Достапни линкови

Алан Форд и ТНТ група во епизодата „Тотална измама“ - театарски хит во Прилеп


Работена по култниот стрип на италијанскиот тандем Макс Банкер и Магнус, во Прилеп од неодамна со голем успех се прикажува пиесата Алан Форд и ТНТ група во епизодата „Тотална измама“. Зад овој урнебесен и единствен сценски проект кај нас стојат независната Театарска работилница, драматургот Дарио Харјачек од Хрватска и режисерот Игор Трпче.

Најнапред малку фактографија. „Алан Форд“ е италијански стрип чии автори се Лучиано Секи (Макс Банкер) и Роберто Равиола (Магнус). Во него со многу сатира е опишано секојдневието на една група „тајни агенти“ исполнето со многу надреалности и црн хумор. Првиот број од серијалот е објавен во 1969 година и за релативно кратко време доживеал огромна популарност на Апенинскиот полуостров.

Наспроти очекувањата интересот на публиката набрзо спласнал, потем биле повлечени и француските и бразилските изданија, но за чудо во тогашна Југославија, „Алан Форд“ доживеа голем успех и стана еден од најпопуларните стрипови на тие простори.

Приказната во стрипот ги следи авантурите на неколку тајни агенти од групата ТНТ чие седиште е во една њујоршка цвеќарница. Иако убавецот Алан Форд, кавгаџијата Боб Рок, Број 1 – прализираниот старец со долга брада и голем нос чие вистинско име и возраст никому не му се познати, Сер Оливер – англискиот аристократ со перфектни манири и лепливи прсти, пронаоѓачот и пилот Грунф и Дебелиот шеф..., генерално се неспособни и мрзеливи, сепак кога станува збор за нивните сопствени интереси секогаш се интелегентни и итри и го добиваат тоа што го наумиле.

И, кога ова е веќе познато, интересно е што Алан Форд и ТНТ група во епизодата „Тотална измама“ од неодамна, како продукт на Театарска работилница – Прилеп, благодарение на драматургот Дарио Харјачек од Хрватска и режисерот Игор Трпче, го започнаа својот самосвоен живот во градот под Маркови кули.

Говорејќи за проектот Игор Трпче вели дека текстот нуди еден светски проблем. Дека станува збор за група на бегалци – „еден Евреин, еден Англичанец, еден Италијанец, Македонец и Германец, кои се собрале во Њујорк и основале група за борба против севкупниот светски криминал.

„Најмногу во претставата се застапени социјалните и политичките случувања кои навистина се на светско ниво, а и многу актуелни во моментов кај нас. И во поглед на бегалците и во поглед на социјалниот и политичкиот живот. Тоа беше мотивот за поставување на претставата, а не само да се исправи Алан Форд или стрипот на сцена“, истакнува актерот и режисер Трпче.

Тој дополнува дека проектот е исполнет со многу хумор, дека тие направиле и една тема која музички го носи дејствието и дека сите заедно потпишуваат богата претстава, каква што првично и не очекувале дека ќе им се случи.

„Нашата желба е да го работиме ова што го работиме. Претставата носи големи пораки, светски пораки и мислам дека тоа преку гледаноста ќе допре до публиката. Тоа е идејата на театарот, инаку ние секако имаме најубави желби и намери“, вели Трпче.

Алан Форд и ТНТ група во епизодата „Тотална измама“ на сцената на Центарот за култура „Марко Цепенков“ во Прилеп премиерно била одиграна на 23 септември, по што следувале репризните изведби во текот на октомври за да сега бидат подреани надежите дека проектот е убаво не само да биде прикажан во поголемите градови од земјава, туку и на некои од меѓународните театарски фестивали, како на пример „Сараевска зима“, на кој веќе во меѓувреме е и конкурирано и сега се чека одговорот од организаторите на манифестацијата.

„Важно е дека претставата од изведба во изведба расте и дека ликовите почнуваат да добиваат на самоувереност и однос. Голем дел од групата се аматери, натуршчици кои воопшто досега не застанале на сцена а тука се и дел од актерите на Прилепскиот театар“, потсетува Трпче.

Инаку тој ќе рече дека сценографија за проектот правел скулпторот и педагог Емил Солевски, кој патем во претставата игра дури три лика, дека музиката ја правел Томе Темелковски, кој освен тоа бил и задолжен и за светлото игра и две улоги, дека има аматери коишто играат по три-четири лица...а тука се и неговите колеги – професионалци како Димитар Црцоровски, Димитрина Мицкоска, Димитар Ѓорѓиевски и други.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG