Достапни линкови

Повеќе од 140 дела на Светската галерија на карикатури во Скопје


Повеќе од 140 дела од бројни интернационални и домашни автори, селектирани во две поставки, ќе бидат изложени во рамките на 49 Светска галерија на карикатури Скопје 2017, што во периодот од 25 мај до 15 јуни, се одржува во Галерија ОСТЕН. Организаторите на манифестацијата истакнуваат дека и овој пат се обиделе и успеале на едно место, благодарение на цртежот, да ги обединат глобалната уметност, хуморот и светската интелигенција.

Доследни на својата децениска заложба за поттикнување на уметноста на хартија, од ОСТЕН и годинава стамено застанаа зад уште едно издание на Светската галерија на карикатура. Во случајов 49 по ред, бројка која сама по себе импресионира. И на него, според востановената практика, учество зедоа бројни интернационални автори со своите оригинални дела – рачно цртани карикатури, сатирични цртежи и стрипови.

Притоа, првата селекција од пријавените творби ја направи Дамир Новак, познат карикатурист од Хрватска, а за наградите одлучуваше жирито во кое беа Руди Гејсенс од Белгија, претседател на Европскиот центар за карикатура, Ангел Болиган од Мексико, карикатурист и уредник во весникот „Ел Универзал“, Масуд Шожаи Табатабаи од Иран, главен уредник на магазинот „Иранска карикатура“, Сејран Каферли од Азербеџан, карикатурист и директор на Меѓународниот центар за вести од областа на карикатурата и Мице Јанкуловски, уметник и претставник на ОСТЕН.

Во своето образложение за финалната одлука тие наведуваат дека било исклучително тешко поради високиот квалитет на пристигнатите цртежи, но дека се одлучиле првата награда за карикатура да му припадне на Клаудио Антонио Гомеш од Бразил, за стрип на Недељко Убовиќ од Србија, а за сатиричен цртеж на Реиналдо Паган Авила од Естонија. Доделени се и 10 посебни награди за автори од Турција, преку Велика Британија до Нов Зеланд, а наградата ЦИЦО за македонски карикатурист му е доделена на Блаже Докулески.

Докулески знае да каже дека нему како на автор особено му е драго едно вакво признание кое го носи името на великанот Василие Поповиќ Цицо, уметник, сценограф и еден од пионерите на македонската карикатура. Тој дополнува дека неговата карикатура е насловена „Триумфална капија“ и во неа „човекот се движи по ѕидовите од нејзината внатрешност без воопшто да има идеја да излезе од таму“. Вели дека на тој начин се обидел да ја долови смислата на животот, што е многу различно од мнозина други кои досега се бавеле со оваа тема.

„Преку движењето се обидов да кажам, да појаснам каде оди денешниот свет. Што триумфира и што губи човекот и која е всушност смислата на животот. Тој се движи во лавиринтот на триумфалноста, а реално никаде не стигнува“, вели тој.

Докулевски појаснува дека не само во ова дело, туку во сето она што го креира се обидува да биде свеж и актуелен, и не само на локални туку што е поважно на универзални теми. Да црта и да говори за нештата кои го засегаат глобалниот свет.

И, кога ова е веќе познато, она што е значајно е и фактот дека повеќе од 140 селектирани дела, пак, ќе се најдат на двете постановки со кои ќе биде одбележано одржувањето на 49 Светска галерија на карикатури Скопје 2017.

Изложбата ќе се одвива од 25 мај до 15 јуни во Галерија ОСТЕН, а организаторите на манифестацијата истакнуваат дека карикатуристите од широкиот свет ја поздравуваат нивната идеја за оригиналност и ги препознаваат напорите за поттикнување на вистински уметнички вредности при создавањето на карикатурите.

„Секое од делата коишто пристигнаа во ОСТЕН, кои беа селектирани и сега се изложени на постановката се посебна приказна и несомнено ја претставуваат реалноста перцепирана од секој од овие генијални автори кои несомнено се силни критичари на општествата во коишто живеат и во коишто творат. Затоа ние како институција сме горди што можеме ете преку Светската галерија на карикатури, која годинава беше 49 по ред, да ја одржуваме оваа прекрасна уметност на пренесување на пораки која генерално воодушевува, но која едновремено и на моменти знае да шокира со сета своја експлицитност“, вели Корнелија Коневска од ОСТЕН.

Од таму, таа дополнува дека уште од сега се подготвуваат за догодина кога ги очекува и 50-то јубилејно издание на манифестацијата.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG