Достапни линкови

Предин - Секогаш бевме волци кои завиваат на месечина


Зоран Предин и Лачни Франз
Зоран Предин и Лачни Франз

Ние секогаш ќе бидеме помалку, но тоа не значи дека треба да се предадеме и да почнеме да кукаме. Токму спротивното. Секоја генерација донесува неколкумина кои се љубопитни, бескомпромисни и слични нам. Токму поради нив мораме да бидеме овде и сега и да ги чуваме овие наши позиции за да не ги изеде човечката глупавост – ќе рече Зоран Предин, кантавторот и лидер на ЛАЧНИ ФРАНЗ, во пресрет на концертот што неговиот бенд, во чест на Денот на словенечката државност, е планирано да го одржи в четврток, на 22 јуни, во 22 часот, на плоштадот Мајка Тереза во Скопје.

Формиран 1979 година во Марибор, ЛАЧНИ ФРАНЗ со 15 дискографски објави и со концертни настапи и турнеи од Триглав до Вардар, не само што се издигна до еден од најзначајните словенечки, туку и воопшто југословенски претставници на „новиот бран“. Бенд за чија музика познавачите забележаа дека му припаѓа на т.н „кабаретски рок“, за да денес сето тоа за интернационалната сцена биде именувано како „hard indie“. Но, она што особено беше важно што на сцената стамено се исправи еден автор како Зоран Предин со својата ангажирана поетика. Со песните преполни иронија и сарказам и стиховите во кои се испреплетуваа еротиката со политиката и општествените табуа со црниот хумор. Поголемиот дел од нив безмалку секогаш беше двосмислен што им даваше препознатливост и алиби и најбитно од сè – сите беа отпеани на мајчиниот, словенечки јазик.

По „самораспуштањето“ во 1994 година, Предин за само две децении сними безмалку ист број на соло изданија и забележа низа на успешни соработки од кои особено е значајна онаа со бардот Арсен Дедиќ, така станувајќи еден од најуспешните (најквалитетните) кант-автори на овие простори. И, конечно, по многу замолници од публиката, тој во 2014 решава да го реинкарнира ЛАЧНИ ФРАНЗ, но со екипа на млади волци желни за докажување. И со нив, со Анеј Кочевар (бас), Лука Чадеж (тапани), Боштјан Артичек (клавијатури) и Тине Час (гитара), не само што им дадоа нова (поинаква) енергија на класичните песни како „Ne mi dihat za ovratnik“, „Naj ti poljub nariše ustnice“, „Jebiveter“, „Čakaj me“, „Na svoji strani“, „Praslovan“, туку лани го снимија и албумот „Svako dobro“ (Croatia Records 2016), за кој ќе биде забележано дека е сè, но не и „дремлива носталгија“. Напротив. Тоа е колекција од песни која има моќ не само да ги разбуди поклоници кои на творештвото на ЛАЧНИ ФРАНЦ му приоѓаа со „изградени ставови и вклучен мозок“, туку и оние кои во меѓувреме дојдоа и не се мират со плиткоста и изгубените вредности на времето во кое живеат.

Во песната „Го враќам сонцето во својот ден“ од „повратничкиот“ албум на ЛАЧНИ ФРАНЗ - „Svako dobro“, како вонсериски автор со препознатлив творечки ракопис и поетика, харизматичен пејач и водач на бенд, Зоран Предин вели: „Не ме интересира повеќе кој крадеше, кој низ годиниве не лаже, кој ниско падна, кого го гонат, кого го бараат. Доста ми е од тажни вести, како злото го гуши доброто, немам време за нови омрази, има поубави нешта во животот.“

Од каде потребата за ваков оптимизам?

Едноставно без оптимизам не бива. Тешко е да се биде оптимист во овие тажни и тешки времиња. Од друга страна, ние немаме поинаква опција. Јас едноставно и не гледам каков поинаков став би можел да им помогне на новите генерации да живеат барем приближно на она ниво на кое ние живеевме во 1980-те, пред оние одвратни братоубиствени војни. Ете тоа е и причината што го „разбудив“ брендот ЛАЧНИ ФРАНЗ по навистина долга, долга пауза. Пред две години со четири момчиња го реоформивме бендот и навистина одлично ни оди. Го снимивме новиот албум „Svako dobro“ , свириме, и ете судбината нè носи во Скопје на 22 јуни на еден голем концерт на отворено како подарок на граѓаните на овој град, на жителите на Република Македонија, по повод Денот на словенечката државност. Овде ќе бидеме по покана на еден прекрасен човек, амбасадорот Јазбец, еден навистина нетипичен дипломат кој има слух за една поинаква музика. Доаѓањето ќе го искористиме за уште два концерта – во Прилеп на 23 јуни и ден подоцна во Охрид. Во Македонија бевме во далечната 1985 година кога свиревме во Младински културен центар во Скопје и потоа, како ЛАЧНИ ФРАНЗ, на крајот на деценијата, колку што се сеќавам, на еден голем хепенинг на Градски стадион во рамките на Денот на младоста или нешто слично. И толку, сè до денешни дни.

Од тогаш до денес протече многу вода. Многу зла крв. Се разрушија многу мостови од нашето братство и детинство. Може ли луѓето од (суб)културата, тие малкумина урбани типови од политиката како на пример амбасадорот и поет Јазбец, слободоумните, самомислечките воопшто, да почнат да градат еден поинаков Балкан отколку овој во кој сега живееме заглавени или само можеби живуркаме?

Ако сакаме да преживееме, ќе мора да се смениме. Тоа е нужно. Ќе мора да дојдат некои нови, со ништо неоптеретени млади луѓе или неизвалкани стари кои досега не биле во прилика да си го кажат своето. Очигледно е дека сепак нешто научивме од овие тажни војни – дека насилството како такво ништо не менува. Ништо не разрешува. Само ги влошува работите. Еве на пример, проектот што го имаме со Матија Дедиќ (џез пијанист и син на легендарниот Арсен Дедиќ н.з) „Трагови во сеќавањата“, една музичко-поетска програма со којашто одев со глава во ѕид. Сите ми велеа дека сум луд. Дека тоа ниту ќе опстане, ниту ќе просперира. Го снимивме и вториот албум со истиот наслов и не само што јас ги пејам најголемите песни, најголемите хитови од овие простори на свој начин, велеа дека никој не може да ја отпее „Магла“ како Јосипа Лисац, „Ти си ми у крви“ како Чолиќ или „Прича о Васи Ладачком“ како Балашевиќ, ама ете врви. Се разбира, јас не се натпреварувам со нив. Тие ми дадоа дозвола да ги снимам тие песни, што е многу битно, и јас сега, како Словенец, види добивам дополнителна вредност на овој простор бидејќи можам да ги пеам хрватските песни во Ниш, а српските во Дубровник. Така што во некоја рака Матија и јас стануваме градители на тие разрушени мостови пред 20-на години. Ова едновремено покажува и дека во луѓето постои некоја желба за нормализирање на работите. Националната припадност да се фрли на некое десето место по важност, бидејќи кај луѓето постојат девет други кои можеби предничат, а тоа се: каков човек си, колку љубиш, што си прочитал, какво училиште си завршил, што те интересира, каков карактер имаш, твоите скриени љубови, твоите мечти и соништа... Тоа се тие работи кои мене апсолутно повеќе ме интересираат кај човекот, отколку на која националност и припаѓа. Ако дозволите ќе речам: Ми е гајле кој на која националност и припаѓа. Тоа е најмалку важно и навистина мора да му ставиме крај на тоа некој „паметен“ да ни кажува колку е сето тоа битно овде и сега. Тоа дефинитивно воопшто не е пресудно.

Но, зар не мислиш дека луѓето како ти, како Рундек, Која, Цане, Брецељ, сепак се осамени? Дека и во една Словенија која е подолго време во Европска унија, во Хрватска, Србија, да не говориме за Македонија, национал-шовинистите, фашистите наново креваат глава, ни ги крадат животите и сигурно нема да ни дозволат да живееме пристојно.

Тоа е жална вистина која е резултат на промените во светот. Сега кога замира тој „турбо-капитализам“, неолиберализам, кога стана јасно дека со светот владеат корпорациите, дека сè е само бизнис и тој без проблеми гази преку мртвите, сериозно мораме да направиме чекор-два по страна. Или дури и да се вратиме на некои позиции кои сме ги испуштиле. Една песна од нашиот нов албум вели дека треба во нашата свест да им се навратиме на основните постулати на Француската буржоаска револуција кои денес се заборавени. Кои се боите на нашите знамиња? Црвена, бела и сина, што значи Liberte, egalite, fraternite, слобода, еднаквост и братство. Дека тоа нема никаква врска со комунизмот, ниту со која било друга идеологија. Да се биде партизан со црвена петокрака на капата значи само да се биде борец за слобода и ништо повеќе и ништо помалку. Основата на оваа наша цивилизација е поставена на три принципа – слобода, еднаквост и братство. Без расизам. Без национализам. Без сексизам. Без сите работи што поради својот интерес бизнисот ги труе нашите животи. Секогаш бевме малцинство. Секогаш бевме волци кои завиваат на месечина. Тоа не е ништо ново. Така барем вели историјата. Ние секогаш ќе бидеме помалку, но тоа не значи дека треба да се предадеме и да почнеме да кукаме. Токму спротивното. Секоја генерација донесува неколкумина кои се љубопитни, бескомпромисни и слични нам. Токму поради нив мораме да бидеме овде и сега и да ги чуваме овие наши позиции за да не ги изеде човечката глупавост.

Зад Зоран Предин со ЛАЧНИ ФРАНЗ се 15-на изданија и и безмалку исто толку солистички објави каде соработуваше со разни ансамбли – ЏИПСИ СВИНГ БЕНД, ШУКАР, ЖИВИ ЛЕГЕНДИ, АРТ БИРО КВИНТЕТ, со големиот Арсен Дедиќ, неговиот син Матија, потем и со пејачи од калибар на еден Дадо Топиќ, Аки Рахимовски, Џибони, Масимо Савиќ и мнозина други. Постојано си на пат и често те има не само во земјите од поранешна Југославија, туку и по Европа. Во своите безмалку 60-на години и со толку мината километража како да сакаш што повеќе да го збогатиш мозаикот на сопственото веќе богато и секогаш свежо творештво. Како нешто да не ти дава мир и да се обидуваш да бидеш сè погласен во пораките.

Тоа е мојот начин на живот. Јас не можам и не сакам поинаку да живеам. Едноставно творештвото е нешто без што не можам да живеам. Јас морам да бидам во движење – настапи, концерти, снимања, патувања, запознавања на нови луѓе, потраги по нови изрази, нови инспирации. Тоа значи да се биде млад во свеста и она што најмногу ме радува е тоа што тие нови песни кои излегуваат од мене имаат и своја нова публика. Дека оние коишто останале млади со мене се со отворена глава за сите новитети кои тоа го завредуваат. Тоа е веројатно таа особина кај луѓето коишто во сопственото творештво и во творештвото на другите ја наоѓаат смислата на животот.

Колку од енергијата и инвентивноста на некогашниот ЛАЧНИ ФРАНЗ, оној од 1980-те и нешто потоа, има во овој нов бенд. Што се обидувате да сторите со овие момци кои сега свират со тебе?

Тоа е многу сложена работа. Се разбира дека младоста сама по себе носи некоја бунтовна енергија која подоцна не може да се реплицира бидејќи стануваш постар, поискусен, патем си научил и многу работи. Би било лага да останеш „вечно млад“ и вешто да ги криеш болките во коските. Овде се работи за некои други нешта. Јас од младите учам, а едновремено и тие „купуваат“ нешто од мене. Јас им ги „отворам главите“ на начин кој ним им е доста чуден. Новите генерации се израснати на сосема поинакви принципи од нас и затоа сега се обидувам во нив да го разбудам нештото што знам дека таму сè уште дреме. И, еве по двегодишна заедничка работа, концерти, снимки, тоа конечно се покажува и гледам дека сум бил во право. Тие едноставно започнаа со некои други очи да го гледаат не само минатото, туку и сегашноста и иднината. Кога работиме некој аранжман за некоја песна, веќе не бараме пример од минатото, тапаните да не звучат како тие во таа и таа песна, или гитарското соло да биде како на овој или оној. Сигнуваме до моментот кога некој ќе заклучи дека „ова не личи на ништо“. И, оп – тука сме. Ајде да направиме нешто ново. Да го побараме својот сопствен израз, нешто што ќе биде само наше. Тоа се обидувам кај нив да го разбудам и да чукнам во дрво засега добро ни оди, а од друга страна јас од нив научив нешто што ми се чинеше дека е невозможно – јас отсекогаш ги мразев пробите, вежбањето, а тие по цел ден само тоа го прават. И, нормално и јас морам да вежбам со бендот, нема бегање.

Во тие моменти зарем не помислуваш дека би ти било подобро кога крај себе би ги имал гитаристите Ото Римеле или Милан Прислан, басистите Сашо Стојановиќ или Зоран Стјепановиќ, клавијатуристот Мирко Коси или тапанарот Андреј Пинтариќ, заедно да ја тркалавте приказната ЛАЧНИ ФРАНЗ? Да бидете нешто налик на СТОУНСИ?

Секогаш постојат тие некои моменти на позитивна носталгија да посакаш нешто да повториш или нешто исто да доживееш. Ние не се скаравме. Останавме пријатели. Понекогаш се слушаме. Ото пред две години во Марибор се качи на сцена и по цели 30 години стоевме еден до друг. Беше тоа трогателен, носталгичен момент. Но, тоа е само тоа. Еден скаменет момент и потоа возот оди понатаму. Јас не мислам да ја вртам главата назад само за да би доживувал такви носталгични моменти. Тоа не ме интересира. Мојата девиза е: „во ред – беше лудо и незаборавно, но одиме понатаму“.

Во која кожа сега Зоран Предин се чувствува најудобно? Во онаа на кантавторот кој може сè сам да работи, потем оној од кого можеби се очекува со Матија да го потпишат „Трагови во сеќавањето 3“, музичарот што понекогаш си пожелува повторно да свири „џипси-џез“, или, пак, конечно како водач на бендот ЛАЧНИ ФРАНЗ?

Сите тие четири лица се мои лица. Тоа сум јас. Јас ги измислив тој начин на живот и на творештво. Прво Словенија е многу мала и тешко е да се живее само од музика. Затоа и решив да ја проширам својата понуда и ако некој ме повика во некој помал клуб во кој не можам да свирам со бендот, можам да појдам сам. Или ако поканата дојде од некој театар, таму можеме да одиме со Матија или со Дамир Кукурузовиќ да свириме „џипси-свинг“. На овие четири канали јас емитувам исто толку концепциски различни програми. И сега ќе го додадам и петтиот. Работам на проектот „акустичен ЛАЧНИ ФРАНЗ“. Правиме „невклучени“ верзии на песните на бендот и тоа ќе биде некоја нова димензија, некоја нова боја. Тој опус од некаде 300 песни всушност го поделив на тие неколку програми во кои мора да има место за мојот „железен репертоар“ од некаде 6 – 7 класични теми од различни периоди кои ги изведувам со поинакви аранжмани. И морам да признам воопшто не ми е здодевно затоа често ме има меѓу публиката. Еве само во последниот месец два пати свирев сам со гитара, исто толку со ЛАЧНИ ФРАНЗ, започнавме со Дамир да го будиме и ЏИПСИ СВИНГ БЕНД поради еден концерт во Љубљана, така што секогаш нешто се случува. Мене тоа ми е нормална состојба. Јас во тоа уживам.

Каде е тука пишувањето? По појавата на неколкуте збирки, па и публикувањето на „Друга жена во харемот“, имам впечаток дека се подготвуваш за посериозен влез во литературата.

Можам да ти кажам дека во меѓувреме пишував и колумни за еден весник. Деновиве ги собрав и некаде во септември треба да се појави мојата втора книга. Пишувањето ми е голем предизвик, но едноставно немам време. Не стигнувам. Имам неколку идеи и огромна желба да напишам роман. Фикција. Се надевам дека летово ќе успеам да уловам некој слободен миг и да го почнам, па после ќе видиме. Ако му е судено ќе го има. Ако не, ќе чекам да му дојде моментот.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG