Авантурите на Лолек и Болек“, рускиот „Почекај само! / Ну погоди!“ ...и така со ред). Во 18 часот ќе биде прикажана една од култните драми на Хенрик Ибзен - „Народен непријател“ во режија на Горјан Аревски, за да тродневното случување кулминира со одбележувањето на роденденот на Кино Култура.

Јованчевски дополнува дека тие како „АртАреа“ не претендираат да бидат универзална и единствена платформа кајшто ќе се сретнуваат различните уметности, туку дека ќе се стреми и други луѓе да направат слични нешта.

Вели дека нивната замисла е да продолжат понатаму и Фестивалот да се обогатува и во поглед на учесниците во програмата и временски. Тој истакнува дека во случајов организацијата се крепела на нивниот ентузијазам, дека за следниот пат ќе се обидат тоа да го сторат на уште посериозно ниво и дека уште сега се подготвуваат за идното издание во декември 2018 година.

„Замислата е да вклучуваме што повеќе уметнички медиуми и АртАреа од година во година да прерасне во една убава традиција на градот, предбожиќна, предновогодишна ...којашто ќе им даде една силна доза на култура на скопјани и ќе ги мотивира поактивно да ја следат овдешната култура и по можност и самите да се вклучат во неа и да ја помагаат“, вели Андреј.

Тој појаснува дека со тоа и прават една добронамерна мамка на публиката и дека ги тераат оние што ќе дојдат по книга да бидат предизвикани да останат и на пример на џез концерт, или тие што ќе дојдат на театар да видат изложба на фотографија ...и се така со ред.

И, најбитното нешто - влезот за сите настани на АртАреа е слободен.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG