Достапни линкови

Зограф: Стрипот е експресивен како книжевноста


Саша Ракезиќ - Александар Зограф
Саша Ракезиќ - Александар Зограф

Стрипот не е толку популарен медиум како што беше некогаш, но е медиум кој често ги коментира општествените случувања, политичката состојба. Се осмелува да се бави со теми коишто некогаш се чинеше дека е невозможно да се најдат во стриповите, вели во интервјуто за РСЕ познатиот српски и светски стрип автор Александар Зограф.

Роден 1963 година во Панчево, Саша Ракезиќ, или Александар Зограф како што е неговиот псевдоним, е еден од најпознатите стрип автори во регионот. Во југословенската периодика објавува стрипови од 1986 година, а од почетокот на деветтата деценија на минатиот век често е присутен и во странство. Најпрвин во САД каде што неговите дела ги објавува еден од најпознатите издавачи на алтернативен стрип во светот, Fantagraphics Books од Сиетл.

Денес неговите дела се публикувани во L'Association во Франција, Fandango во Италија, MMMNNNRRRG! во Португалија, Centrala во Полска... Учествувал на бројни меѓународни стрип фестивали и изложби – од Lucca Comics (каде што е и награден) и Napoli Comicon во Италија, преку Toy Comics и изложбата во парискиот Musee des Arts decoratifs, па се до големата самостојна изложба одржана во Cartoon Art Museum во Сан Франциско.

Своевремено бил соработник на култниот југословенски музички магазин Џубокс, а од 2003 година со по две страници стрип Александар Зограф е редовно присутен во независниот белградски неделник Време.

И, што е поважно тој и натаму твори, патува и ја споделува својата уметност со сомисленици и љубопитници. Згора на тоа, влегува во редот на ретко благодарните соговорници кои наспроти привидната смиреност со часови можат да огнено да говорат за сопствената определба. За стрипот и сите предизвици пред кои е исправена оваа уметност, овде и сега.

„Во регионот, па и пошироко стрипот е како што велиме ние Србите - „13 прасе“. Денес, иако е веќе депласирано да се разговара дали е тоа уметност или не, стрипот сепак е позициониран некаде на крајот во однос на другите уметности. Меѓутоа, тоа во некоја рака, е и негова предност затоа што стрипот е многу пофлексибилен, на него никој не смета, та затоа е возможно во тие рамки човек да се занимава со некои подлабоки теми. Јас во своите стрипови допрев многу различни нешта – од состојбата на Балканот до холокаустот 1941 година, а некаде помеѓу нив ги сместив и со стриповите кои се занимаваат со соништата или со патувањата, што значи дека покривав најразлични теми“, ќе рече Ракезиќ, не многу по отворањето на изложбата „Вршац, Панчево, Скопје“.

На оваа поставка што на крајот на мината година се одржа во Отвореното графичко студио при Музеј на град Скопје (отворањето „симболично“ беше на 29 ноември, некогашниот Ден на Републиката) учествуваа и Данило Милошев – Восток, Гордана Баста, Злата Војниќ Кортмиш и нашите Горан Дачев, Миле Ничевски и Атанас Ботев.

А, говорејќи за третманот на културата во земјите од поранешна Југославија, посебно во неговата родна Србија, Зограф истакнува дека „тоа е последното нешто со кое се занимаваат нашите држави, затоа што сеуште не допрело до свеста сознанието дека културата е нешто што ја одредува државата“.

„Во Србија е некоја криза којашто трае со години. Дури и не знам колку долго. Од таму разбирливо е што културата е ниско позиционирана, а стрипот притоа е веројатно некаде на самото дно. Затоа не случајно што јас, или луѓето како мене што се бават со оваа уметност, сме аутсајдери. Тоа и не мора да биде толку лошо ако се сетиме на тоа дека еве на пример блузот го создале токму таквите губитници како нас“, вели тој.

А, во Македонија можеби состојбата е малку поинаква од проста причина што ми се чини дека овде кај вас од немајкаде културата се врзува со идентитетот, па така и тоа е дел од таа приказна.

Во овој контекст, Саша вели дека денес на овие наши простори има помалку магазини за стрип од кога било, но дека е охрабрувачки тоа што има се поголем број на млади луѓе кои се занимаваат со оваа уметност и дека современиот стрип ја почнал потрагата по некои други решенија.

„Стрипот не е толку популарен медиум како што беше некогаш, но е медиум кој често ги коментира општествените случувања, политичката состојба. Се осмелува да се бави со теми коишто некогаш се чинеше дека е невозможно да се најдат во стриповите. Со еден збор стрипот не е само „вестерн“ или „авантуристички“ или „гег“, тој е експресивен, да речеме, како и книжевноста. Така да во тој простор е возможно да се дојде до некои откритија. Да се биде присутен пошироко. Во мојот случај јас повеќе објавувам во странство отколку во својата земја и благодарение на брзината на средствата за комуникација возможен е тој опстанок на интернационалната сцена. Тоа порано беше тешко, речиси невозможно, но денес едноставно се некои други времиња во однос на она што беше некогаш“, вели Ракезиќ.

Тој дополнува дека од друга страна охрабрувачки е и тоа што со стрип денес се бават луѓе кои ги истражуваат можностите на изразувањето со оваа уметност, па така како резултат на тоа многу лесно и многу брзо се воспоставуваат и негуваат комуникациските канали меѓу нив. Како пример за тоа ја наведува работилницата во Лазарополе на која еден краток период заедно живееле и твореле неколкумина стрип автори од Македонија и од Србија.

„Оваа изложба е рефлекција на тоа случување. Тоа е некој вид на длабинска врска и веројатен показ дека реално врските можеби никогаш и не ги прекинавме. Многу луѓе одовде од Македонија доаѓаат кај нас и ние еве доаѓаме овде, така да всушност ова е она што треба да го прават нашите политичари – да разберат дека таа соработка е исклучително значајна. Ние не сме само комшии, туку сме и поврзани со многу културни нитки и тоа е нешто што не е само возможно туку и особено пожелно“, вели тој.

Од таму, Зограф не се сомнева дека во претстојниов период изложбата „Вршац, Панчево, Скопје“, како заокружен труд на неколкумина навистина квалитетни регионални стрип творци, ќе се најде на некоја од манифестациите или стрип фестивали во соседна Србија.

Верува дека најпрвин тоа ќе биде неговото Панчево, градот во којштокако што ќе рече, неминовно „пуштил корени“.

„Иако доста објавувам во Европа, па и во светот, Панчево некако го чувствувам како централа. Средиштето од каде се почнува. Ете од 2003 година со по две страни стрип во боја редовно ме има во неделникот Време кој не и припаѓа на ниту една политичка опција, ниту економска групација, туку е сопственост на новинарите кои работат во него. Таму сум присутен со моите архиварски истражувања. Јас инаку љубам често да талкам по пазарите на старини и таму да најдам некој артефакт, посебно стари книги или весници, што ќе ми послужи како инспирација за мојата работа. Понекогаш правам и стрипови што се однесуваат на просторите што сум ги посетил, таков е и овој на Изложбата што настана во Лазарополе, а најверојатно и Скопје ќе ми биде испирација за едно од следните изданија во неделникот“, вели тој.

Прашан како гледа на Скопје кое најнапред го видел на почетокот од новото столетие и сегашното, вели дека „ова е потполно нов град, како да влегол во некоја друга реалност“.

„Несомнено е дека тој архитектонски галиматијас го изменил градот, но според мене она што ќе го означи ова место се луѓето. Каква и да е состојбата и како и воопшто да изгледа современо Скопје, токму луѓето се тие кои и натаму ќе му ја даваат душата. Дури лично сметам дека нашата средина долго време како да беше во некоја непроменета капсула, па така и овие промени иако можеби можат да бидат бележани како назадни во некој смисол, дека има премногу сентиментализам во овие споменици кои го поклопија Скопје, за мене тоа од друга страна е интересно затоа што е оживеан просторот. Точно, изменет е ликот на градот можеби засекогаш, постои некоја атмосфера којашто јас би ја нарекол „панаџурска“, но сето тоа ми е шарено и навистина интересно за набљудување. За проучување. Разговаравме со пријателите и заклучивме дека ова навистина може да биде туристичка атракција. Луѓето ќе доаѓаат да го видат тоа што е во секој уметнички и архитектонски поглед бесмислено, но е толку преизразено што може да стане занимливо во тој некој свој чуден аспект“, вели Ракезиќ.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG