Достапни линкови

Стевац со портрети на џез, блуз и соул гигантите


Игор Стевковски – Стевац. Фото: Александар Сани Јосифовски
Игор Стевковски – Стевац. Фото: Александар Сани Јосифовски

Дваесеттина портети на џез, блуз и соул гигантите ја чинат првата самостојна изложба на ликовниот уметник, стрип цртач и дизајнер Игор Стевковски – Стевац, што од 12 до 16 октомври, се одржува во скопскиот клуб Концепт 37. Станува збор за постановка со која авторот преку своето творечко писмо им се оддолжува на музичарите коишто го инспирирале низ годините наназад.

Игор Стевковски – Стевац е уметник. Еден од оние кои претпочитаат да творат засолнети од медиумската бучава и кои својата средба со публиката ќе ја стокмат во моментот кога ќе бидат сигурни дека дошло вистинското време за споделување.

Роден 1976 година, тој дипломирал на Факултетот за ликовни уметности на графички техники. Уште како студент, како илустратор и карикатурист, соработувал со „Детска радост“ и „Остен“, до пред пет години работел како дизајнер на поштенски марки, а денес е стрип цртач во неделникот „Фокус“. Меѓутоа, она што малку и беше познато на јавноста е неговата пасија кон музиката за која патем знае да каже дека е „интегрален дел од неговата креативна енергија“. Кога ова е веќе познато, нималку не чуди што тој својата прва самостојна изложба им ја посветува на хероите на џез, блуз и соул музиката како Нина Симон, Џон Ли Хукер, Колтрејн, Рон Картер... На оние коишто го инспирирале през годините.

„Музиката со ликовната уметност е природно, органски поврзана. Музиката што ја имам слушано и ден денес ја слушам ми е постојана инспирација. Сепак изложбата е можеби повеќе случајност. Портретите што ги имав изработено беа онака повеќе лично, од ќеф. Кога се собраа дојдов до идеја да направам изложба. Изработив уште неколку и се собраа некаде дваесеттина дела кои се најдоа на изложбата. Една од причините што ги насликав овие гиганти е тоа што едноставно ми изгледаа интересни за цртање, како физиономија, како специфични ликови. Тоа исто така игра голема улога во мојот избор на претставување на музичариве“, вели Стевковски.

Тој дополнува дека отсекогаш го фасцинирале обвивките на грамофонските плочи и воопшто на носачите на звук.

„Тоа ми било животна желба – да работам омоти на плочи на соул, џез и фанк музичарите. Воопшто сè што е поврзано со музиката. И претпоставувам кога не би го работел ова, сепак би се занимавал со музика. Дефинитивно“, вели тој.

Говорејќи за креацијата на портретите, Стевац знае да каже дека притоа посебно му е битен емотивниот израз на лицето кај одреден број на музичарите.

„Во изразот се гледа суштината. Создаваш слика воопшто за музиката што тие ја креираат. Овде посебно би го издвоил портретот на еден Чет Бејкер. Кој не го слушал Бејкер, кога ќе го види изразот на лицето ќе има претстава не само за музиката туку и воопшто за каква личност се работи“, вели тој.

Изложба на Игор Стевковски – Стевац. Фото: Виктор Алаџајков
Изложба на Игор Стевковски – Стевац. Фото: Виктор Алаџајков

Инаку, Стевковски и натаму ќе и се обраќа на својата трајна инспирација музиката и навестува дека во план му се изработка на уште 15-на портрети меѓу кои авторитети како Херби Хенкок, Квински Џоунс, со кои би ја заокружил постановката. Згора на тоа, тој можеби не се гледа себе си пред јавноста со посебна изложба како стрип автор (а комотно може!!!), но безмалку да е сигурен дека во перспектива би ги презентирал своите карикатури од музичари кои веќе ги има нацртано, но кои од концепциски причини овојпат не сакал да ги прикаже во Концепт 37.

И уште нешто, Стевац во целата оваа своја актуелна приказна не ги исклучува македонските автори и изведувачи. Напротив, тој истакнува дека процесот е веќе почнат бидејќи деновиве го завршува портретот што ќе се најде на насловната страница на монографијата посветена на композиторот, аранжер и диригент – легендарниот Александар Џамбазов што треба наскоро да биде публикувана.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG