Во организација на Амбасадата на Република Полска во нашава земја и Музеј на Македонија, во периодот од 14 декември до 30 март наредната 2018 година, ќе се случи несекојдневна изложба на уникатни фотографии и теренски записи дело на полскиот етнолог Јозеф Обрембски, којшто вршел теренски истражувања во Порече од август 1932 до март 1933.
Станува збор за одбир од опширната документација изготвена од Обрембски која опфаќа и 550 фотографии. Негативите на стаклени ленти го „преживеале“ времето на германската окупација на Варшава, закопани во метални кутии во дворот на научникот.
Специјален гостин на отворањето на поставката, во четврток напладне, ќе биде авторката професор Ана Енгелкинг од Полската академија на науките, а за музиката и уметничката придружба ќе се погрижи фолклорниот ансамбл „Македонија“.
А, посегањето по фактографијата околу овој настан го вели следново.
Јозеф Омбрембски (1905-1967), полски етнолог кој вршел теренски истражувања во македонското Порече и таму поминал нешто повеќе од половина година: од средината на август 1932 до крајот на март 1933. Поголемиот дел од тој период живеел во селото Волче, во куќата на Кире и Коле Крајчевски и на нивната мајка Стефкојца.
Етнологот завршил славистички и етнографски студии на Јагелонскиот универзитет во Краков, меѓутоа во Македонија не пристигнал од таму, туку од Лондон, како стипендист на Фондацијата „Рокфелер“. Тогаш младиот Обрембски бил докторант под менторство на Бронислав Малиновски – светски познатиот социјален антрополог.
Инаку, Јозеф во тој период го интересирале селските заедници кои сè уште не биле дезинтегрирани од процесите на модернизацијата.. Сакал да ги истражува, применувајќи го етнографскиот теренски метод развиен од страна на Малиновски, чијашто суштина Обрембски ја опишувал со зборовите: „објективно набљудување и директно искуство“. Оттука, објект на истражувањата на полскиот етнолог станало големото патријархално семејство и неговите функции во селската група, вклучувајќи ги особено позицијата и улогата на жените.
Затоа тој ги проучувал и ги документирал: секојдневниот, обредниот и религиозниот живот, митологијата, фолклорот, народната медицина и магиските ритуали. Испитувал, како во социо-економските услови во тогашна Македонија функционира големото патријархално семејство. Собрал материјали, коишто биле обемни и уникатни уште во моментот на нивното регистрирање.
„Скоро шест месеци поминав речиси како член на семејството фаќајќи го на некој начин на дело и одблизу набљудувајќи го тоа, што досега не беше речиси воопшто набљудувано: интимниот живот на јужнословенската фамилија“, напишал подоцна Обрембски.
Познато е и тоа дека самиот научник развил многу добри односи со жителите на Волче и околните села, благодарение не само на користениот истражувачки метод, туку и на неговите позитивни карактерни особини. Тој бил човек со голема емоционална интелигенција кој лесно воспоставувал контакти. Ги сакал поречаните, а и тие го сакале него. Го примиле како свој.
Од друга страна, треба да се спомене и тоа дека научното наследство на Јозеф Обрембски се наоѓа во архивата на Масачусетскиот универзитет во Амхерст во САД. Опширен избор на трудови, пак, на полскиот етнолог во превод на македонски јазик е објавен под редакција на професорТанас Вражиновски (2001-2002), а фрагменти од неговото наследство, исто така, биле печатени на полски и на англиски јазик.
Досега најобемен избор на фотографии направени од страна на Обрембски во Порече се наоѓа во двојазичниот том Порече 1932-1933. Macedonian Poreche 1932-1933 (ed. T. Vražinovski, A. Engelking, J.M. Halpern, Prilep–Skopje 2003).