Избор или судбина? Судбината како избор. Често можеме да чуеме - Секој има своја судбина. Така било пишано. Што е тоа судбина? Дали е тоа невидлива сила која ги диригира нашите животи без наша воља? Дали е тоа нешто однапред решено над кое ние немаме вистинско влијание? Или пак ние сами ја испишуваме својата судбина со секоја наша одлука?
Ова најнапред ќе го забележи во своето писание во пресрет на премиерната изведба на ,,Леонс и Лена“ на тетовскиот театар што треба да се обистини оваа сабота, на 19 август, во 20 часот, во Центарот за култура „Иљо Антевски Смок“, режисерката Драгана Таневска.
Таа дополнува дека тоа се и основните прашања кои Бихнер ги поставува во својата единствена комедија. Вели дека текстот со својата бајковитост и симболика всушност на многу лесен и ненаметлив начин отвара големи филозофски теми, за да потем констатира дека во нивната поставка на текстот, со неколку интервенции, тие се обиделе да ги обработат ралациите „вистинска љубов-страст, родител-дете, власт-одговорност, судбина-избор“.
„Приказната која што ја раскажува нашата претстава е приказна на секој човек. Тоа е вечната дилема помеѓу судбината, она што на некој начин ни е пишано и она што е наш личен избор. Дали може да се избегне од судбината, дали може таа да се промени. Говориме за начинот на кој ние можеме да направиме некои лични избори и така го избереме својот пат. Се прашуваме дали тие наши избори можат да влијаат на она што е судбина“, вели таа.
Таневска, која патем е вработена во НУ Театар Струмица и е меѓу основачите на Театар Фабрика, а досега на различни сцени ги потпишала претставите „Будење на пролетта“, „Огнено лице“, „На пат околу светот“ и „Вртелешка“, дополнува дека притоа за нив како екипа од особено значење била и темата на општеството. Всушност сите општествени кодекси и шаблони што тоа ни ги наметнува и колку притоа, како нивна спротивност, можеме да се доведеме во состојба да ги избегнеме.
Од таму, појаснува дека дејството на пиесата е сместено во две кралства - Попо и Пипи каде што кралевите ги спремаат своите деца Леонс и Лена да се венчаат и да ги наследат троновите. А, младите водени од своите идеали се противат на одлуката за договорен брак и бегаат од дома. Леон бега затоа што сака да го искуси животот без одговорност, животот во кој не треба да се прави ништо. Во неговиот пат во кој преку ништото ја бара смислата тој е придружуван од неговиот најдобар пријател, неговото второ - јас, Валерио.
Во исто време од кралството Пипи бега и принцезата Лена во потрага по вистинска љубов, поетска и возвишена љубов. Бегајќи од својата судбина, од она што за нив било одредено и испланирано, тие се сретнуваат и се вљубуваат без да знаат кои се. И така бегството ги води до самиот почеток, тие го сакаат бракот од којшто првично бегаат.
И овде, како што ќе констатира режисерката, сè се сведува на прашањето дали тие мораа да се сретнат за да се исполни нивната судбина, или пак нивната судбина е нивниот животен пат кој што тие сами го бираат во моментот кога бегаат од дома.
Инаку, во комедијата, освен Ѓорѓи Нешковски и Слободан Трендов, актери од Театар Тетово, како гости играат и нивните колеги Марко Богдановски, Никола Наковски и Александра Михајловска од Куманово и Марија Петреска од Прилеп.
„Во претставата „Леонс и Лена“ ја толкувам улогата на кралот Франц, таткото на Лена, кај кого постои конфликтот со релациите родител-дете, власт и одговорност. Останува публиката, вистинските љубители на театарот да дојдат и да видат дали е сето тоа избор или судбина. Мислам дека оваа пиеса е добро, вистинско освежување во овие летни горештини“, ќе рече Трендов.
Актерот појаснува дека во Тетовски Театар во изминативе три години на македонски јазик се поставени уште и „Чернодрински се враќа дома“ од Горан Стефановски во режија на Дамјан Читкушев и „Павилјон 6“ од Чехов како проект на Ѓорѓи Ризевски. Сепак истакнува дека тие, како вистински професионалци, не губат верба оти во периодот што следува сцената вистински ќе заживее и ќе успее да понуди проекти кои ќе го разбудат вниманието не само на тетовската туку и воопшто македонската театарска публика.