„Венецијански трговец“ од Шекспир, во режија на Наташа Поплавска, а во изведба на Драмски театар, го отвора официјално годинешниот Македонски театарски фестивал „Војдан Чернодрински“ во Прилеп. Годинешен лауреат на наградата за животно дело е академик Митко Маџунков. А, за престижните награди во ова 52 фестивалско издание, во конкуренција ќе се натпреваруваат вкупно 12 театри и исто толку претстави, по избор на уметничкиот директор на Фестивалот, Петар Темелковски.
„Повеќе од сто години, уште од времето на Чернодрински, па наваму во Македонија секој пат имало многу, многу талентирани театарски творци. Така што и оваа година публиката ќе ужива во нивните остварувања. Има претстави од сите жанрови скоро, театрите се потрудиле и направиле многу добри содржини“, вели уметничкиот директор Темелковски.
Половина од претставите ќе се играат на сцената од центарот за култура „Марко Цепенков“, а останатите шест претстави на старата, руинирана сцена во театарот „Војдан Чернодрински“, којшто и годинешното фестивалско издание го пречека со старо руво. Објектот се распаѓа, покривот во зима прокиснува, просториите се греат на огревно дрво, и нема видливи ефекти од парцијалната реконструкција пред неколку години.
Директорот на центарот за култура, во чии рамки функционира театарот вели дека со години барале од Министерството за култура, изградба на нов современ објект. Дури понудиле три опции, доградба на објектот од центарот за култура, изградба на нов објект во паркот наспроти сегашниот театар и третата варијанта изградба на нов објект на просторот од сегашниот театар, што според директорот Чатлески е најповолна.
„Затоа што тука бил 66 - 67 години театарот и може да се направи прекрасен проект во рамки на тој дел, зашто тука било и првото кино. Од 1917 година тој е објект на културата во градот“, објаснува Чатлески.
Зошто изминатава деценија од владеењето на ВМРО-ДПМНЕ бараната инвестиција не е одобрена, а во меѓувреме трошени се огромни суми на велелепни објекти, само од сферата на културата е прашање за посебна анализа. Но, факт е дека театарската екипа на градот домаќин маки мачи при подготовки на секој проект.
„Центарот за култура бараше нов театар, затоа што Прилеп заслужува театар. Затоа што најдобрите успеси ги оствари прилепскиот театар и мислам дека заслужува нов театар. Барањето ни е доставено наназад многу години“, забележува Чатлески.