Достапни линкови

„Состојби“ на Јанешлиева - јасна ангажирана критика на современиот живот


„Состојби“ е насловена 24-та самостојна изложба на Славица Јанешлиева, што од 13 до 24 октомври ќе се одржи во Национална галерија на Македонија, мултимедијален центар Мала станица во Скопје. Во овој проект уметницата, со за неа препознатлив директен и симболичен критички јазик, се осврнува на контроверзните појави во општеството на глобално и локално ниво.

Шест одвоени амбиентални поставки, објекти, собрани во една заедничка целина ја чинат „Состојби“ најновата изложба на уметницата Славица Јанешлиева, што од 13 до 24 октомври, ќе се одржи во Национална галерија на Македонија, мултимедијален центар Мала станица во Скопје. Употребени се различни секојдневни предмети со цел да ја раскажат приказната за состојбите што нè опкружуваат. Всушност, станува збор за една нејзина визуелизација и коментар за сето она што нè преокупира во последниве 10-15 години, не само на локално туку и на глобално ниво.

Од таму, не случајно, во текстот за ова претставување кураторката Маја Чанкуловска Михајловска, меѓу другото, забележува дека „Состојби“ на Славица Јанешлиева „е позиционирана како јасна ангажирана критика на секое поле на современиот живот - падот на моралните вредности, економската експлоатација која генерира војни, уништувања и раселеност, наметнатите патријархални кодови, континуираната и продлабочена криза на образованието, социјалните/егзистенцијалните проблеми, културното пропаѓање со сите придружни морални дилеми и агонијата на постоењето“.

Јанешлиева, пак, откако ќе потсети дека „уметникот е хроничар на своето време“, вели дека без разлика колку тој да се труди да се изолира, постојат две можности – или комплетно да се осами во своето атеље и да твори чисто од естетски порив или, пак, со делото да даде свој коментар за сето она што нè опкружува. Дополнува дека она што се случува влијае на нас и бидејќи и самата е креативец, впрочем како и сите други ликовни уметници, лично чувствува потреба тоа да го искаже со еден уметнички ликовен јазик, притоа трудејќи се тој да биде препознатлив и во однос на континуитетот на нејзиното творештво и во однос на публиката.

„Дали треба да се коментира или не сепак е за дискусија, меѓутоа јас едноставно ја чувствував таа желба дека сакам на ваков начин да се изразам и јавно да ги претставам моите видувања на реалноста“, истакнува уметницата.

Славица Јанешлиева
Славица Јанешлиева

Во натамошната експликација за проектот забележува дека нејзината замисла била тој да ја има својата „премиера“ во долните галериски простори на Мултимедијалниот центар Мала станица за коишто смета дека „нудат поинтимен амбиент за претставување на уметниците“.

„Од тие причини „Состојби“ првично се изложува во Скопје. Центарот за култура „Марко Цепенков“ од Прилеп има побарано изложбата да ја преземе и таа наскоро ќе оди и таму. Јас не го имам видено тој простор, но таму дефинитивно постановката ќе мора да се прилагодува. Е сега, дали таа ќе оди понатаму тоа сè зависи од тоа каков ефект ќе постигнат делата, колку историчарите на уметност и кураторите ќе сакаат да ги вклучат во други претставувања коишто ќе се случуваат во претстојниот период во нашата држава“, вели таа.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG